Олтарот на „народот“
Кога настапува како толкувач на травматични / конфликтни настани (како, на пример, случувањата од 24 декември 2012 година и извештајот на Анкетната комисија) во својство на партиски лидер или народен трибун, говорите на Груевски ги содржат сите елементи на популистичка мобилизација. Притоа, во овие говори доминира употребата на термините „народ“ и „СДСМ“, кои одат рака под рака, затоа што нема „народ“ без „непријател на народот“, односно непријателот е најважниот заеднички содржател кој претставува сврзно ткиво на популистичкиот дискурс.
Народот кај Груевски не е јасен термин, туку збор кој треба да мобилизира, да понуди идентификација преку будење на емоциите кај публиката. Притоа, мобилизацијата не е базирана на рационални аргументи, туку на теми кои се морализаторски (и блиски до „народот“), длабоко емотивни и преполни со фантазми. За Груевски народот е мнозинството кое му ја дало довербата на изборите и за него тој е финална инстанца за секаков морален, правен или политички суд. На ваков начин, Груевски ја „пресретнува“ можноста да се промени значењето на настаните, на пример, случувањата на 24 декември, и со тоа не дозволува да се доведат под прашање односите на моќ и целата општествена стварност во која постои силен култ за неговата непогрешливост, непобедливост и бескомпромисност.
Народот е персонифициран, сфатен како органска целина – тој „знае“, „дава доверба“, „верува“, „не греши“, има „глас“ и „волја“ и „тешко и заслужено дава доверба“. „Народот е нашата сила“, а Владата и тимот се тие кои нудат „можности“ и „корист“ за него, „ја почитуваат неговата волја“ и го „слушаат гласот на народот“. Противниците, односно „дезориентираната“ и „крајно деструктивна“ елита го „прелажува“, „манипулира“, „изневерува“ народот, „прави договори врз грбот на народот“, „опонира на делата“ кои на народот му даваат можности, и сето тоа го прави „водена од лични интереси“. Во популистичките режими, „демократијата“ го нема значењето како во зрелите либерално демократски системи. Во нив е сосема разбирливо „народот“ да одлучува за правни квалификации, за тоа кој во определен спор има право, а кој греши. Нема преголема жртва пред олтарот на „народот“, па макар таа да се викала владеење на правото или заштита на човековите права.
Од друга страна, кога Груевски настапува во својство на премиер, како, на пример, во свечени пригоди, начинот на кој се обраќа до публиката е (навидум) поадминистративен, обединителски, а јазикот му е појасен. Во овие говори „народот“ им отстапува место на „граѓаните“ и на „новото“. Сепак, доколку одблизу се анализира кои се всушност „граѓаните“ на кои им се обраќа Груевски, станува јасно дека тој воопшто не мисли на сите граѓани. Тој најчесто им се обраќа само на дел од етничките Македонци, додека во неговите говори нема место за некаков поширок плурализам, односно за други различни општествени идентитети, како, на пример, ЛГБТ, опозиционери, либерали, активисти, независни новинари, критичари и др. (линк до анализата)