За да ја поттикне и да ја засили јавната дебата за нужноста од кредибилен, релевантен и ажуриран избирачки список во кој граѓаните имаат доверба и кој претставува еден од клучните предуслови за фер, слободни и демократски избори, НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми, организираше серија дебати за тоа каков попис и избирачки список и се потребни на Република Македонија.
На дебататите во Дебар, Битола, Кавадарци, Тетово, Струмица и Велес се дискутираше за актуелните прашања и предизвици поврзани со избирачкиот список – Кои се научените лекции од неодамнешниот процес на (не)прочистување на избирачкиот список? Зошто ДИК не успеа да профункционира како независна институција? Кои се можните начини за успешно прочистување или создавање нов кредибилен избирачки список? Дали е возможно прочистување на избирачкиот список без попис? Какви се постојните бази на податоци? Како Македонија може да добие веродостоен, функционален и кредибилен единствен регистер на граѓание?
Серијата јавни настани заврши со дебата во Скопје, на 29 јуни 2016, насловена како: „Прочистен избирачки список – (не)возможна мисија?“
Дискусијата ја модерираше Бојан Маричиќ од МЦЕО, а панелисти беа: Дончо Герасимовски, статистичар и поранешен директор на Државниот завод за статистика; Оливер Спасовски, поранешен министер за внатрешни работи; Игор Милев, член на ДИК, Дарко Алексов, МОСТ; Џабир Дерала, ЦИВИЛ и Билјана Бејкова, НВО Инфоцентар.
Дебатите се реализираа во рамки на проектот „Демографија – квалитет на живеење“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.