Во Македонија, според медиумите, нестабилноста и кризата во политичкиот процес, дезориентираноста на Владата, како и нестабилните односи во владејачката коалиција, се последица од неколку негативни фактори: асиметрични односи меѓу партнерите во власта (при што, се истакнува дека Груевски е заложник на Тачи), аферата со неуспешната продажба на ТЕЦ „Неготино“, неможноста да се усогласат теснопартиските интереси при дооформувањето на составот на Републичкиот судски совет.
Повеќето медиуми сметаат дека се случува деградација на интегративните процеси. Медиумите се загрижени дека неадекватното однесување на домашната политичка елита неповолно ќе влијае врз интеграцијата во НАТО (по неповолниот развој на односите со ЕУ). Во најголем број случаи при лоцирањето на политичката одговорност, поголемиот дел од медиумите експлицитно ја посочуваат Владата како субјектот којшто е одговорен за неисполнување на обврските преземени за членство во ЕУ и НАТО.
Ова се само дел од констатациите на континуираниот квалитативен мониторинг на медиумите во Македонија – „Медиумско огледало“, кој го спроведува НВО Инфоцентарот, а кој се однесува на октомври годинава.
Медиумско огледало, октомври 2007 – PDF верзија (374KB)