Полицијата во Македонија лошо, насилнички и дискриминаторски се однесува спрема корисниците на дрога, покажува истражувањето „Прекршување на човековите права на луѓето кои употребуваат дрога при контакт со полицијата во Република Македонија“, кое во изминатите две години го спроведе Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.
Истражувањето е спроведено преку фокус-групи во 11 општини во Македонија и со него се опфатени 80 корисници на дрога, чии сведоштва се вклучени во оваа студија. Корисниците на дрога најчесто се жалат на претреси без судски налог, на постојано парично казнување, но и на физичко малтретирање најчесто од Алфите. Едновремено, дел од испитаниците истакнале дека не им била навреме укажана медицинска помош, дека Итната брза помош ги игнорира, а некои се пожалиле и на тоа дека полицијата им ја одзела метадонската терапија без никакво образложение.
Имајќи го сето ова предвид, Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници препорачува полицајците да имаат посебна обука за тоа како да се однесуваат кога ќе бидат во контакт со корисници на дрога, а МВР во соработка со Министерството за здравство да изготви едукативна брошура во која ќе се објасни дека полицијата не смее да им го ускрати на корисниците правото на користење метадонска терапија. Коалицијата, исто така, препорачува полицајците да имаат и обука за излегување во пресрет и за помош на жртвите од предрозирање.
Истражување го спроведе Жарко Трајановски, во соработка со Томислав Кежаровски и Драгана Дрндаревска.
Фотографија: Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.