Во организација на студентската иницијатива „Студентски пленум“, повеќе од две илјади студенти маршираа против воведувањето државен испит во втора и четврта година на сите државни и приватни универзитети.
Двочасовниот студентски марш „Заедно против екстерното тестирање на факултетите“ тргна од платото пред Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, помина пред Владата на Република Македонија, а заврши пред Министерството за образование.
Извикуваа „Ние сме студенти, не сме клиенти“, „Доста беше молк“,Образованието е право, а не привилегија“ и предупредија дека овој масовен протест е само почеток. Студентите побараа автономија на универзитетот.
Масовниот протест се организираше по најавите Владата и на Министерството за образование за нови реформи во високото образование со цел да се контролира квалитетот на работа на факултетите преку испитување на знаењето на студентите. Според најавите студентите на сите државни и приватни универзитети во земјава ќе треба да полагаат државен испит на крајот на втората и четвртата година од студиите.