ДАЛИ ВЛАДАТА ИНФОРМИРА ИЛИ ПРОПАГИРА?
СЛУЧАЈ „МАКЕДОНСКА БАНКА“
НВО Инфоцентарот спроведува мониторинг на односите со јавноста на Владата и на владините претставници, со цел да утврди дали извршната власт вистинито и навремено ја информира јавноста за спроведувањето на јавните политики, за своите активности, за постигнатите резултати, за постојните проблеми, како и да утврди какви пораки упатува Владата до македонските граѓани.
Најновиот извештај се однесува на случајот „Македонска банка“.
Анализита на соопштенијата, реакциите, интервјуата и содржините објавени во медиумите, а креирани во Владата и владејачката партија, и овој пат, недвосмислено покажуваат дека комуникацијата на власта со јавноста не е во насока на информирање на граѓаните, туку е исклучиво во насока на убедување на граѓаните дека владата, а особено нејзините први луѓе, се успешни и безгрешни, односно власт на која не можат и не смеат да ѝ се припишат неуспеси, скандали и афери.
Иако Македонска банка е прв случај за наводна корупција кој директно се поврзува со името на премиерот, Владата и нејзиниот прв човек, се однесуваат како да станува збор за неважен случај кој може и треба да биде решен единствено преку приватна тужба за навреда и клевета. Ваквиот контекст дополнително го засилува молкот на јавното обвинителство и јавниот обвинител, кои и два месеца по обелоденувањето на случајот, уште не се изјасниле, дали и какви дејствија ќе преземат во врска со случајот Македонска банка.
Како и со претходните скандали отворени од опозицијата, така и со овој случај, сосема е јасно дека комунукациската стратегијата на Владата и на премиерот е тој да се одвои од извршната власт и да се префрли главно на теренот на меѓупартиските битки и препукувања. Затоа, наместо да реагира во јавноста и да дава изјави лично премиерот како главен актер во случајот, реагира комуникацискиот центар на ВМРО-ДПМНЕ.
Начинот на кој се одвиваат реакциите е според добро познатата пропагандна техника „нападот е најдобра одбрана“. Единствената цел на партиските соопштенија и реакции е да ги оцрнат и омаловажат СДСМ и неговото раководство, но и да ги обвинат за корупција и криминал. Со ваков тип на пропаганда, власта сака комплетно да ги дисквалификува кредибилитетот и веродостојноста на опозицијата, и со тоа во јавноста, целосно да го минимизира односно елиминира скандалот како измислен, лажен, апсолутно неважен и незначаен.
Дури по седум недели односно откако беше веќе поднесена приватната тужба за клевета и беше закажано првото судско рочиште, премиерот Груевски, за прв пат лично се огласи во врска со случајот Македонска банка. Тој тоа го направи на 3 јуни 2014 година, во интервју за државната агенција МИА.
Концептот на целото интервју во кое премиерот за прв пат директно одговори на обвинувањата за Македонска банка, немаше примарна цел од него да добие одговори на важни прашања, туку, да му овозожи во популистички стил да ја промовира својата безгрешност, чесност и пожртвуваност наспроти „непријателот на народот“ претставен во ликот и делото на опозицијата и нејзиниот лидер.
Тајмингот во кој е објавено интервјуто, начинот на кој се одвива самиот разговор, како и одговорот на прашањето за случајот Македонска банка, од комуникациска гледна точка, асоцира на режисер кој веќе ја поставил сцената, ги распоредил улогите, го знае исходот и само ја чека премиерата и аплаузот од народот на отворена сцена.
Анализата на начинот на кој, пак, информираа медиумите за случајот Македонска банка, јасно и прецизно покажува дека поголемиот дел од медиумите, не беа само пропагандна алатка во рацете на власта, туку беа директни учесници во нејзината пропагандна комуникација со јавноста.
Провладините медиуми, наместо да ја информираат јавноста за случувањата околу Македонска банка, се трудеа што е можно подоследно да ја спроведат владината стратегија на минимизирање на случајот и предимензионирање на критиките на адреса на опозицијата.
Целта на власта и на нејзините медиуми беше информациите за случајот воопшто да не стигнат до граѓаните или пак, да стигнат во строго контролирана форма која нема штетно да влијае врз угледот и рејтингот на премиерот, владата и партијата.
Извештај: Владината комуникација во случајот Македонска банка