Дебатата „Перспективите на истражувачкото новинарство“ која се одржи на 24 јануари 2019 година во Скопје ги вклучи сите засегнати страни кои оценија дека се потребни натамошни напори за поддршка на квалитетното новинарство. Дебатата беше завршен настан на тригодишниот проект Истражувачко новинарство за поттикнување реформи, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Центарот за граѓански комуникации, НВО Инфоцентар и БИРН.
„Потребно е постојано вложување во новинарство кое го штити јавниот интерес и е коректив на властите во остварување на поставените реформски приоритети. Овој проект беше насочен кон зголемување на знаењето и вештините на македонските новинари, креирање алатки кои им стојат на располагање за поголема примена на техниките на истражувачкото новинарство како и за градење партнерста со НВО. Крајна цел беше поголема застапеност на истражувачки стории во традиционалните медиуми, а не само на интернет порталите“, оцени Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.
Претставувајќи ги резултите на проектот Факиќ изјави дека во изминатите 3 години беа обучени 125 професионални новинари од 54 медиуми, поддржани се 8 новинарските истражувања за добите ЕУ практики, од кои една наградена и со Жан Моне, организирани се студиски посети за новинари во странство, учество на новинарите на школи за истражувачко новинарство, изготвени се 10 анимирани видеа за подобрување на новинарските вештини во истражувачкиот процес, организирани се над 10 работилници и дебати, креирани се над 20 бази на податоци за значјани општествени теми во чие изготвување учествуваа 14 локални НВО за што добија финансиска и менторска поддршка.
Дебатата започна со претставување на наодите од мониторингот на медиуми кое покажа дека застапеноста на новинарските истражувања во македонските медиуми е зголемена за пет пати во однос на 2016 кога е спроведен првиот мониторинг. За разлика од претходните две години, за прв пат годинава мониторингот покажа дека доминираат текстови во кои се консултирани повеќе страни, во повеќето содржини изворите се наведени, расте бројот на оние во кои се приложени и документи, а веќе нема стории во кои изворите се исклучиво анонимни.
„Охрабрува и фактот што расте процентот на илустрирање на сториите со оригинални фотографии, како и тоа што повеќето текстови односно прилози се потпишани со име и презиме на авторот. Меѓутоа, мониторингот покажува и некои други, не така позитивни тенденции, кога станува збор за истражувачките и аналитички содржини во македонските медиуми. Податокот дека за разлика од 2016 и 2017, кога Владата минимално учествувала како извор во новинарските стории (од 0 до 1%), сега таа е застапена со 6 %, е причина за аларм во редакциите кои држат до својот интегритет и независност. Во прилог на ова оди и податокот дека опаѓа бројот на стории чиј повод е самостојно новинарско истражување, а расте бројот на содржини кои се резултат на „псевдонастан“ (прес – конференција, соопштение, седница и друго), изјави Биљана Бејкова од НВО Инфоцентар.
На дебатата беше оценето дека остануваат сериозните системски слабости со кои се соочуваат медиумите и оттука подобрувањето на квалитетот и кредибилитетот, како на дневното, така и на аналитичкото и истражувачкото новинарство во интерес на јавноста и јавното добро, е постојан предизвик пред кој е исправена секоја редакција. На дебатата присуствуваа педестина уредници, новинари, претставници на медиуми организации, како и министрите Роберт Поповски и Дамјан Манчевски.