НВО Инфоцентарот, како членка на Форумот за граѓански дијалог (ФГД), од 15 до 25 ноември 2022 година, спроведе онлајн анкета за жителите на општина Центар.
Анкетата имаше цел да ги детектира најголемите проблеми со кои се соочуваат жителите на оваа скопска општина, како и да го сондира мислењето на граѓаните за клучните приоритети во нивната локална заедница, на кои општинската власт треба да работи во наредниот период.
За потребите на сондажата на јавното мислење беше подготвен структуриран прашалник, врз основа на детектираните проблеми и приоритети од онлајн анкетата и консултациите со граѓаните на општина Центар во 2021 година, пред одржувањето на локалните избори. Aнонимниот онлајн анкетен прашалник го пополнија вкупно 823 испитаници, жители на општина Центар.
Клучни наоди од анкетата
- Во периодот од 15 до 25 ноември 2022 година, анонимниот онлајн анкетен прашалник го пополнија вкупно 823 испитаници.
- Речиси две третини односно 61.8% од испитаниците се жени.
- Најбројни (59.3%) се испитаниците на возраст од 36 до 55 години.
- Високи 81.2% сметаат дека најголем проблем во урбанизмот е прекумерната градба на сметка на јавниот простор.
- За 73.4% најголем проблем во областа на животната средина, е недостигот од зелени површини и паркови, а веднаш потоа е загадувањето на воздухот (72.7%).
- Во областа на инфраструктурата, убедливо најголем проблем е недостигот на паркинг места особено за резидентите на општината (71.7%).
- За 51.9% голем проблем е и лошиот квалитет на сообраќајници, улици и тротоари.
- За 72.4% најголем проблем во областа на комуналните услуги претставува нехигиента на јавните површини.
- За 52.7% од „центарци“ исклучително голем проблем претставуваат и уличните кучиња и негрижата за нив.
- Од аспект на транспарентноста на општинските власт, за 65.9% најголем проблем претставува доминацијата на приватниот над јавниот интерес во издавањето градежни дозволи.
- Клучни приоритети за 2023 година се: решавање на проблемите со сообраќајот (67.2%), нови паркови и зелени површини (54.3%), подобрување на комуналната хигиена (43.7%).
- Најефикасна форма на граѓанско учество се јавните расправи (62.2%) и собирите во урбаните заедници (53.1%).
- Најмалку ефикасна форма на граѓанско учество се буџетските форуми (16.2%).
- Високи 64.5% би учествувале на средба за клучните проблеми и приоритети во општината, додека негативен одговор дале само 10%.
Прочитајте го целосниот текст на резултатите од Анкетата.
Форумот за граѓански дијалог го сочинуваат девет граѓански организации (НВО Инфоцентар, Центар на заедницата на општина Струга, Гласен Текстилец, Мултикултура, Идеа ЈИЕ, Младински културен центар-Битола, Центар за развој на медиуми, Спектар и Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе) кои со своите активности настојуваат да го поттикнат вклучувањето и учеството на граѓаните во креирањето и спроведувањето политики и услуги на локално ниво.
Оваа сондажа на јавното мислење е реализирана со поддршка на меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска, во рамки на проектот „Граѓанска алијанса за прогресивни промени на локално ниво“.