Провладините медиуми, продолжуват со постојаната хајка против своите колеги кои имаат критички однос спрема актуелната власт. Случајот во кој вицепремиерот Владимир Пешевски насилно го нападна сопственикот на порталот Мактел, Саше Ивановски, во овие медиуми се претставува еднострано и со целосна поддршка за вицепремиерот и неговата постапка.
Додека македонската и меѓународната јавност бараат одговорност и оставка од Пешевски, и констатираат дека овој случај претставува директно загрозување на слободата на изразување и слободата на информирање, провладините медиуми на секаков можен начин го бранат и оправдуваат вицепремиерот Пешевски.
Сител телевизија, на пример, наместо професионално и сеопфатно да информира за физичкиот напад на Пешевски врз Ивановски, во своите вести од 16 јули 2015 година, објави прилог насловен како: „Саше Ивановски е инструмент на опозициската и СОРОС деструктивност“, во кој еднострано, без факти и со многу конструкции и инсинуации се напаѓаат Саше Ивановски, но и новинарката Билјана Секуловска, која се нашла во близина на местото на настанот и го снимила инцидентот.
Новинарот без да побара каква било изјава од овие лица, а со помош на, како што вели, снимки од порталот Курир, конструира приказна дека Ивановски и Секуловска, заеднички планирале да го провоцираат вицепремиерот и да го снимат самиот настан.
За Секуловска, новинарот на самиот почеток вели дека работи за „соросовото гласило“ НоваТВ, а Ивановски уште во насловот го етикетира како инструмент на опозицијата и на Сорос. Понатаму во текстот, авторот, сугерира дека Ивановски постојано ги попречува новинарите во извршувањето на нивната работа, па оди дотаму што прилогот го завршува заканувачки односно тврдејќи дека „ваквото однесување се нарекува хеклање и е санкционирано од безбедносните служби во сите светски држави.“
Во овој прилог единствената вина за насилничкиот акт, се фрла врз Ивановски, но и врз Секуловска, додека вицепремиерот е целосно амнестиран од каква било одговорност. Прилогот, од една страна, има за цел да ги осуди и оцрни Ивановски и Секуловска, а од друга страна, сака да предизвика симпатии и сочувство спрема Пешевски, пренесувајќи делови од неговата изјавата во која тврди дека не е насилен и дека Ивановски неколку пати му приредувал инциденти, дури и пред неговите деца, без притоа да биде објавена снимката од која се гледа неговиот напад врз Ивановски.
Овој прилог е само уште еден показател за недостигот од професионални стандарди и етика во информирањето на провладините медиуми односно за злоупотребата на новинарството во исклучиво пропагандистички и манипулативни цели.