Еден ден пред најавениот средношколски марш во Скопје, Средношколскиот пленум , преку социјалните мрежи, се пожали на силни притисоци од страна на директори од неколку скопски средни училишта.
Меѓу заканите спаѓаат закани со педагошки мерки, намалени оценки, намалени поведенија, како и пораки “нема да биде како минатата година, оваа навистина ќе ве запишуваме”.
„Ги потсетуваме директорите кои очигледно не го читаат Уставот на РМ кој вели: “Секој граѓанин има право на протест”, дека ние како граѓани, ученици и засегната страна во образовниот систем имаме право, но имаме и обврска да се бориме против експериментите на министерот. Ги прашуваме директорите, дали Вам Ви се допаѓа кога на Вашите колеги им ја намалувате платата заради бесцелно тестирање базирано на 30 кликови? Ги прашуваме и дали е добро за репутацијата на училиштата кога оние ученици кои целата година ја поминуваат во труд, активност, и знаење на крајот да добиваат пониски оценки само заради нефункционалноста на компјутерскиот систем?“, прашуваат од пленумот.
Во текот на вчерашниот дена, со револт кон притисоците, а во знак на поддршка на барањата на средношколците, десетина познати личности преку видео пораки го поддржаа маршот на Средношколскиот пленум.
Пораки за поддршка од: режисерот Александар Поповски, музичарите Мирко Попов и Бени Шаќири, новинарот Огнен Јанески, активистите Ана Битољану, Јасмина Голубовска, Албулена Карага, Филип Стојановски и актерката Несрин Таир:
Маршот против лошите образовни реформи во Скопје ќе почне денеска во 12: 30 часот, од Градскиот парк кон Министерството за образование и наука. Еден ден подоцна, марш најавија и средношколците од Куманово.
Пленумците бараат укинување на екстерното тестирање, полагање државна матура по стариот концепт за сегашните матуранти, како и нивно вклучување во процесот при правењето нов концепт за државна матура, но и за било какви промени поврзани со средношколското образование.