Владата спроведува политика која неповолно се одразува врз напредокот на македонските евроинтеграциски процеси. Дополнителен придонес за критиките од Брисел претставуваат разрешувањата односно разместувањето на вработените во Секторот за евроинтеграции, поведението на ДПА, пред се на Мендух Тачи, непродуктивниот политички дијалог со ДУИ, како и проблемите на релација премиер – претседател. Ова се само дел од констатациите на медиумите во Македонија, изнесени во најновиот извештај на „Медиумското огледало“.
Според „Медиумско огледало“, проект на НВО Инфоцентар, во април годинава, медиумите особено внимание му посветија на раскинувањето на коалицијата ДУИ-ПДП и притоа констатираа дека „од вклучувањето на ПДП во власта, сегашната коалиција може да добие плус еден глас во изгласувањето на некои закони, но ќе остане во историјата запаметена како еден промашен обид да реинкарнира рецидиви на политиките кои во минатото се покажаа како кочничари на општествените процеси“.
Медиумите не ја поштедуваат од критика ни Европската унија особено во контекст на преговорите за олеснување на визниот режим. Тие сметаат дека ЕУ манифестира постапки кои не соодветствуваат на претходно ветената поддршка за олеснување на визниот режим и притоа Македонија ја става во ист кош со некои поранешни југословенски републики кои се далеку од кандидатскиот статус.
Во квалитативниот мониторинг на НВО Инфоцентарот вклучени се 12 медиуми:„Шпиц“, „Вечер“, „Време“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ„Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“ (вести на албански јазик), ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“.
Медиумско огледало, април 2007 – PDF верзија (392KB)