Infografik_Popis_Zdravstvo

Пописот 2021 и здравствената заштита

на сеп 27, 21 • од

Преку попис до ефикасна здравствена заштита на граѓаните Автор: Горан Наумовски Од последниот попис на населението до денес изминаа безмалку две децении. Токму во овие дваесетина години од земјава, трајно или времено, се иселија голем број граѓани. Точниот број иселени, засега, ниту една државна институција не го знае, но најверојатно станува збор за стотици илјади [&hellip...
Pin It

Home » Активности, Важни » Пописот 2021 и здравствената заштита

Преку попис до ефикасна здравствена заштита на граѓаните

Автор: Горан Наумовски

Од последниот попис на населението до денес изминаа безмалку две децении. Токму во овие дваесетина години од земјава, трајно или времено, се иселија голем број граѓани. Точниот број иселени, засега, ниту една државна институција не го знае, но најверојатно станува збор за стотици илјади граѓани.

Медицинскиот кадар е еден од најбројните меѓу иселениците и оние со времен престој во странство. Во потрага по подобар, побогат и поквалитетен живот, во изминативе две децении, земјава ја напуштија многу лекари по општа медицина, специјалисти, субспецијалисти, забари, гинеколози, кардиолози, инфектолози, акушерки, медицински сестри и др.

Со заминувањето на медицинарите, многу здравствени установи, локални медицински центри, заводи за здравствена заштита, болници и клиники останаа без потребниот медицински кадар.

Медицинскиот кадар се иселува, граѓаните остануваат без лекари

Според официјалната статистика, во државава имаме 270 лекари на 100.000 жители, што е за 22% помалку од европскиот просек. Во земјите на Европската Унија, на 100.000 жители има 330 лекари.

Во последниве десет години, земјава ја напуштаат околу двеста лекари годишно, што е речиси еднакво со годишниот просек на завршени студенти на медицинските факултети. Според Лекарската комора на Македонија[1], во периодот 2006 – 2015 година, бројот на лекари кои побарале потврда дека активно се занимаваат со клиничка медицина (потврдата им е потребна за да работат во странство) се зголемил за речиси 20 пати. Податоците од истражувањето на Лекарската комора од 2019 година[2], пак, покажуваат дека вкупниот број емигрирани лекари е приближно 12% од лиценцираните лекари, со тренд на постојан пораст. Најпожелни дестинации за емиграција се: Германија, Словенија, Блискиот Исток, Северозападна Европа и Швајцарија. Речиси секој млад лекар учи германски и се надева дека лесно ќе најде работа во Германија, во која има голема побарувачка за медицински персонал. Најзначајни фактори што ја поттикнуваат емиграцијата се: невработеноста, немањето пристап до рана и квалитетна доедукација, обука и специјализација, како и финансиите.

И другите медицински асоцијации во државава, како на пример, Асоцијацијата на млади лекари специјализанти, постојано укажуваат на овој сериозен проблем во македонското здравство и на потребата од преземање конкретни и ефикасни политики и мерки за негово надминување. Тие предупредуваат дека доколку не се преземат итни чекори со кои лекарите и медицинските сестри ќе се задржат во земјава, наскоро ќе имаме ситуација во која мал број лекари и медицински работници ќе треба да лекуваат и згрижуваат енормен број пациенти.

Со иселувањото на медицинските лица, македонските болници и поликлиники остануваат полупразни односно се соочуваат со недостиг од медицински персонал. Речиси нема болница во државава која во континуитет не се соочува со недостиг од медицински кадар. Се работи со помалку офталмолози, уролози, ендокринолози, педијатри, гениколози, анестезиолози. Според истражувањето на Инбокс 7[3], дури осум од девет општи болници во земјава функционираат со недостиг од лекари специјалисти. Од вкупниот број специјалисти со кои располагаат дванаесет општи болници – 550, дури 344 од нив, односно повеќе од 62% се над 55 годишна возвраст.

Поради недостиг од медицински кадар, во изминативе неколку години, неретко бевме сведоци кога се затвораа или беа пред затворање, оддели на клинките во државава, како на пример, одделението за хематологија на Клиниката за детски болести и др.

Сето ова негативно се одразува врз обезбедувањето навремена и квалитетна здравствена заштита на граѓаните, што е особено видливо во овој период на пандемија од Ковид-19.

Пописот ќе покаже колку медицински персонал ни е потребен

Според статистичарите, пописот ќе даде јасна „слика“ за тоа колку лекари и друг медицински персонал има во земјава. Пописот ќе им помогне на институциите да проценат во која општина или град треба да се вработи дополнителен медицински кадар, а каде има превработеност. Всушност, пописот ќе им овозможи на надлежните институции да добијат точни и свежи податоци за тоа колкав е бројот и каква е структурата на медицинскиот кадар во државава; каков медицински персонал е потребен; каде се потребни нови болници, клинички центри, здравствени домови, ординации, брза помош и друг вид здравствена заштита и услуги за населението.

„Со попишувањето на населението, точно ќе се знае во која општина колку лекари живеат и работат. Според таа бројка надлежните ќе може да утврдат во која општина има вишок, или пак, недостиг од лекари. Пописот, исто така, според бројот на попишаното население ќе утврди дали во некоја општина е потребна нова болница со зголемен медицински кадар или пак, обратно, може да утврди дека има повеќе кадар наспроти бројот на население. Пописот на населението ќе „каже“ и дали на главниот град му е потребен нов, поголем и поброен клинички центар“, истакнува поранешниот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски.

Според него,  многу е важно да се спроведе пописот бидејќи тој ќе им помогне на надлежните институции да го планираат идниот медицински кадар. „Со пописот ќе се утврди не само колку хирурзи или општи лекари има во земјата, туку колку од нив наскоро ќе заминат во пензија, колку ќе треба да се вработат на нивно место, а колкумина треба да одат на специјализација. Исто така, на здравствените и на образовните власти, пописот ќе им помогне да проценат колкав и каков кадар ќе треба да се образува во средните медицински училишта и на факултетите во наредните години“, констатира Герасимовски.

Во 2012 година беше донесена Уредба за мрежа на здравствени установи (Службен весник на Република Македонија, бр. 43/12), според која се одреди максималниот број тимови во здравствени установи на примарно ниво, за вршење на дејностите од примарна здравствена заштита и фармацевтска дејност, а исто така, се направи мрежа на здравствени установи на секундарно ниво и мрежа на здравствени установи на терцијарно ниво. За сите овие нивоа, мрежата се утврдува врз основа на демографски нормативи. На пример, еден тим по општа медицина составен од еден избран лекар и една медицинска сестра на 1.000 жители; во секундарната здравствена заштита – еден специјалист по анестезиологија и реанимација на 20.000 жители; еден специјалист по инфектологија на 45.000 жители или една aптека на 3.000 жители.

Сепак, законот дозволува промени во бројот на тимови и лекари, врз основа на проценка на  потребите на населението од здравствени услуги, возраст, пол, социјална структура и здравствена состојба на жителите на подрачјето, технолошкиот и научниот развој во областа на здравствената дејност, степенот на урбанизираност на подрачјата, специфичностите на населеноста, сообраќајните поврзувања, миграциите на населението и достапноста до здравствените установи ако се работи за демографски загрозени подрачја. За да се направи соодветно планирање на здравствената заштита на сите нивоа, најголем дел од овие податоци се обезбедуваат преку попис.

Доколку не го знаеме точниот број на населението, не може да пресметаме колку луѓе од медицинскиот персонал, доктори, сестри и помошен медицински персонал се потребни за да се задоволат потребите на дадена територија. За да не се расплинуваат и паушално да се трошат средства, за сите планирања во здравството неопходно е да се знае колку има новородени деца, деца во претшколска и школска возраст, колку има продуктивни и работоспособни луѓе, а колку има стари лица.

Пописот ќе ни даде податоци важни за здравствената заштита на граѓаните

Експертите се едногласни дека попис  на населението мора да се прави, меѓу другото, и за точно да се знае колкав е природниот прираст, виталниот индекс и наталитетот.  Исто така, многу важна е и статистика за заболувањата на населението, како општата така и специфичната морбидитетна статистика. Без попис, не знаеме од кои болести ни умира населението, зашто, сите овие значајни параметри се пресметуваат за определена популација, на определена територија, за определен временски период и за нив треба да имаме нови податоци.

Со податоците од пописот за фертилитетот (број на живородени деца во однос на бројот на жени во репродуктивен период), на пример, може да се направи долгорочна стратегија за детска превентивна заштита и да се утврди дали ќе има зголемување или намалување на трошоците (спроведување на програмите за имунизација и др.).

Во нашата држава, во ромската заедница, на пример, има зголемен морталитет на доенчиња и новороденчиња 13,1/1000 Роми наспроти 10/1000 на национално ниво. Ова значи дека здравствените установи во тие подрачја мора да се адаптираат според здравствените потреби на населението (на пример, повеќе гинеколози, зголемување на медицинскиот персонал во патронажната служба што би овозможило поголема фреквенција на посети и подобра здравствена заштита и др.).

Пописот ни дава податоци и за тоа кој е процентот на стареење на популацијата. На пример, во САД во 1950 година популацијата над 65 години била 8.1% од вкупното население. Тој процент во 2050 година според статистичките предвидувања би изнесувал 20.2%. Преку анализа на бројот на здравствени работници се утврдило дека таа бројка нема да биде доволна за да ги задоволи потребите на популацијата која старее. Исто така, на болниците ќе им бидат потребни специјалисти за хронични болести кои се карактеристични за постарата популација, како и установи за палијативна нега и згрижување стари лица.

Јасмина Георгиева од Државниот завод за статистика вели дека пописот ќе даде одговор и прецизна бројка за тоа колку граѓани од постарата генерација престојуваат во пензионерските домови и во приватните згрижувачки институции. „На пописот има и таканаречени „вашингтонски прашања“. Тие прашања ќе им дадат увид на државните институции во која општина колку лица имаат нарушена здравствена состојба, да речеме, инвалидитет, оштетен вид, слух или друга потешкотија. Преку овие прашања ќе се знае дали тие лица имаат соодветни услови сами да ги извршуваат своите обврски и задачи, дали користат помагало или помош од друго лице и др.“, нагласува Георгиева.

И од Министерството за здравство велат дека пописот е важен заради добра проценка на број на населението и заради утврдување каде и колку здравствени капацитети се потребни (човечки ресурси, здравствена инфраструктура). Притоа додаваат дека на ваков начин, Министерството ќе може да ги планира следните инвестиции за реконструкција на постојните и за изградба на нови здравствени капацитети, но и за обезбедување соодветен медицински пероснал во државата.

Здравствените работници со кои разговаравме велат дека со податоците од пописот, може да се направи споредба со базата на осигуреници во Фондот за здравствено осигурување и на тој начин да се идентификуваат лицата кои не се опфатени во системот на здравствено осигурување.

Очигледно, пописот е исклучително важна статистичка операција од која зависи општествениот развој и креирањето на идни развојни политики во речиси сите сфери на живеењето, вклучително и здравството и здравствената заштита.

Накратко, податоците од пописот ќе им овозможат на здравственте власти и на владата во целина, да креираат ефикасни здравствени стратеги и политики кои ќе им обезбедат на граѓаните квалитетна здравствена заштита и еднаков пристап до здравствените услуги. Ова е исклучително важно бидејќи здравствената заштита е уставно загарантирано право на секој граѓанин. Членот 39 од Уставот експлицитно вели: „На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“.

 

Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.

[1] Достапно на: https://www.dw.com/mk/%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D0%B7%D0%B4%D1%80%D0%B0%D0%B2%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE-%D0%BA%D0%BB%D0%B8%D0%BD%D0%B8%D1%87%D0%BA%D0%B8-%D1%81%D0%BB%D1%83%D1%87%D0%B0%D1%98/g-38166278

[2] Достапно на:  https://www.dw.com/mk/%D0%BA%D0%BE%D1%98-%D1%9C%D0%B5-%D0%BB%D0%B5%D1%87%D0%B8-%D0%B2%D0%BE-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B1%D0%BE%D0%BB%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8/a-49939567

[3] Достапно на: https://inbox7.mk/archives/6662

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top