Во рамките на проектот „Граѓанско набљудување на народниот правобранител“, вчера во Куманово се одржа јавниот настан „Народниот правобранител и локалната власт: Подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните“. На настанот говореа народниот правобранител Иџет Мемети, градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски и заменикот народен правобранител, Насер Весели.
Отворајќи ја средбата, градоначалникот Димитриевски истакна дека граѓаните имаат инфраструктурни проблеми,особено во руралните средини, но додаде дека и во Куманово се почитуваат правата на граѓаните и слободите, потсетувајќи дека во кумановскиот совет, советниците можат да користат четири јазици, македонски, албански, српски и ромски.
Мемети, во однос на остварувањето на правата на граѓаните, истакна дека во Македонија се носат одлични закони, кои за жал во суштина не се применуваат и дека често се случува носителите на власта да бараат начини да ги заобиколат, граѓаните не се доволно едуцирани и дека треба повеќе да бараат остварувања на права.
Тој додаде дека никој кај него не поднел претставка за името, за законот за јазици, за признавање на МПЦ, туку дека најбројни се барања за претставки од социјалната и економската сфера. Според него голем проблем и за институциите е немањето средства, особено во локалните средини.
Во Куманово минатата година биле поднесени над 200 претставки што го става градот на четвртото место во Македонија, според бројот на поднесени претставки.
Заменикот народен правобранител, Насер Весели, смета дека имаат солидна соработка со институциите, при остварување на правата на граѓаните, но дека понекогаш се случува одредени предмети да се провлекуваат со години, поради непреземени мерки од страна на институциите. И тој се пожали дека нема доволно претставки од граѓаните на општините од североисточниот регион за работата на локалните власти. Претседателката на советот на општина Куманово, Атина Мургашанска, истакна дека во Куманово генерално се почитуваат правата, но рече дека секогаш може да се унапредат.
На годишно ниво во Македонија се поднесуваат од три до четири илјади претставки, од кои десет проценти се однесуваат на повреда на права на граѓани од локална власт, на урбанизмот, градежништво, комунални услуги, права од животна средина.
Настанот е организиран во рамки на проектот „Граѓанско набљудување на народниот правобранител“, со поддршка од Амбасадата на САД во Република Македонија.