Новинарот Зоран Бојаровски утринава добил заканувачка порака по неговиот живот и по безбедноста на неговото семејство, од корисник на Фејсбук. Како што известува Плусинфо, заканата пристигнала откако Плусинфо и весникот „Слободен печат“ објавиле колумна на Зоран Бојаровски за митовите и заблудите на самопрогласувањето на автокефалијата на МПЦ.
Бојаровски настанот го пријавил во полицијата, а ги известил и претставниците на ОБСЕ во Македонија.
„Исто така, за целиот овој настан ги известив и колегите од Здружението на новинарите на Македонија. Она што како лично чувство морам да го искажам е дека сум прилично вознемирен. Ова е уште една од серијата, во последно време, сосема отворени и грозоморни закани по слободата и слободните луѓе во Република Македонија. Се надевам дека полицијата ќе ја изврши својата задача достојно на нивните овластувања зашто сакам да верувам дека живееме во земја во која владее правото и во која нејзините граѓани се еднакви во заштитата на нивните слободи, вклучувајќи го и правото на слободно изразување“ – објаснува Бојаровски во изјава за Плусинфо.
Целосниот текст на прилогот можете да го прочитате тука.
извор: Плусинфо