Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права, денеска го презентираа вториот периодичен мониторинг извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch II“.
Во овој втор периодичен мониторинг извештај за работата на АЕК и АВМУ (октомври – декември 2018), се објавени квалитативни оценки и квантитативни податоци за транспарентноста и отчетноста на двете регулаторни тела: АВМУ и АЕК за периодот октомври – декември 2018.
Во последниот квартал од 2018 година, АВМУ покажа континуитет во нејзиното отчетно и транспарентно работење. Интернет-страницата на Агенцијата редовно се надополнува со документи и други информации поврзани со работата на АВМУ. Врз основа на нашата препорака од претходниот извештај за продолжување на практиката за редовно објавување на известувања за склучени договори за јавни набавки, АВМУ ги ажурираше и ги објави информациите за договорите склучени во 2018 година – посочи Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.
АВМУ во овој период предупреди на можен клиентелизам на еден медиум кон власта. Ваквата реакција, во насока на заштита на интегритетот на медиумите, е новитет за АВМУ бидејќи во изминатите години, и покрај бројните примери на директна спрега меѓу поранешната власт и медиумските сопственици (на национално и локално ниво) и директното мешање во уредувачката политика на медиумите, АВМУ никогаш не алармираше и не реагираше на ваквите појави, кои негативно влијаеја врз слободата, независноста и професионалноста на медиумите и на новинарите – дополни Билјана Бејкова.
Во четвртиот квартал од 2018 година не се нотираат значајни промени во однос на транспарентноста на АЕК. Транспарентноста и отчетноста се обезбедени во голем дел, но како што беше забележано и во претходните извештаи, постои простор за значајно подобрување во поглед на објавувањето на информации и управувањето со постојните комуникациски алатки.
Во овој квартал, АЕК го продолжи рокот за изградба на антенскиот систем за мониторинг и контрола (за повеќе од две години). АЕК одлучи да достави опомена пред тужба до Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП Скопје), заради донацијата наменета за Панорамското тркало. Како што е познато, Владата ја запре изградбата на Панорамското тркало, но ЈСП Скопје сè уште не доставило до АЕК никаков финансиски извештај за трошењето на средствата од донацијата. Продолжувањето на рокот за изградба, како и отсуството на каква било информации за донираните средства, ја поткопуваат ефективноста на работата на регулаторот – истакна Марјан Степановски од ЕвроТинк.
Комисијата донесе одлука за зголемување на платите на вработените за 5% со важност од 1 јануари 2019 година. Она што загрижува е аргументацијата за покачувањето на платите, со оглед на фактот дека просечните плати во АЕК уште пред покачувањето беа далеку над националниот просек, кој на крајот на 2018 изнесуваше 24.548 денари и е за скоро 60% помалку од просекот во АЕК. Во соопштението до јавноста АЕК укажува дека платите во АЕК, на споредбено ниво со платите во компаниите кои вршат регулирана дејност се значително пониски – дополни Степановски.
Покрај претставниците на проектниот тим кои ги презентираа наодите од извештајот говорници беа и Снежана Трпевска, специјалист за медиумско право и Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Снежана Трпевска се осврна на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и посочи дека не може да бидат завршница на реформите. Според неа мора да има стратегиски, долгорочни решенија. Регулаторните тела во изминатиот период работеле, имале бројни активности, но, во однос на стратегиските прашања или долгорочните промени во медиумскиот сектор не може да се каже дека биле ефективни. Дури и некои од прашањата во усвоените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се антиреформски. Измените во изборната регулатива, пак, што требаше да важат само за референдумот, а се оставија и сега ќе важат и за претседателските избори, повторно ги ставаат медиумите повторно во финансиско-политички триаголник. Значи, клиентелизмот го воведуваме на отворена врата со законски одредби, истакна Трпевска.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации дисукутираше околу клучните аспекти од годишните финансиски планови како и за најзначајните активности поврзани со перформансот и транспарентноста на регулаторите. Посочи дека програмите се имаат суштински разлики во структура и предложи унифициран формат на програмите каде ќе има јасна поврзаност на програмските со финансиските импликации.
Според него она што е клучно за двете институции е поврзување на програмските активности од нивните годишни планови за работење со трошењата, односно со конкретните буџетски ставки за да се добие поцелосна претстава за работењето.
Филков дополни дека во случаите кога регулаторот има вишок приходи над потребните расходи за работењето, се поставува прашањето дали тој не „зафаќа“ премногу од оние што ги регулира и од коишто ги прибира приходите. Или, спротивно, со прибраните пари не инвестира доволно во развој на сферата којашто ја регулира. Овие две работи мора секогаш да се имаат предвид кога се зборува за развој, бидејќи и двете одат во таа насока. Или ќе земате помалку пари и со тоа на оние од коишто земате ќе им останат повеќе пари за развој, или ќе инвестирате повеќе во сферата создавајќи амбиент што ќе го поттикнува развојот на чинителите.
Проектот PROformance Watch II се спроведува со финансиска поддршка на Амбасадата на Велика Британија во Македонија.
Целиот извештај може да го погледнете на следниов линк.