Како дел од активностите за одбележување десетгодишнината од своето постоење, НВО Инфоцентар во соработка со Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) организираше промоција на книгата „Водич на мислителот за логички грешки – уметноста на менталните итроштини и манипулацијата“,од авторите Ричард Пол и Линда Елдер.
Промотор на книгата беше новинарот Сашо Ордановски, кој успеа да направи паралела помеѓу триковите опишани во книгата, и денешните состојби во македонскиот медиумски простор. Свои излагања на промоцијата имаа и извршниот директор на ФООМ Владимир Милчин, и Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентар, кои ја потенцираа потребата од издавање и промоција на литература која има за цел да укаже на начините на пропаганда и манипулација, особено во ситуација кога постојано се ограничува слободата на изразување.
Авторските права за книгата ги отстапи американската Фондација за критичко мислење, а преводот на македонски јазик го направи Гордана Стошиќ. Публикацијата е испечатена во тираж од 550 примероци, а печатењето финансиски го поддржа Фондацијата Отворено општество. Книгата нема да се продава, туку, ќе се користи во едукативни цели, а ќе им биде достапна електронски и на сите заинтересирани граѓани и активисти.