СДСМ – „непријател на народот“
Поради претставувањето на „народот“ како навидум хомогена и крајна инстанца во политиката и општеството, во популизмот секаков плурализам е претставен како закана и затоа мора да биде реинтерпретиран за да влезе во популистичката рамка. Поради тоа, популистичкиот дискурс честопати е силно обоен со теории на заговор и конспиративно размислување. Груевски често употребува жаргон кога го опишува СДСМ, очигледно сакајќи политичката борба да ја приближи до обичните граѓани. Така, за СДСМ се карактеристични „лов во матно“, „изгубеност во времето и просторот“, а на раководството на оваа партија му забележува дека „бегаат од избори како ѓавол од темјан“. И покрај кадровските промени во опозициската партија, видливи се обидите да се портретира континуитет во политиката на СДСМ, па оттука новото раководство е отсликано како „бранкова гарнитура“. Особено изразен жаргонски говор Груевски користи кога го спомнува Бранко Црвенковски. Критикувајќи го Стево Пендаровски, кандидатот на СДСМ за претседател на државата на претседателските избори во 2014 година, Груевски тврди дека Бранко Црвенковски му бил „ментор, шеф, гуру и идол“. А „шефот“, односно Бранко Црвенковски, во говорите на Груевски е портретиран како „манипулант“, „сплеткарош“, „интригант“, кој не бил претседател на Македонија, туку „ја узурпирал таа функција“.
„Ново“, а старо
Најинтересен резултат од анализата на содржината на шесте говори е високата фреквенција на употребата на придавките „нов(иот)“, „нова(та)“, „ново(то)“ и „нови(те)“. Употребата на „новото“ во реториката на Груевски е дел од осмислена популистичка политичка стратегија, која има за цел политичкиот простор во Македонија да го портретира како поле на борба меѓу „новите“ (добрите, вредните, народните, обичните, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ) и „старите“ (лошите, мрзеливите, елитистичките, себичните, Бранко Црвенковски и СДСМ) политички сили.
Благодарение на медиумската поддршка и внимателно создадената комуникациска стратегија, во 2006 година Груевски стана симбол за „нов и модерен политичар-технократ“ од кој се очекуваше да расчисти со „старото“. Со други зборови, доколку повиците за „нешто ново“ го симболизирале барањето за промена на системот, Груевски успеа овој лебдечки означувач да го присвои и реинтерпретира во своја полза. Со текот на времето, задачата на стратезите да го претставуваат Груевски како нешто „ново“ станува „ѓаволски“ тешка работа. Од говорите на премиерот е очигледно дека „новите лица“ веќе не му се доволни на народот, па тој сега од лидерот бара и „нови проекти“, и „нови фабрики“, и „нови можности“, и „нови вработувања“, и „нови покачувања на социјалната помош“, и „нови зголемувања на…“, и „нови машини“, и „нови патишта“, и…
На крајот, треба да се спомне и тоа дека во наративот на премиерот нема место за синтагми како „нови слободи“, „нови права“, „нови демократски алатки на располагање на граѓаните“. Во прилог на ова говори и фактот дека во шесте анализирани говори на Груевски, демократијата не е спомната ниту еднаш.
Автор на анализата е м-р Љупчо Петковски.
Анализа-Кој е народот на Груевски? (PDF)