Првиот извештај го опфаќа периодот, од 1 февруари до 14 април 2009 година (секој понеделник и четврток - телевизии; секој вторник и петок – дневни весници).
Предмет на анализа се написите во седум дневни весници (Утрински весник; Дневник; Вест; Вечер; Време; Нова Македонија и Шпиц) и централните информативни емисии, на седум телевизии со национална и сателитска концесија (А1; Канал 5; Сител; Телма; МТВ 1; Алфа и Алсат).
Во информирањето на медиумите за евроинтегративните процеси доминираа пет теми: претседателските и локалните избори, спорот за името со Грција, визната либерализација, инструментот за претпристапна помош ИПА и воопшто, проширувањето на ЕУ.
Главните констатации на мониторингот се:
- Медиумите за време на Претседателските и локалните избори 2009 известуваа коректно и избалансирано, и обезбедија доволно информации за јавноста да може да донесе компетентна одлука дали и за кого ќе гласа. Во медиумите имаше доволно коментари и анализи за тоа дека изборите освен што беа без инциденти и во целина ги задоволија меѓународните стандарди не е беа докрај фер и демократски, како што всушност и гласеше во целина деветтиот репер на ЕУ.
- И овој мониторинг на медиумите покажува дека во македонското новинарство отсуствуваат истражувањето и анализата. Новинарите најчесто само пренесуваат информации за настани и процеси, како и изјави на политички и општествени субјекти. Во овој мониторинг, на пример, концентрацијата на извештаи, коментаторски извештаи, изјави и вести е дури 92.2%, наспроти 3% коментари односно 0.4% анализи.
Едновремено, мониторингот покажа дека во информирањето на медиумите се уште се присутни грешки, за кои најверојатно постојат различни причини, како на пример: незадоволително ниво на познавање и разбирање на евроинтеграциите; несоодветни и нерелевантни извори на информации; затворени односно недостапни извори на информации, недостиг од време, но и капацитети за истражување и анализа; уредувачката политика и потребата на редакциите новинарите да следат повеќе теми во исто време што оневозможува компетентна новинарска специјализација за определена област.
- Во недостиг од дебата и соочување на кандидатите, медиумите беа про-активни и се обидуваа да поттикнат дискусија за неколку суштински проблеми. На пример, во текот на изборната кампања доминираше прашањето за името, а новинарите инсистираа претседателските кандидати да го соопштат својот став за овој проблем.
- Имајќи ја предвид сензитивноста на прашањето за спорот со името и доверливиот карактер на пакетот што го нуди преговарачот на ООН, медиумите de facto немаат пристап до официјални информации. Оттука произлегува заклучокот дека јавноста го креира своето мислење за ова важно прашање единствено под влијание на изјавите на претставниците на македонските и грчките власти. Анализата на содржината на текстовите кои беа предмет на набљудување во овој период покажува дека во Македонија отсуствува каков било консултативен процес и дебата за прашањето за спорот со името.
- Во отсуство на детална анализа на содржината на документот со којшто се дефинирани чекорите кои Република Македонија треба да ги направи за да добие визна либерализација, јавноста остана без јасна, прецизна и релевантна информација за целиот визен процес. И во овој контекст идентификуваме недостиг од новинарски анализи и коментари за тоа која е динамиката на настани што треба да се случат за да се заокружи процесот на визна либерализација.
- Во обид да информираат за текот и динамиката на визната либерализација медиумите беа фокусирани исклучиво на пренесување изјави од владини претставници, при што некои од медиумите нецелосно и непрецизно информираа за процедурата за добивање визна либерализација. Најчесто изворот на информацијата не може точно да се одреди, па оттука и неможе да се заклучи дали овие непрецизности се резултат на погрешни информации кои ги изнеле консултираните владини претставници или пак, се работи за погрешна интерпретација од страна на авторите на текстовите.
- Како и во претходните изборни циклуси, така и за време на овие избори најмногу се злоупотребуваше прашањето поврзано со европските фондови. Пораките дека финансиската поддршка и ИПА фондовите за општините ќе бидат загарантирани ако тие се водени од градоначалници поддржани од Владата претставуваат дезинформации на кои реагираше Европската унија.
- Медиумите професионално ја информираа јавноста за Извештајот на Европскиот парламент, но фактот што тој беше разгледуван надвор од политиката на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан (како впрочем и ИПА инструментот) укажува на фактот дека се уште кај новинарите постои недоволно разбирање на процесот низ кој поминува Македонија на патот кон ЕУ. Во прилог на оваа констатација одат и бројните новинарски грешки присутни во информирањето за ЕУ воопшто.
Мониторингот на медиумите, во рамките на проектот „Време е за ЕУ“ продолжува. Вториот извештај ќе биде објавен во кон крајот на август годинава.
Мониторинг на медиуми – Време е за ЕУ, извештај бр. 1 (529KB)