Nesakani-dejstva-Izjava-2

Вакцините против Ковид-19 и несаканите дејства

на сеп 1, 21 • од

Во Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД, заклучно со јуни 2021 година, пристигнати се вкупно 155 пријави за несакани дејства од вакцините против Ковид-19. Но, ниту еден од вакцинираните граѓани немал сериозни последици, ниту пак, има починати како последица од примената вакцина...
Pin It

Home » Активности, Анализи, Важни, Ковид Имунометар » Вакцините против Ковид-19 и несаканите дејства

Несаканите реакции се во рамки на очекувањата

Авторка: Маја Јовановска

 

Вакцинацијата во Република Северна Македонија започна на 17 февруари годинава, кога прв беше вакциниран медицинскиот персонал од Клиниката за инфективни болести во Скопје. Оттогаш, за шест месеци, аплицирани се околу еден милион дози од пет различни вакцини – Фајзер, Спутник В, Астра-Зенека, Синофарм и Синовак. Во Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД, заклучно со јуни 2021 година, пристигнати се вкупно 155 пријави за несакани дејства од вакцините против Ковид-19. Но, ниту еден од вакцинираните граѓани немал сериозни последици, ниту пак, има починати како последица од примената вакцина.

Nesakani-dejstva-Izjava-2

Во недостиг од вакцини за широка имунизација во земјава, многу македонски граѓани, во март, заминаа во Србија каде беше дозволена вакцинација на странски државјани. Македонските граѓани тогаш главно се вакцинираа со вакцината Астра-Зенека. На 28 март, српските медиуми објавија дека на еден македонски граѓанин, на возраст од 73 години, му се слошило по примената вакцина во Ниш и дека паднал во кома.

Македонскиот граѓанин беше докторот пулмолог Анѓелко Ѓорчев. Тој по една недела почина, а српските здравствени власти ја елиминираа вакцината како причина за смртта.

Срцева слабост доведе до коматозната состојба на човекот од Северна Македонија, а не вакцината која ја прими. Изгубил свест во текот на вакцинацијата, среде срцев застој во текот на самото аплицирање на вакцината. Невозможно е  која било состојка на вакцината толку брзо да стигне до целиот организам и да предизвика колапс на целиот систем“, изјави директорот на Клиничкиот центар во Ниш, Зоран Перишиќ.

На крајот на март, по примена доза на Астра-Зенека, во Србија, една 28-годишна девојка беше хоспитализирана на Клиниката за хематологија во Скопје. Десет дена по примањето на вакцината кај девојката се развила тромботична реакција. Таа претходно немала никакви хронични заболувања. Директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска Ставридис, вели дека младата пациентка имала симптоми на тромбоза на очната вена, високи Д-димери и екстремно ниски вредности на тромбоцити.

Оваа состојба денес стручнот свет ја нарекува имуна тробоцитопенична тромбоза, индуцирана од вакцина против Ковид-19 и преставува  новоопишан синдром на тромбози предизвикани од имунолошки оштетени тромбоцити, чии вредности дополнително се ниски, а се јавува како последица на имунизација со вакцината против Ковид-19 на Астра-Зенека и Џонсон-Џонсон. Оваа состојба е многу ретка и од април се наоѓа на листата на несакани ефекти на овие две вакцини, со инциденца од 1 на 125.000  до 1 на 1.000.000 вакцинирани лица“, објаснува докторката Пановска Ставридис.

Директорката на Клиниката за хематологија вели дека во моментот кога пациентката била хоспитализирана тромботична реакција како несакан ефект по вакцинација против Ковид-19 во стручната литература била наведена како „можна“.

„Пациентката беше многу брзо стабилизирана, невролошката симтоматологија веднаш се повлече, а вредностите во крвта се нормализираа. Таа денес нормално живее, здрава е, лекувањето е завршено и не прима повеќе терапија. Досега во светот има само уште една опишана офталмична тромбоза асоцирана со вакцина против Ковид-19. Горда сум што овој многу редок случај е публикуван во реномирано медицинско списание и нашето искуство е признаено и достапно за меѓународната стручна медицинска јавност“, изјави Пановска Ставридис.

Nesakani-dejstva-Izjava-1Таа им порачува на граѓаните дека несаканите ефекти по вакцинирањето претставуваат очекувана и нормална појава. Тие всушност се знак дека дозата што сме ја примиле поттикнала создавање антитела во нашето тело. Луѓето не треба да се плашат, бидеќи симтомите најчесто траат 2 до 3 дена и поминуваат сами од себе.

Болка во раката – најчесто пријавена реакција од граѓаните

Лекарите кои се наоѓаат на вакциналните пунктови ги информираат сите граѓани по примената доза на вакцина против Ковид-19 за можните несакани дејства. Најчесто тоа се болки во раката, покачена температура, треска, малаксаност, болки во мускулите и зглобовите. Препораката е да се пие таблета за покачена температура над 38,5 целзиусови степени и аналгетик.

„Се вакцинирав со вакцината Спутник В, а пред неколку месеци го имав прележано вирусот. Мислев дека ќе немам поголема реакција. Но, после првата доза кренав температура 38 C, имав треска, болка во раката и бев малаксана два дена. Не се напив ниту едно апче, бидејќи сите овие реакции ми беа посочени од докторката во салата „Борис Трајковски“. Третиот ден веќе немав никакви проблеми.“, вели едан 45-годишна скопјанка која сака да остане анонимна.

Дел од граѓаните и здравствените работници пријавуваат несакани дејства по примената вакцина. Во МАЛМЕД заклучно со јуни пристигнале вкупно 155 пријави. Според нивната статистика, пријави има за сите вакцини кои се аплицираат во државава – Фајзер, Астра-Зенека, Спутник В, Синофарм и Синовак.

Сите пријавени дејства се наведени во упатствата за употреба на вакцината, што значи дека се предвидени. Најмногу или 61 пријава имало за треска. Потоа за малаксаност (44), главоболка (39), болки во мускулите (31), покачена температура (22), гадење (20), вртоглавица (17), болка во екстремитетите (16), болка (14), болка на местото на апликација (11).

Многу повеќе несакани реакции пријавиле жените или вкупно 107. Според возраста најголем е бројот на лицата од 18 до 44 години. Од возрасната група 45 – 64 години има 55 пријави. Кај постарите лица, од 65 до 74 години, има 5 несакани дејства, а кај оние над 75 години имало 14 случаи.

Несаканите реакции почести после првата доза

Повеќе од половина од пријавите до МАЛМЕД пристигнале од матичните лекари или вкупно 81. Пријавувањето несакани реакции е законска обврска за здравствените работници.

„Матичниот лекар е задолжен да ги пријавува сите несакани ефекти од вакцината преку образец за пријавување на интернет страницата на МAЛМЕД.“, вели докторката Моника Јариќ-Бојкоска од ПЗУ Ортомедика – Прилеп.

Од досегашното искуство на матичните лекари најчести несакани дејства има по примањето на прва доза од вакцината. Пациентите главно се жалат на малаксаност, лесно покачена температура до 38 степени, како и  оток, црвенило или болка на местото на убодот, вели докторката Светлана Стојкова од Скопје.

„Овие симптоми се појавуваа почесто после примена прва доза, но не можам да кажам од која вакцина најчесто. Во периодот кога имаше голем број заболени имаше едукативни предавања онлајн  од страна на Министерството за здравство, Институт за јавно здравје и МАЛМЕД за квалитетот на вакцините, начинот на нивното дејство и секако несаканите дејства од нив. Во тие предавања беше објаснето како да се пријавуваат несаканите дејства и како да се следат“, вели докторката Стојкова.

Нејзината колешка од Охрид, д-р Ружица Ангелеска, објаснува дека најчесто несакани реакции кај нејзините пациенти имало од Спутник В, после втората доза, меѓутоа не може да се каже со сигурност, зашто тоа зависи и од процентот на вакцинирани пациенти со таа вакцина. Таа сите пријави од граѓани ги доставила до МАЛМЕД.

„Пријавувањето се врши електронски на образец што е објавен на интернет страницата на Агенцијата https://malmed.gov.mk/пријави-за-лекови-и-мед-средства/ или во пишана форма преку писарницата на Агенцијата за лекови и медициснски средства, како и до ЈЗУ Институт за јавно здравје. Дополнително, покрај пријавување до Агенцијата за лекови и медицински средства, здравствените работници треба да пријават несакана реакција од вакцината како поствакцинална компликација после имунизација до Центарот за јавно здравје за своето подрачје, а копија од образецот се доставува до епидемиолошката служба на ИЈЗ“, вели докторката Ружица Ангелеска од ПЗУ “Бона Вита” Охрид.

Како поретки несакани дејства по примена вакцина кои може да се јават се: црвенило на местото на апликација, гадење, дијареа, локално зголемени лимфни јазли. Пациентот може да не се чувствува добро, да има болки во рацете или нозете, несоница и алергиска реакција.

Директорката на Клиниката за хематологија објаснува дека несаканиот ефект на тромботична реакција по примена вакцина на Астра-Зенека е екстремно редок и во голема мера совладлив.

„Деновиве јавноста се разбранува поради смртта од Ковид-19 на лице кое се вакцинирало против Ковид-19. Сакам да појаснам дека и во идеална ситуација, кога сите би биле вакцинирани, сеуште за жал ќе има болни од Ковид-19, а некои од нив и ќе умираат. Ова не значи дека вакцините не се ефикасни. Напротив, податоците од литературата укажуваат дека и кај комплетно имунизираните, исходот може да биде хоспитализација или да завршат фаталмо. Но, со примени две дози вакцина, ризикиот од хоспитализација при инфекција, со доминантната делта форма, е намален за 96 отсто, а ризикот од смрт е 1:20 од ризикот за смрт на оние кои не се вакцинирани, согласно возраста и останатите коморбидитети“, порачува докторката Ирина Пановска Ставридис.

Сите пријавени несакани реакции се доставуваат во Упсала

МАЛМЕД заедно со претставници од Министерството за здравство  вршат прием на секоја увезена серија вакцини, при што се проверува дали се исполнети сите услови кои го обезбедуваат квалитетот и безбедноста на вакцините. Проверката ги опфаќа, и транспортот и складирањето на вакцините.

„Дополнително се прави стручна проценка на целокупната документација на вакцината во соработка со Институтот за јавно здравје со цел утврдување на квалитетот и безбедноста на истите и дури потоа се одобрува за употреба. Тоа е всушност воспоставена пракса за сите вакцини кои се увезуваат во нашата држава а не само за Ковид-19 вакцините“, ни изјавија од Агенцијата за контрола на лекови.

Во првите шест месеци од 2021 година, до МАЛМЕД стигнале вкупно 3.433 пријави за несакани реакции од лекови и вакцини, вклучително и оние 155 за вакцините против Ковид-19.

Infografik MALMED

МАЛМЕД ги обработува сите пријави и сомнежи за несакани реакции од лекови кои стигнуваат не само од здравствените работници, туку и од производителите на лекови, носителите на одобренија и пациентите.

„За подобра проценка на случаите и извлекување на релевантни заклучоци потребно е, доколку има  можност, на пријавата за несаканата реакција да се наведат што е можно повеќе податоци. Доколку за проценката на пријавениот случај ни се потребни дополнителни информации неопходно е да го контактираме пријавувачот. Затоа во пријавата задолжително мора да се пополнат полињата: Телефонски број за контакт и е-mail адреса“, велат од МАЛМЕД.

Секоја пријава за несакано дејство на некој лек се чува во националната база на податоци, но се проследува и во заедничката глобална база на податоци – VigiBase во Мониторинг центарот Упсала во Шведска.

МАЛМЕД има потпишано договор за соработка со глобалната електронска база на податоци за несакани дејства на лекови, на Светската здравствена организација (СЗО) и сите пријавени несакани реакции во државава се доставуваат до овој светски центар.

Мониторинг центарот во Упсала (UMC) е независна, непрофитна фондација и центар за меѓународни услуги и научни истражувања. Основана е во 1978 година како Центар за соработка на Светската здравствена организација за меѓународен мониторинг на лекови.

Повеќе од 40 години оваа интернационална мрежа собира и анализира пријави за несакани дејства на лекови од сите краишта во светот, и со своето искуство и експертизи им помага на земјите-членки во носењето значајни одлуки за проценка на ризикот при примената на лековите и вакцините.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top