Авторка: Маја Јовановска
Светската здравствена организација (СЗО) засега нема официјална препорака за употреба на трета доза вакцини против КОВИД-19. Приоритет во моментов е што помасовна рамномерна вакцинација ширум светот. Затоа, СЗО повикува на времено воздржување од трета вакцинална доза од страна на богатите земји и пренасочување на релативниот вишок вакцини кон сиромашните земји.
Листата на земји кои имаат усвоено препорака за трета вакцинална доза е доста долга и постојано се зголемува. Ваква препорака прво усвои Израел, по што следеа Франција, Германија, САД, Велика Британија, Унгарија, Србија и многу други земји. Минатата недела и во Грција се отвори платформа за закажување термин за вакцинација со трета доза за одредени категории граѓани кои имаат хронични болести. Станува збор за околу 285.000 лица.
Светската здравствена организација (СЗО) побара од богатите земји да ја одложат вакцинацијата со третата доза додека секоја земја не вакцинира најмалку 40 проценти од населението.
Вакцинацијата во Република Северна Македонија доби позабрзано темпо во август, откако владата реши да воведе построги мерки за невакцинираните граѓани и забрани слободно движење во затворени деловни објекти. Од почетокот на вакцинацијата против коронавирусот вкупно се аплицирани 1.397.773 дози вакцини, а ревакцинирани се 636.193 граѓани.
Трета доза вакцина засега нема примено ниту еден македонски граѓанин. Министерот за здравство, Венко Филипче, на почетокот на месецов изјави дека е можно здравствените власти и кај нас да дадат препорака за трета доза.
Професорката на Фармацевтскиот факултет и Национален координатор за имунизација, Александра Грозданова, вели дека во моментов СЗО нема официјална препорака за употреба на трета доза вакцини против КОВИД-19.
- Од светските здравствени иституции ваква препорака има дадено американскиот центар за следење на заболувања (CDC), кој третата доза од вакцината против КОВИД-19 ја препорача само за одредени групи лица, како што се пациентите кои се на дијализа, оние кои имат трансплантирани органи, но и сите имунокомпромитирани лица односно оние со послаб имун систем. Како трета доза најчесто се користи вакцината на Фајзер, вели проф. д-р Грозданова.
Директорот на Институтот за имунологија и хумана генетика, проф. д-р Александар Петличковски, објаснува зошто во некои земји се воведува трета доза на оваа најнова вакцина:
-Третата доза ќе значи освежување и засилување на имуниот одговор кој е потврдено дека ослабнува по 6 месеци и повеќе од завршен вакцинален циклус. Покрај зголемувањето на количината на антитела, новата “бустер“ доза, исто така, помага во проширување на имунолошкиот репертоар и потенцијалното засилување на имунитетот и кон нови соеви на вирусот.
Државите во кои се аплицира трета доза приоритет им даваат на граѓани со слаб имунитет и на оние над 50 години, со цел да се зголеми индивидуалната заштита пред зимата.
Кој треба да прими трета доза?
Професорката Грозданова објаснува дека заштитата што ја обезбедуваат КОВИД-19 вакцините опаѓа со тек на времето, најрано по шест месеци, па оттука и препораката за т.н трета доза на вакцина.
-Дополнително во последниот бран доминантно е присутен делта сојот на вирусот, кон кој се покажа дека вакцините се со намалена ефикасност, што беше фактор плус за препорака за трета доза. Сепак, мора да напоменеме дека лицата кои се комплетно вакцинирани со две дози вакцина, се апсолутно позаштитени од тешки облици на Ковид-19, во однос на невакцинираните, објаснува д-р Грозданова.
И нејзиниот колега Петличковски вели дека први треба да примат трета доза граѓаните кои не развиле добар, очекуван одговор од првите две дози на вакцината:
-Во оваа група влегуваат луѓе кои примале имуносупресивна терапија, индивидуи со хронични болести, пациенти на хемодијализа, индивидуи на возраст над 65 години итн. Следни за трета доза би биле оние кои се најизложени на инфекции (како на пр. Здравствени работници) и понатаму општата популација, изјави директорот на Институтот за имунологија.
Дали може да се „мешаат“ вакцините?
Прашањето за т.н „мешање“ на вакцини се наметна и пред неколку месеци, уште кога не се дискутираше за третата доза. Кај дел од помладите лица кои ја примија вакцината на АстраЗенека, во некои од европските земји како втора доза беше препорачана мРНА вакцината на Фајзер или на Модерна, поради одредени несакани ефекти кои јави вакцината за АстраЗенека.
– Во овие случаи беше забележано дека се постигнува многу безбеден и ефикасен одговор, па оттука истото би го очекувале и во случајот со трета доза. За лицата кои примиле од другите вакцини како кинеските или руските, соодветно би било по изминување од најмалку 6 месеци да се прими мРНА вакцината (Фајзер или Модерна) имајќи предвид дека овие вакцини покажаа највисока заштита од ковид, смета доктор Грозданова.
Комитетот за вакцинација и имунизација во Велика Британија, на пример, ја препорачува вакцината на Фајзер за трета доза или половина доза од вакцината на Модерна, додека пак, во случаи каде што не може да се прими мРНА вакцина да се даде од вакцината АстраЗенека.
Министерот Филипче неодамна информираше дека имал состанок со претставници на Фајзер, на кој разговарале за плановите за следната година и за нивните сознанија во однос на клиничките испитувања. Тој вели дека се чека официјализирање на наодите, па потоа ќе се донесе одлука за трета доза на вакцина.
Во Холандија нема да има трета доза
Холандија се откажа од трета доза на вакцина, ја укинува задолжителната социјална дистанца, но воведува КОВИД-19 пропусници за граѓаните постари од 13 години, за влез во ресторани, кафулиња или културни настани од затворен тип.
Владиното здравствено советодавно тело соошти дека нема потреба од трета доза, позната како бустер, бидејќи вакцините се покажале како ефикасни против ширењето на вирусот.
Мерките кои остануваат на сила се носење маски во јавен превоз и во училиштата, како и препорака доколку е можно луѓето да работат од дома.
Повеќе од 70% од населението примило барем една доза вакцина против коронавирусот или 12,6 милиони луѓе, додека 65% е целосно вакцинирано.
И во Шведска засега нема трета доза
Доктор Харис Бабачиќ по потекло од Македонија, кој неколку години работи на Каролинска институтот во Стокхолм, вели дека Шведска има околу 60% целосно вакцинирани и 69% со најмалку една доза од целата популација. И во оваа скандинавска држава на крајот на месецов се размислува да се ублажат поголем дел од рестрикривните мерки.
- Бидејќи вакцините им се понудени само на граѓаните над 16 години, од таргет популацијата, тоа се 72% целосно вакцинирани и 82% со најмалку една доза од целата популација. Имаше интерес за вакцинација и многу битно – имаше одличен систем на приоритизација на вакцинација, вакцинирајќи ги прво најранливите категории. Затоа од 29 септември повеќето рестрикции ќе бидат повлечени, вели доктор Бабачиќ.
Тој објаснува дека сите КОВИД-19 случаи и сите вакцинирани граѓани се внесени и следени во електронски здравствен систем. Податоците се јавно достапни и транспарентно објавени на сајтот на Агенцијата за јавно здравје на Шведска.
Во Шведска, четири вакцини се одобрени за употреба, а се произведени од компаниите Pfizer/BioNTech, Moderna, AstraZeneca и Johnson&Johnson.
Бабачиќ вели дека постојат многу експертски мислења кои препорачуваат трета доза од вакцините на Pfizer/BioNTech и Moderna, но засега нема доволно докази кои укажуваат на потребата на ниво на популација.
- Навистина третата доза можеби би овозможила подобра заштита од инфекција, но се уште е прашање дали дополнително би го намалила ризикот од тешка болест и смрт споредбено со две дози. Оние кои прележале и се вакцинирани со две дози мислам дека дефинитивно нема да имаат потреба од трета доза, како ни оние кои се вакцинирани, па прележале КОВИД-19 по вакцинација, вели Бабачиќ.
Тој апелира граѓаните да се вакцинираат што помасовно, бидејќи со секоја вакцина спасуваме човечки животи.
Антителата и третата доза
Досегашните студии покажаа дека количината на антитела е некаков приближен показател за состојбата на отпорноста кон вирусот. Сепак, одлуката за евентуално примање трета доза не треба да се базира на количината на антитела и не се препорачува нивно индивидуално следење.
- Покрај Б-хуморалниот имунитет кој се одредува преку бројот и видот на антителата, изворедно битна е заштитата која ја дава Т-клеточниот имунитет, кој не е така едноставно да се одредеди и квантификува. Оттука, одредувањето на антителата не би требало да е пресудно во однос на третата дозата, повеќе се тоа временскиот период по примање на првите две дози и здравствената состојба, како и ризикот кон изложеноста од КОВИД-19, смета докторката Грозданова.
Имајќи предвид дека Светската здравствена организација засега нема официјална препорака за трета доза вакцина против КОВИД-19, во наредниот период за очекување е државите и натаму самостојно да одлучуваат дали ќе аплицираат „бустер“ доза од вакцината.
Tрета доза од вакцината против Кoвид-19 ќе се дава и во Македонија
Најнова информација која на прес-конференција ја соопшти министерот Венко Филипче (на 23 септермври 2021) е дека Националниот комитет за имунизација препорача трета доза на вакцина против Ковид-19, за сите граѓани над 60 години, за сите здравствени работници без разлика на возраста и за сите граѓани кои имаат имунокомпромитирачки проблеми без разлика на возраста.
Третата доза ќе се дава од производителот „Фајзер“, без разлика со која вакцина претходно граѓаните се вакцинирале. Оваа т.н. „бустер доза“ треба да се прими најмалку после 6 месеци од втората доза. Граѓаните ќе добијат порака преку „Мој термин“ дека може да се јават за вакцина, а ова би стартувало од понеделник, 27 септември.