Куманово-и-Крива-паланка

Урбанизмот во Куманово и Крива Паланка – извор на граѓанско незадоволство и сомнежи за корупција

на јун 27, 22 • од

„Синот е вработен во секторот за урбанизам, а таткото има градежна фирма и е инвеститор на станбени згради. Дали е ова судир на интереси и дали ова не претставува сомнеж за ризик од влијание и корупција во урбаната сфера?“ Вакво прашање постави еден од учесниците во онлајн анкетата на Куманово њуз, посветена на искуствата и [&hellip...
Pin It

Home » Активности » Урбанизмот во Куманово и Крива Паланка – извор на граѓанско незадоволство и сомнежи за корупција

Куманово-и-Крива-паланка

Синот е вработен во секторот за урбанизам, а таткото има градежна фирма и е инвеститор на станбени згради. Дали е ова судир на интереси и дали ова не претставува сомнеж за ризик од влијание и корупција во урбаната сфера?“ Вакво прашање постави еден од учесниците во онлајн анкетата на Куманово њуз, посветена на искуствата и ставовите на граѓаните за тоа дали има корупција во урбанизмот во Куманово и во Крива Паланка.

01Во истражувањето што го спроведовме од 7 до 15 јуни годинава, учествуваа вкупно 60 граѓани од двете општини. Тие јасно ја изразија својата недоверба во институциите, главно заснована врз лично искуство, а укажаа и на присуството на корупција во урбаната сфера.Граѓаните посочија дека се соочиле со поткупливи, непрофесионални и неодговорни службеници. На 46,7% од испитаниците им било побарано мито за да добијат позитивен исход при остварување на своите права. Според резултатите од анкетата, најзасегнати од овој проблем се жителите на Куманово (86.7%), што е можеби и разбирливо, бидејќи станува збор за најголема општина во државава, која континуирано се соочува со бројни проблеми во урбанизмот и просторното планирање.

Како што наведуваат граѓаните, во коруптивните шеми вклучени се службеници, инспектори, инвеститори, посредници, па дури и лица од највисоките општински раководства. Тие велат дека мито се бара за добивање дозволи за градба, за побрзо издавање решенија, за изготвување „добар“ записник“, за промена на урбанистичка документација, легализација на дивоградби и др.

Еве неколку примери на лични искуства на учесниците во анкетата:

„Ни побараа, преку посредник, по 3000 евра од станар за потпис за доградба.“

„За објект до Зелен пазар ни рекоа или 10.000 евра или уривање.“

„Побараа по 100 евра за да дојде веднаш геодет и да се изготви побргу решение.“

„За дозвола за градба повеќепати бараа мито од нашата фамилија.“

Индиректно ти бараат пари, те моткаат за предмет, бараат во јајце влакно, те праќаат кај нивни проектанти, губат елаборати...“

Граѓаните велат дека најчесто поткуп се бара преку посредници, но и со притисоци. Овој процес вклучува, од честење ручек, па се до давање пари, злато, станови, автомобили, одмори и др. Дел од граѓаните јавно ги посочуваат и лицата вклучени во коруптивните зделки, кои ја поткрепуваат добро познатата спрега локални власти – посредници – инвеститори. Неретко овие актери се во меѓусебни роднински или блиски бизнис врски, со можен односно реален конфликт на интереси.

Но, иако граѓаните посочија конкретни примери за корупција, сепак никој од нив не прифати јавно да посведочи за случаите, за да може да се потврди нивната веродостојност. Исто така, тие ретко или никогаш не ги пријавуваат ваквите случаи до надлежните органи. Само еден од учесниците во анкетата пријавил корупција. Испитаниците наведуваат различни причини зашто не пријавуваат корупција кога ќе се соочат со неа – од недостиг на докази и сведоци, до страв дека доколку пријават ќе си нанесат штета. Ваквото поведение на граѓаните покажува дека тие немаат доверба во институциите кои треба да ја спречат и санкционираат корупцијата, но и дека се некогаш подготвени, а некогаш приморани да учествуваат во коруптивните спреги, доколку тоа им помогне во решавањето на проблемот со кој се соочуваат.

И од општина Куманово велат дека досега немаат пријави од граѓани за злоупотреби на службената должност или коруптивни дејствија, и ги повикуваат граѓаните доколку имаат такви сознанија и докази веднаш тоа да го пријават.

„Секој граѓанин може да пријави случај ако смета дека има прекршување на некој закон, престап или се одлговлекува законскиот период за издавање одобрение. Постои управен инспектор кој ја контролира работата на администацијата и доколку има приговор во однос на однесувањето службеник – странка, може тоа да го пријави, по што ќе се поведе постапка за утврдување на одговорноста. Доколку пак, има пријава за барање или изнудување корупција, тогаш тоа треба да се пријави во МВР и во судот“, посочува .Александар Гелевски, секретар во Општина Куманово.

 

Големите инвеститори над интересите на граѓаните

02Сомнежи за тргување со влијание и корупција, кај граѓаните се отвораат и поради долгите процедури и чекањето со години да им се решат предметите односно проблемите. Дури 88,3% од испитаниците имале потреба во последните 10 години да решат некој проблем од областа на урбанизмот. Една четвртина (26,4%) чекале на завршување на постапката три години, 18,9% биле заглавени во имотно-правниот лавиринт две години, 15,1% чекале до една година, а близу 15% чекале на решение во просек од 10 до 13 години. Регистриран е и случај на нерешен предмет цели 22 години, а дел од анкетираните посочуваат дека нивните проблеми се уште не се решени. Граѓаните се жалат на неодговорни интитуции и се сомневаат дека општините ги ставаат интересите на „големите“ инвеститори пред интересите на граѓаните“, што како одговор го добил еден од испитаниците од надлежен службеник.

Случајот на Ј.П. говори за нефункционалноста на локалните власти и надлежните институции во справувањето со хаосот во урбанизмот. Тој веќе 8 години не може да го оствари своето право и да изврши доградбата на станбениот објект за кој како што вели има, дозвола и платени комуналии. Причината за тоа е дивоградбата која ја изградил соседот, и со која навлегол во парцелата на Ј.П.

Дивоградбата е изградена додека бевме на одмор. Случајот веднаш го пријавив во градежната инспекција и во рок од еден месец, општината издаде решение за уривање на бесправно изградениот објект. Меѓутоа, и по 8 години тоа не е спроведено. Во еден период уривањето на дивоградбата беше на приоритетна листа, но до ден-денес не доби завршница, иако во прашање е доведена безбедноста на целиот објект. Сите овие години ни е нарушен мирот и сигурноста на семејството“, посочува нашиот соговорник.

Иако ги поминал сите општински и државни институции, тужел и добивал пресуди во негова корист, не успеал да го реши проблемот. Не помогнале ни бројните барања за постапување, поднесоци, заклучоци, извештаи и решенија. Пролонгирањето на извршувањето, општинските служби го правдале со немање средства, но Ј.П. се сомнева дека некој свесно не ја завршува работата. Поради неизвршувањето на решението, тој поднел тужба против општината, а случајот го пријавил и кај Народниот правобранител.

Од општина Куманово велат дека овој предмет е ставен во програмата за извршување, но дека пред него има постари предмети кои имаат приоритет, како и дека управните постапки се троми и дека граѓаните мора да имаат разбирање.

Во конкретниот случај се водеше и судска постапка во 2018 година и чекавме таа да се заврши. Извршувањето, сепак, зависи и од буџетот на Општина Куманово. За да ги реализираме сите решенија потребен е огромен буџет, бидејќи не може да се предвиди колку ќе чини извршувањето на еден предмет. Рамковно се предвидуваат буџети од 2 милиони денари и во рамките на тие средства извршуваме колку што ќе можеме. Тоа може да биде еден или повеќе предмети, се зависи од објектот, односно со какви проблеми ќе се соочи извршителот кога ќе излезе на терен“, вели Бобан Бојковски, раководител на Секторот за инспекциски надзор во Куманово.

Реакции за бавноста на локалната администрација и непрофесионалното постапување има и од други учесници во анкетата, кои велат дека „службениците се неодговорни или намерно ги одолговлекуваат постапките“.

Гелевски, пак, објаснува дека постапката за добивање дозвола за градење е регулирана со закон и дека таа, меѓу другото, вклучува собирање согласност од јавни претпријатија, понекогаш и изготвување заклучок за прекин на постапка доколку се констатираат недостатоци и др.

За целиот период странката смета дека предметот стои во општината, но дел од времето поминува кај проектантот на корекција или во некоја институција за собирање огласности. Така, целиот процес може да трае и до 3 месеци, меѓутоа не зависи само од работатата на општинските службеници, туку и од самиот подносител и од проектот кој се доставува. Имаме проекти коишто се одобруваат за најкраток временски рок, предвиден со закон“, објаснува Гелевски.

03Според учесниците во анкетата, најподложни на корупција се секторот за урбанизам (17,7%) и градежната инспекција (16,8%), а по нив следат одделенијата за спроведување на урбанистичка документација (15,9%), одделенијата за планирање и донесување урбанистичка документација (14,2%), градоначалниците (11,5%),Министерството за транспорт и врски (8,8%), катастарот (8,%), како и одделенијата за управување и документирање на градежно земјиште (5,8 %).

Најголемиот проблем кој ја поттикнува корупцијата, анкетираните го наоѓаат во поткупливите службеници (19,2%), потоа во партиското влијание и интереси (18,3%), бизнис влијанијата и интересите на инвеститорите (17,4%), недостигот од планска документација (13,4%), долгото чекање за решавање на постапките (12,5%), недореченоста на законите (10,3%), продолжувањето на законот за легализација (6,7%), како и нефункционалниот правен систем и самоволието во сите институции и на сите нивоа.

Дивоградбите – „вентил“ за граѓаните

Чекањето со години на завршување на постапките или остварување на правото од областа на урбанизмот, ги принудува граѓаните да посегнат по бесправно градење кое уште повеќе создава урбанистички хаос и отвора ризик од корупција.

Во Куманово и Крива Паланка има голем број дивоградби. Нелегално изградени објекти има и во другите општини во државава, но овие две општини се издвојуваат заради специфичните состојби во областа на урбанизмот.

Од 2013 година, општина Куманово се соочува со проблеми поради недефинираниот статус на шест приградски населби, на кои со закон им е одземен статусот на село, а не можат да добијат статус на градски населби, затоа што ги нема во генералниот урбанистички план (ГУП). Локалната самоуправа веќе 9 години нема издадено ниту една дозвола или решение за градба во населбите Карпош, Пуковско, Ајдучка Чешма, дел од Доброшане, Бабин Дол и Железничка станица. Заради ова, жителите градат дивоградби и на тој начин го решаваат своето станбеното прашање. Во овие населби има околу 30.000 жители, што претставува дури една третина од населението во општина Куманово.

Имам свое земјиште и сакам да градам куќа на синот, но од општината ми велат дека нема урбанистички план за нашата населба. Треба да чекам да се донесе нов план, а ова трае со години. Ако веќе не сме село, нека ни ги обезбедат правата кои ги имаат останатите граѓани. Вака сме ни на небо, ни на земја. Нè тераат да го кршиме законот и да градиме дивоградби, наместо да платиме и да си немаме проблеми со државата“, вели Г. М. од населбата Карпош.

Проблемот настанал кога со владина одлука биле укинати сите урбанистички планови за селата и за поголемите населени места. Општината добила задолжение да изработи нови планови и тоа го сторила за речиси сите села, но не и за приградските населби, бидејќи тие останале со недефиниран статус. Според Законот за територијална поделба, тие повеќе не се воделе како селски населби и биле префрлени во катастарската општина Куманово, но ги немало во ГУП на градот.

Тоа се т.н. сателитски населби за кои не можеме да изработиме ДУП, затоа што во законот нема рамка за просторно планирање и изработка на ДУП за населба. И нема основа на која можат да добијат документација за градба. Кога ќе се изработи новиот ГУП на Куманово, тогаш ќе се прошири градежниот опфат на градот и ќе се реши нивниот проблем“, велат урбанистите од општината.

Уште посериозна е состојбата во општина Крива Паланка, во која веќе неколку децении е речиси стопиран урбаниот и севкупниот развој. Причина за тоа е Коридорот 8, трасата на железничката пруга кон Бугарија, што го зафаќа десниот брег од градот. Општината се уште работи според ГУП од 1976 година, кој е нефункционален и не соодветствува на реалните потреби на граѓаните. Поради честите промени на железничката траса досега не можеше да се изготви потребната урбанистичка документација, односно да се подготви и донесе нов ГУП, но и деталните урбанистички планови. Токму заради тоа, на ова подрачје во општината има и најголем број дивоградби. Жителите не можат да го остварат своето право на градба и се решаваат за нелегално градење.

Ова е и една од најголемите причини за големиот број поднесени барања за легализација во општината. Од 2011 до 2021 година, поднесени се вкупно 5.030 барања за легализација на бесправно изградени објекти, од кои дел се решени, но за дел е потребно мислење од надлежните институции, поврзани со трасите на железничката пруга и автопатот кон Бугарија, како и за заштитните појаси на Коридорот 8. За објектите, пак, кои ја зафаќаат железничката траса, постапките за легализација се стопирани. Железничката инфраструктура зафаќа околу 70-тина објекти низ градското подрачје, меѓу кои дел и дивоградби, кои треба да се уриваат и за кои допрва ќе следува решение.

Надеж дава изготвувањето на новите ГУП-ови за Куманово и Крива Паланка, кои веќе се во фаза на изработка. ГУП-от за Куманово треба да биде донесен за две години, додека нацрт-планот за ГУП на Крива Паланка помина јавна расправа и се очекува да биде завршен до крајот на годината, со што се отвораат можности за изработка и на ДУП-овите.

Новиот генерален план е пофлексибилен, со помали блокови, вкупно 42 блока, со што се отвораат можности за побрза изработка на деталните планови и дефинирање на конкретни намени. Со тоа ќе се задоволат и потребите на граѓаните, кои навистина беа ставени во незавидна положба поради неизготвената урбанистичка документација на која се чекаше со години“, вели Маја Костадиновска, раководител на Секторот за урбанизам, сообраќај, заштита на животната средина и комунална инфраструктура.

Сепак, имајќи предвид дека оваа постапка е сложена и долгорочна, граѓаните ќе треба да почекаат уште извесно време додека планската документација биде донесена. Истовремено, и општините ќе трпат штети затоа што најголемите извори на приходи ги остваруваат токму од комуналните такси и другите давачки, а кои поради нерегулираниот статус на бесправно изградените објекти, не можат да ги ефектуираат.

Законот за легализација – меч со две острици

Имајќи ги предвид посочените проблеми, јавноста смета дека законот за легализација на дивоградбите и неговото продолжување е оправдано, но и дека придонесува за уште поголем урбанистички хаос кој им ја отвора вратата на урбаната мафија и на корупцијата.

Повеќе од половината испитаници (55%) сметаат дека овој закон ја поттикнува нелегалната градба, а 31,7 % се изјасниле дека тој отвора простор за корупција. Само 6,7% велат дека законот е делумно добар, а 3,3% дека е добар, додека останатите посочуваат дека оваа законска можност се злоупотребува од одредени службеници и нивно своеволно толкување.

Ваквите размислувања се темелат и на досегашното искуство од работата на инспекциските служби, кои не се независни од градоначалниците и општините, бидејќи тие се истовремено, и нивен работодавач и нивен налогодавач. Најголемиот дел од анкетираните, односно 78,3% сметаат дека инспекторите зависат од градоначалниците при извршувањето на инспекциите, додека 21,7% одговориле дека инспекторите самостојно одлучуваат при нивното постапување.

Не може еден инспектор да врши увид во работата на некое општинско јавно претпријатие, кое е под ингеренции на локалната самоуправа, а уште помалку да изрекува казни, ако се знае дека со тоа постапува директно против својата општина. Затоа, инспекторите се подложни на влијание од локалните власти, а често и на политички и бизнис интереси, кои се во спрега со општинските раководства. Тие треба да бидат самостојни во одлучувањето, ако ја сакаат довербата од граѓаните.“, сметаат нашите соговорници.

Со овој став се согласуваат и повеќето инспектори кои сметаат дека за да бидат независни и самостојни, локалните инспекциски служби треба да се рационализираат или централизираат на државно ниво.

Градоначалниците често реагираат на нашите инспекциски надзори кај одредени нивни политички и бизнис партнери или ,пак, блиски лица. Со тоа ни ги „врзуваат рацете“ и директно или индиректно не подложуваат на притисоци и влијанија. Од друга страна пак, и нас не прават подложни на непрофесионално извршување на работата, па дури и на незаконско постапување“, коментираат инспекторите со кои разговаравме.

Европската комисија во извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2021 година, меѓу другото констатира дека корупцијата е распространета во многу области и дека „останува прашање на загриженост“. Во поглавјето за „Реформа на јавната администрација“, во делот „Отчетност на администрацијата“ наведено е дека законската рамка за правото на граѓаните на административна правда е воспоставена, но дека „во практика, жалбените постапки остануваат тешки, сложени и долги, опфаќајќи неколку слоеви жалби и бројни повторувања на постапките…“. Во однос на борбата против корупцијата, ЕК дава препорака „земјата да продолжи со напорите за борба против корупцијата преку зајакнување на поддршката за релевантните тела, преку спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и преку обезбедување јасни насоки за политиките за државните институции“.

Корупцијата во урбанистичката сфера и нелегалната градба имаат длабоки корени и за нивно искоренување потребна е соодветна законска регулатива, неселективно спроведување на законите, интегритет и компетентност на надлежните институции, како и ефикасна и ефективна казнена политика.

 

Oваа новинарска сторија е подготвена од Жаклина Цветковска и Сузана Николиќ, ангажирани од НВО Инфоцентар, со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во оваа новинарска сторија им припаѓаат на авторите и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top