НВО Инфоцентарот, во рамките на проектот „Медиумско огледало“, спроведува квалитативно набљудување на медиумите, фокусирано на начинот на кој тие ја информираат македонската јавност за текот на Претседателските и Локалните избори 2009.
Во набљудувањето се опфатени шест дневни весници (Вечер, Време, Дневник, Утрински весник, Коха, Нова Македонија) и централните информативни емисии (вести) на шест ТВ куќи на национално ниво (ТВ А1, ТВ Канал 5, МТВ 1, ТВ АлСат-M, ТВ Сител и ТВ Телма). Платената политичка пропаганда и политичките митинзи не се предмет на мониторинг и анализа. Селекцијата на набљудуваните медиуми е лимитирана поради ограничените финасиски и технички капацитети на НВО Инфоцентарот.
Првичната анализа на медиумското покривање на Изборите 2009, во периодот од 23 февруари до 7 март 2009, односно една недела пред официјалниот почеток на изборната кампања и една недела од официјалниот тек на изборната кампања, покажа дека mедиумите, својата критичка острица ја носичија главно кон Владата и нејзиното несоодветно поведение.
Повеќето медиуми констатираа непринципиелно мешање на Владата во официјалниот дел на изборната кампања, и тоа во полза на претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов и на кандидатите на локално ниво од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Според новинарите, применувајќи го моделот што го практикуваше на минатогодишните предвремени парламентарни избори и „милијардата на Васил Тупурковски“ од изборите во 1998 година, Владата направи своја комбинација за изборна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, ветувајќи инвестиции од дури 8 милијарди евра. Репортерските камери и фотоапарати, во речиси сите медиуми, постојано го забележуваа владиниот врв во улога на протагонист на настани типични за предизборна кампања, а беа забележани и министрите како агитираат за некој од градоначалничките кандидати на ВМРО-ДПМНЕ.
Медимуите многу повеќе ја критикуваа Владата поради нејзиното директно влијание врз изборната кампања и претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, поради неговото нестандардно поведение и реторика, отколку претседателскиот кандидат на СДСМ, Љубомир Фрчковски, и опозицијата воопшто. Новинарите очекуваа од претседателските кандидати да имаат јасна позиција и јасен став за тоа дали Македонија треба да направи компромис со Грција за името на државава. Повеќето медиуми го одобруваа, според нив, директниот и јасен став за спорот со името на Фрчковски и го критикуваа Иванов, за колебливоста и нејасноста во врска со ова прашање.
Според медиумите, Владата со постојаните медиумски кампањи ја спинувареалноста и ја прикрива вистината за неповолната меѓународна положба на Македонија. Власта се повеќе запаѓа во немилост кај новинарите кои истакнуваат дека таа невешто се обидува да ја избегне одговорноста за последиците што ги трпи државата поради „антиквизацијата“. Медиумите ја критикуваат Владата дека со својата политика предизвика поделба во општеството на таканаречени „македоноиди“ и „славјани“, односно на „изолационисти“ и „интегративци“. Затоа, повеќето коментатори не го прифаќаат обидот на власта да се амнестира себеси од одговорноста за настанатата состојба во општеството.
Поголемиот дел од новинарите се согласни во оцената дека во Македонија има и политичка и економска криза, како и дека власта нема политички капацитет да се справи со проблемите на државата. Според нив, иако рејтингот на власта е се уште висок, сепак, граѓаните се повеќе ги интересира и тоа какви решенија нуди опозицијата.
Медиумите, чии сопственици се партиски активни и блиски до владејачката коалиција, отстапија широк информативен простор за прилози во кои директно или индиректно се афирмираат активностите на Владата. Оттука, на моменти не беше јасно што од прикажаното е партиска кампања на ВМРО-ДПМНЕ, а што е владина кампања. Со пристрасното и пропагандистичко информирање, јавноста има впечаток дека овие медиуми се всушност коалициски партнери на власта.
НВО Инфоцентарот, до крајот на април, ќе објави уште две анализи за информирањето на медиумите за време на Претседателските и Локалните избори 2009.
Медиумско огледало – Избори 2009, извештај бр. 1 (538KB)