logo_official_MK-1

Пет лекции за петка по човекови права – прва емисија

на мај 27, 16 • од

Длабоката криза која што има навлезено во сите сфери на нашето живеење, поларизираното општество, поделбата на наши и ваши, протести и контрапротести, протестанти и контрапротестанти си го земаат данокот. Секојдневно сме сведоци на примери на прекршување на  човековите права, правото за избор без притисок, но и загарантираното правото за непречено и професионално вршење на работата, [&hellip...
Pin It

Home » Активности, Слобода за слободата на изразување » Пет лекции за петка по човекови права – прва емисија

Длабоката криза која што има навлезено во сите сфери на нашето живеење, поларизираното општество, поделбата на наши и ваши, протести и контрапротести, протестанти и контрапротестанти си го земаат данокот. Секојдневно сме сведоци на примери на прекршување на  човековите права, правото за избор без притисок, но и загарантираното правото за непречено и професионално вршење на работата, посебно работата што значи информирање, но и начин за некого да си го заработи својот леб.

Вања Мицевска, новинарка на Канал 77  и Јане Мамучевски, се млади новинари кои што работат на Истокот од земјава.

Едниот беше избркан од следење на протести, другиот од следење на седница на беровскиот совет.

Неодамна бев избркана од контрапротестот, којшто Граѓанското движење за одбрана на Македонија го имаше организирано во Штип. Непосредно пред да заминам на контрапротестот го следев протестот на Шарената револуција, но демонстрантите од ГДОМ кога ме видоадека се обидувам да снимам и фотографирам ме избркаа со зборовите „Оди си на другата страна“  алудирајќи на страната каде се одвиваше протестот на демонстрантите од Шарената револуција. Прво не знаев дека ми се обраќаат мене, затоа што ми беше многу нелогично да ме бркаат, со оглед на тоа што таму имаше и други новинари од други медиуми. Јас им  реков дека ја носам мојата новинарска легитимација, а се обратив и на еден од полицајците кои што го обезбедуваа протестот. Тоа не вроди со плод. Полицаецот само ми покажа со раката дека треба да заминам. Ова беше многу чудно за мене, поради тоа што и претходно сум следела протести на ГДОМ. Снимав, сликав и земав изјави од граѓаните и немаше никаков проблем. Не знам зошто ме избркаа и зошто полицијата не сакаше да ја види мојата легитимација?

Го раскажа Вања тоа што таа го доживеа, првично изненадена од она што ѝ се случило, неверувајќи дека такво нешто може да се случи и  во Штип, уште повеќе што овие протести не ги следеше за прв пат. Реакцијата што потоа следуваше во јавноста, и поддршката што ја доби, од  страна на учесниците  кои што не и дозволија да го следат протестот, беше оценето како нешто „претерано“ и правење „филм“.

Приказната на Јане е уште поексплицитна. Тој како новинар  во ,,Малешевски весник“ дошол во општината да следи седница на Совет, но бил избркан од обезбедувањето, по наредба на градоначалникот.

Отидов во Беровската општина да ја следам седницата на Советот. Пред вратата ме сопре обезбедувањето и ми побараа акредитација. Според мене за следење на ваков јавен настан не е потребна акредитација. Сепак јас им ја покажав акредитацијата, но од обезбедувањето ми рекоа да почекам, да се јават кај градоначалникот. Јас лично слушнав како обезбедувањето добива наредба – За ова ѓубриште овој влез е забранет. Јас не сакав да му правам проблем на лицето од обезбедувањето и се повлеков, не сакав  да влезам на сила. Излегов надвор и во тој момент без никаков проблем влезе екипа од една регионална телевизија. Реагирав, дека сето ова не е во ред, и дека треба, како за еден, да биде исто за сите. Претставник  сум на единствениот медиум во Берово и сакав, јас, изворно  да им ги пренесам информацииите на граѓаните.

Каков пример и искуство за млади новинари на почетокот на нивната кариера.

Мислам дека овој настан нема да  смени нешто во мојот начин на работа. ГДОМ  повторно организираше протести и јас повторно бев да ги следам. Настаните што се од јавен интерес, во интерес на граѓаните и понатаму ќе си следам. Граѓаните треба објективно и непристрасно да се информираат, без оглед на притисоците и намерите на оние на кои што тоа не им се допаѓа – смета Мицевска.

Со тоа што бев избркан од следење на седницата на Советот губат граѓаните, вели Мамучевски.

По овој случај, добив многу позитивни реакции од граѓаните. Градоначалникот мислеше дека јас сакам да правам некоја црна кампања, но воопшто не е така. Ние живееме за новинарството и од новинарството. За тоа сме учеле. Со тоа што ме избркаа си наштетува и локалната власт. Не ми даваат информации и јас ја немам другата страна, нивната страна.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани смета дека не случајно „Фридом Хауст“ нè третира како земја без слобода на медиумите. Главниот индикатор за ваквото третирање е политиката на неказнување на насилството врз новинарите.

Ги имаме сите примери на насилство врз новинарите, физички напади, смртни закани, попречување на работата, уништување на имот на новинарите, попречување на известување од протести. Тоа покажува јасно дека власта има проблем со вистината. Не сакаат јавноста да биде објективно и навремено информирана, затоа што тогаш јавноста нема да верува на нивната розева вистина. Поради тоа јасно е и не случајно, зошто  не им дозволуваат на новинарите да ги следат настаните. Знаат дека пораката што тие новинари ќе ја пратат, нема да биде таа што тие би сакале да ја пренесат во јавноста. Мислам дека ние како професионални новинари немаме друг излез освен да истраеме во нашата работа, да се придржуваме кон професионалните стандарди и да бидеме верни кон нашите слушатели, читатели или гледачи.

Селмани е убеден дека битката ќе ја добиеме, зошто Македонија е демократска земја, таа  е во Европа и сите овие обиди за замолчување на медиумите, застрашувања и попречување на нивната работа еден ден ќе завршат. Во ова веруваат и нашите млади новинари, дека професионалните новинарски стандарди, ќе бидат основа во нивната новинарска работа. Нема да дозволат никој да ги крши нивните права.

Извор: Канал 77

Прилогот е дел од серијата „Пет лекции за петка по човекови права“, како дел од проектот „Застапување за слобода на изразување“ на НВО Инфоцентарот и Центарот за развој на медиуми, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Прилогот е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Содржината на прилогот е одговорност на ЗГ „Медиа плус“ Штип и на авторите и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top