Бројките од пописот ќе ја диктираат структурата на судовите
Авторка: Христина Беловска
Судот во Берово времено го води судијата Илија Стојанов кому наскоро му истекува мандатот и треба да се врати во струмичкиот суд, од каде што бил делегиран минатата година. Тој суди во областа на кривичните дела, а годинава добил „засилување” со уште една колешка од граѓанската област, која веднаш по завршувањето на Академијата за судии и јавни обвинители е упатена во малиот град во источниот дел на државава.
Доколку на пример, има случај за повторување на постапка или бришење од казнена евиденција, потребно е за тоа да одлучува совет од тројца судии. Во таква ситуација, се праќа барање до Апелација да делегира „ад хок“ судии за да може да се одлучува брзо. Така, судии од различни градови се собираат и одлучуваат барања во друг град.
Берово според последниот попис на населението од 2002 година брои 7.002 жители. Со бранот на масовното иселување и домашното мигрирање, прашање е за колку пати се намалил бројот на жители во изминативе две децени, а со тоа и колкав број судии се реално потребни во оваа општина.
Но, ситуацијата не е алармантна само во Берово. Дали ќе сака некој да дели правда во судовите во Крушево, Виница, Делчево, е прашањето кое се поставува во Судскиот совет пред секој нов мандат или пензионирање на некој локален судии. Досега пропаднаа неколку огласи бидејќи никој од новите академци не сака да работи во овие мали места.
Судскиот совет во Извештајот за 2020 година, констатира дека во шест судови во Македонија има работа која не може навреме да се заврши со постојниот број судии. Тринаесет судии, минатата година, биле времено преместени да судат од еден во друг град. На приер, по тројца судии од апелациските подрачја Битола и Гостивар, биле упатени една година да работат во скопска апелација, додека, по еден судија од поблиските градови, добиле судовите во Берово, Виница, Крушево, Делчево и Неготино.
„Советот одлуките за временото упатување на судиите ги донесе според член 39 од Законот за судовите, во случаи кога констатира состојба на значително зголемен обем на работата во овие судови, намалена ажурност и кога е доведено во прашање тековното работење на судовите“, се вели во извештајот на Судскиот совет за минатата година.
Судиските места не само во овие судови, туку насекаде се празнат, поради пензионирања на судиите и разрешувања, а дел од судиите, пак, напредуваат на повисоко скалило. Сепак, во помалите места проблемот со бројот на судии е поистакнат отколку во поголемите градови, смета претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити.
„Најголемите проблеми во однос на распределбата на судиите и судските работници се однесува на нивната нерамномерна распределба по глава на жител. Дискрепанцата посебно се истакува во соодносот меѓу судовите во главниот град и останатите судови. Ваквата состојба се одразува на брзината и квалитетот на правдата“, истакнува Саити.
Од една страна, меѓународната заедница смета дека според број на судии сме нешто над европскиот просек, но од друга страна, во некои судски згради во државава не се слуша ништо друго освен тишина. Според извештајот за 2016 година, на Европската комисија за ефикасност на правдата (СЕРЕЈ), Северна Македонија со 24,37 судии на 100 илјади жители има поголем број судии по глава на жител од просекот на СЕРЕЈ кој изнесува 21,5. Но, статистиката на Судскиот совет покажува дека од 2016 година до сега, бројот на активни судии е намален и дека во 2021 има околу 60 судии помалку.
Бројот на населението варира. Некаде се намалува, а некаде се зголемува. Пописот кој е во тек, после две децении, конечно ќе даде прецизна бројка на населението во сите региони и општини, која пак, ќе овозможи да се добие јасна слика за тоа колку судии и судови се потребни според бројот на жители во градовите и регионите во државава.
Пописот е од клучно значење за ревидирање на судската мрежа
Судската мрежа на Република Северна Македонија е основана на 31 март 1945 година. Тогаш опфаќаше 26 првостепени судови (подрачни судови), 3 второстепени судови (окружни судови) и врховен суд со седиште во Скопје. Со неколку промени низ годините, во 1995 година со Законот за судовите е воспоставен единствен судски систем, во кој влегуваат 27 основни судови (првостепени), 3 апелациски судови во Скопје, Битола, Штип (подоцна и во Гостивар), како и врховниот суд за предмети на ниво на цела држава. Според Државниот завод за статистика на РСМ, кој ги користи податоците од пописот во 2002 година, денес има вкупно 34 судови кои опслужуваат околу 2 милиони граѓани.
Не постои единствен начин за мерење на квалитетот на услугите во правосудните системи. Постојат повеќе критериуми и фактори кои придонесуваат за подобар квалитет. Во рамки на Европската унија, правдата се оценува врз основа на испитување на пристапот до правда за граѓаните и фирмите, соодветните материјални и човечки ресурси, воспоставувањето алатки за проценка и користење стандарди за квалитет.
Стратегијата за човечки ресурси во судската мрежа (2021-2026), која е подготвена со поддршка од Европската комисија (ЕК) го зема предвид пристапот до правдата од аспект на територијалната распределба на судовите и нивната зависност од местоположбата.
„Меѓутоа, низ текот на годините се правеле одредени промени, односно се воспоставувале и укинувале судови, но ниедна од десегашните промени не ја земала предвид внатрешната миграција на населението (ова може да се објасни со многу мал број судови на 100 илјади жители во Скопје)“, пишува во стратегијата за судската мрежа.
Колку граѓани живеат во Северна Македонија е клучното прашање на кое треба да добиеме одговор со годинешниот попис. Ова е најголемата придобивка од статистичката операција според 39% од испитаниците кои биле опфатени во владиното истражување на јавното мислење, во март годинава. Помалку од една третина (30%) од граѓаните не знаат или одбиле да одговорат кои се главните придобивки од спроведување на пописот, додека 17% од граѓаните сметаат дека нема придобивки од спроведување на пописот.
Претставниците на судските институции кои ги контактиравме го делат мислењето на 39% од испитаниците, но со пособен фокус на судството. Пописот не е само важен за државата, туку е од круцијално значење за стратегијата за ревидирање на судската мрежа за периодот 2021 – 2026 година, смета претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска.
„Неопходно е по добивањето на резултатите од пописот да биде земен предвид бројот на населението, како и внатрешната миграција во рамки на територијата која ја покрива судот. Така што, поставувањето на структурата на судовите треба да биде во согласност со бројот на населението. Имајќи предвид дека последниот попис е од 2002 година, многу се важни овие информации, за бројот на седиштата на основни судови, како и апелациските судови кои ја покриваат територијата, за да може да се приближиме до просекот на Европската комисија (ЕК), смета Црвенковска.
„Иако систематизацијата предвидува дека се потребни 636 судии, за системот да функционира без застој и натрупани предмети, судството сега брои 503 судии. Просекот на ЕК за ефективноста на правдата од 2018 година изнесува 1.22 на 100 илјади жители за првостепените судови, а за сите други судски инстанци изнесува во опсег од 1.9 и 1.8, во зависност од видот на судот. Кај нас последните анализи се правени за 2019 година. Најизразен е недостигот кај Кривичниот суд во Скопје, кој по територија на население има индикатор 0.1“, вели Црвенковска.
Точните податоци за населението ќе бидат водилка за идната стратегија, за тоа како да се пополнуваат судските места, ни и местата во судската администрација. Крајната цел е да се приближиме до европскиот стандард, вели Саити.
Тој вели: „Во сите држави бројот на судовите е детерминиран од бројот на жителите.Така, европските искуства зборуваат за стандарди кои се битни за организацијата на судската мрежа, како што се географската распространетост на населените места, инфраструктурата, економскиот развој, бројот на жители и други параметри. Овие факти се утврдуват меѓу другото и преку пописот.“
Опстанокот на некои судови се наоѓа пред „пописен испит“
Нерамномерна распределба на кадри има и кај стручната судска администрација. Некаде фалат, а некаде има вишок вработени. Со Стратегијата е опфатена и оваа категорија. За разлика од европскиот просек кој изнесува 68.7 на 100 илјади жители, кај нас бројот на вработени изнесува 109 на 100 илјади жители, велат од Судскиот совет. Само пет земји во Европа (Србија, Хрватска, Црна Гора, Монако и Андора) имаат повеќе судски персонал по жител.
Уште еден аспект кој треба да биде земен предвид при распределбата на вработени во судовите е обемот на предмети во судовите. Информациите од Судскиот совет покажуваат дека како што се намалува бројот на судии во земјава, така има се поголем наплив на предмети во судовите.
„Бројот на нерешени предмети не се зголемува, туку стагнира. Судиите успеваат зголемените предмети да ги совладаат. Има пофалба за судиите. По обем на предмети се на највисоко место во европски рамки“, вели Црвенковска.
Тековната распределба на населението според процените на Државниот завод за статистика од последниот попис во 2002 година, не го оправдува постоењето на основен суд во градовите кои имаат помалку од 20.000 жители, како што се: Крушево, Ресен, Виница, Берово и Кратово, се констатира во Стратегијата за судската мрежа. Со ова се отвора прашањето каква е иднината на судовите со основна надлежност, односно на судовите во малите градови и можни ли се суштински промени во судството по утврдување на демографската структура?
Тодор Поп Анев, доскорешен претседател на општиот суд во Свети Николе, смета дека одговорот на овие прашања ќе го даде пописот, кој може многу да придонесе во ревидирањето на судската мрежа: „Имајќи предвид дека еден од критериумите за основање на основните судови на одредено подрачје е и бројот на населението во тоа подрачје, сметам дека со точно утврдување на бројот на населението ќе може да се провери целисходноста на постоењето на некои основни судови со основна надлежност односно тие да можат да бидат споени со одредени судови со проширена надлежност“. Според Поп Анев, точниот број на населението, исто така, може да придонесе при определување на бројот на судии во судовите, имајќи предвид дека според бројот на населението може да се предвиди колкав би бил приливот на судски предмети.
Податоците за нивоата на апелациски и основни судови покажуваат големи разлики во судската мрежа. Некои од помалите судови располагаат со повеќе ресурси отколку поголемите судови во кои има поголем обем на предмети. Тука се лоцира нерамномерната распределба која е последица на непрецизни податоци за населението.
На пример, според податоците од 2019 година, во Основниот кривичен суд Скопје има 8,90 судии на 100 илјади жители, додека во Кратово има 32,63 судии на 100 илјади жители.
Се поизвесно е дека податоците од пописот ќе бидат искористени за организирање и модернизирање на судската мрежа, а со тоа ќе дојдат и нови промени. Информациите од статистичката операција ги чекаат и од Министерството за правда од каде порачуваат дека бројот на населението е еден од критериумите кој води кон прецизно проектирање на судската мрежа. Дали некои од помалите судови со општа надлежност ќе се спојат кон судовите со проширена надлежност е прашање кое ќе го почека пребројувањето и функционалните анализи за секој суд во државава.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.