IMG_5220

Повик за понесување политичка одговорност за бегството на Никола Груевски

на јан 18, 19 • од

На 4 декември 2018 година, како граѓански организации најостро ја осудивме неажурноста на институциите во спроведувањето на истрагите поврзани со утврдување на пропустите и одговорноста за бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски. Побаравме истрагите итно да завршат најавувајќи дека, доколку тоа не се случи, ќе побараме политичка одговорност на највисоките функционери. Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство најави [&hellip...
Pin It

Home » Граѓанска сцена » Повик за понесување политичка одговорност за бегството на Никола Груевски

На 4 декември 2018 година, како граѓански организации најостро ја осудивме неажурноста на институциите во спроведувањето на истрагите поврзани со утврдување на пропустите и одговорноста за бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски. Побаравме истрагите итно да завршат најавувајќи дека, доколку тоа не се случи, ќе побараме политичка одговорност на највисоките функционери. Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство најави дека предистражната постапка ќе заврши во рок од две недели и дека јавноста ќе биде информирана, што не се случи. Сметаме дека завршувањето на втор календарски месец од бегството е разумен рок за на јавноста да и’ бидат соопштени информации околу истрагите кои се водат како и да се утврдат пропустите на институциите кои што во конкретниот случај биле надлежни да постапуваат. Одолговлекувањето ги подгреа сомнежите на јавноста и дополнително придонесе да се зголеми перцепцијата дека културата на неказнивост опстојува во Македонија.

Во минатите две реакции ги идентификувавме потенцијалните точки во системот каде што недвосмислено може да се утврди одговорност, и тоа без оглед на исходот на официјалната истрага, која треба да ја утврди евентуалната одговорност и на останатите институции. Затоа сметаме дека е неопходно да се преземе политичка одговорност односно да следуваат оставки од Министерот за внатрешни работи, Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и Директорот на Агенцијата за разузнавање.

Сметаме дека евентуалната кривична одговорност, која се’ уште се утврдува, не ги ослободува посочените од политичка одговорност! Понесувањето политичка одговорност за случајот со бегството на Груевски е единствениот начин власта да покаже дека има сериозна намера да се бори против културата на неказнивост, која – да не заборавиме – беше главна карактеристика на поранешната власт особено кога стануваше збор за највисоките функционери. Притоа, не смееме да заборавиме дека токму несправувањето со овој феномен може да биде сериозна пречка во европските интеграции. Заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ јасно укажуваат дека е неопходно зајакнување на владеењето на правото и воспоставување правна држава во која законите ќе важат за сите граѓани подеднакво.

Со почит,

Институт за демократија Социетас Цивилис- Скопје
Институт за европска политика
Институт за човекови права
Коалиција сите за правично судење
Младински образовен форум
НВО Инфоцентар
Центар за економски анализи

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top