Постои големо непознавање кај граѓаните за тоа што претставуваат двата регулатора во сферата на медиумите и на електронските комуникации и за тоа кои се нивните надлежности, но и значителна недоверба во нивната независност, односно граѓаните ги гледаат нивните раководни органи како поставени од партиите, одбележаа некои од презентерите на завршниот извештај за мониторингот на работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Во изминатите 18 месеци, „Евротинк“ во соработка со „НВО Инфоцентар“, „Транспарентност Македонија“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права ја следеше работата на двете агенции, како и перцепциите на јавноста за нив. Притоа беа направени и пет квартални извештаи, заокружени со финалниот, што се презентираше денеска во Скопје.
Според Абасадорот на Обединетото крластво во Макеоднија, Чарлс Гарет, иако на почетокот на проектот, финансиран од амбасадата на Велика Британија, постоела одредена недоверба во поглед на институциите, тие потоа почнале одлична соработка со спроведувачите на набљудувањето, што е за пофалба - пренесува новинската агенција МЕТА во своето известување.
Директорот на АЕК, Сашо Димитријоски, и директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, рекоа дека од соработката со граѓанските организации дошле до увид за одредени проблеми, што довело до подобрување на нивната работа. Како што истакнаа презентерите, за пофалба е што АЕК, за разлика од ситуацијата кога донираше пари за Панорамското тркало на ЈСП, ја прекинала таквата практика.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, зборувајќи за измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е веќе во собраниска процедура, истакна дека треба тој да донесе професионализација на Советот на ААВМУ и на Програмскиот совет на МРТ, за конечно политиката да ги тргне рацете од медиумите.
Тој нагласи дека Владата се зафатила со главните аспекти на медиумските реформи и порача дека е потребен дополнителен ангажман на сите, за медиумската сфера да биде контролирана од саморегулацијата, а не од државата и политичките структури.
Процесот на избор на кандидати за кое било од регулаторните тела ќе биде јавен и транспарентен. Граѓаните ќе знаат пред да се изврши изборот кои се кандидатите, а не отпосле“, изјави Манчевски. Тој говореше дека во процедурата на избор ќе бидат вклучени сите со надзорна расправа во Сорбанието. Дел од излагањето на Министерот достапен е и во видео записот на новинската агенција МАКФАКС.
Веб порталот А1 ОН пренесува дел од изјавата на Министерот дека регулаторите мизерно потфрлија како и фактот дека дел од членови на советот на Агенцијата како и ан Комисијата на АЕК се поранешни партиски функционери и се в роднински врски.
Тој рече дека овие тела мора да бидат составени од независни експерти, бирани под надзор на јавноста – пренесува и ТВ НОВА
-Да не го игнорираме големиот бел слон во собата, и да заборавиме дека голем дел од членовите на Советот и на АВМУ и МРТВ се партиски членови, и со тоа дел од проблемот, нотиран во сите релевантни извештаи. Крајно време е партиите да се тргнат од регулаторните тела. Тоа се предвидува со измените во Законот. Членовите ќе се избираат јавно и транспарентно, граѓаните ќе бидат запознаени со нивните кандидатури, и Собраните ќе биде принудено да ги избере најпрофесионалните кандидати, посочи Манчевски.
Новинската агенција МАКФАКС исто така споделува и дел од анализата на „Евротинк“, НВО Инфо-центар, „Транспарентност Македонија“ и Хелсиншкиот комитет во проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите PROformance Watch. Мнозинството граѓани не чуле за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и на Агенцијата за електронски комуникации, покажа истражувањето на јавното мислење за работата на овие две институции.Високи 77 отсто од испитаниците одговориле дека не чуле за Агенцијата за медиуми, а 62 отсто за Агенцијата за електронски комуникации. Билјана Бејкова од НВО Инфо-центар рече дека еден од најголемите предизвици е овие две институции да бидат независни од сите партиско-политички центри на моќ. Горан Лазаров од Евротинк изјави дека треба да работи на промоција на надлежностите на овие институции бидејќи граѓаните не се доволно запознати со работата на овие институции и треба, а некои од оние што ги знаат надлежностите често ги мешаат – пренесува МАКФАКС.
Телефонската анекта Е спроведена во периодот од 2 март до 23 март на репрезентативен примерок од 1.043 испитаници со +/-3,03 отсто маргина на грешка
Според проф. д-р Снежана Трпевска, експерт за медиуми, која говореше во вториот панел, со медиумските реформи се доцни, а ќе биде потребен голем ангажман за да се средуваат работите во медиумскиот сектор во иднина.
Според последната анкета за ААВМУ и АЕК спроведена во март со 1.043 испитаници, поголемиот дел од граѓаните или не се запознаени со тоа што претставуваат агенциите и нивните надлежности или пак дури и ги мешаат нивните надлежности, па сметаат дека, на пример, АЕК треба да ги регулира медиумите, а ААВМУ да ги заштитува корисниците од телекомуникациските оператори, иако, всушност, вистината е токму спротивното.