Цивил – Центар за слобода денеска ја извести јавноста за „неформална посета“ од страна на полицијата, која се случила вчера, во пладневните часови. Ви го пренесуваме соопштението на Цивил во целост:
Двајца припадници на полицијата го посетија ЦИВИЛ, вчера во 12:40 часот. Со зборовите, „вие сте сомнителни“, божем на шега, двајца униформирани полицајци влегоа во дворот кој е приватна сопственост и во кој седеа тројца членови на координативниот тим на организацијата. Иако униформирани, рекоа дека не се во службена посета. Изговор за посетата им беше дека тука порано доаѓале бездомници, а потоа, без покана, удобно се сместија на столовите и почнаа со испрашување. Ги интересираше како „заработува“ ЦИВИЛ, од каде се парите за опстанок, прашуваа за тоа кој каде живее, за етничката и верската припадност, констатираа дека луѓето на ЦИВИЛ се тие што протестираат.
Прашањата кои се поставија на вчерашниот „информативен разговор“ кој го изврши полицијата при својата визита во ЦИВИЛ, не би сакале да ги сметаме за форма на притисок и се надеваме дека, сепак, се работи за изолирана и случајна посета. Но, чувствуваме потреба да ја информираме јавноста за оваа блиска средба, имајќи ја предвид општата состојба.
Што се однесува до прашањата за тоа како „заработуваме“ ја информираме полицијата дека сите податоци за проектите и финансиите на ЦИВИЛ се наоѓаат на веб страната, на социјалните мрежи и другите онлајн канали на организацијата. Исто така, деталните информации за сите активности на организацијата ги презентираме во јавноста преку многубројните јавни настани и прес конференции на јавен простор, на кој полицијата е повеќе од добродојдена.
Понатаму, ја потсетуваме полицијата дека ЦИВИЛ е организацијата која во изминатите 15 години од постоењето, меѓу другото, дава голем придонес кон јакнење на јавната свест за опасностите од нелегалното оружје по безбедноста и сигурноста, за подобрување на соработката меѓу полицијата и граѓаните и за надминување на култот кон оружјето.