НВО Инфоцентарот, во соработка со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), a со финансиска поддршка на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), во периодот од 1 јануари до 22 април 2012 година, во рамките на програмата за мониторинг на медиуми „Медиумско огледало“, спроведе мониторинг на информирањето на медиумитеза процесот на евроинтеграции на Република Македонија.
Со мониторингот се опфатени седум дневни весници („Утрински весник“,„Дневник“, „Вест“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Фокус“ и „Ден “), централните информативни емисии на седум телевизии со национална и сателитска концесија („Канал 5“, „Сител“, „Телма“, „МТВ1“, „Алфа“, „АлсатМ“ и „Вести 24“) и три информативни портали „Плусинфо“, Скај мк“ и „Курир“.
Во периодот јануари–април 2012 година, медиумите најинтензивно информираа за Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската унија. Поголемиот дел од медиумите активно застанаа во одбрана на агендата на власта, која овој дијалог сакаше да го претстави како голем исчекор на планот на европската интеграција на Македонија. Повеќето од медиумите не го отворија прашањето зошто дијалогот се отвара дури оваа пролет, иако претседателот на Европската комисија, Баросо, го најави за минатата есен и некритички ги пренесуваа владините толкувања дека целиот процес се случува на иницијатива на македонската влада.
Медиумите пропуштија да ја информираат јавноста дека повеќето од прашањата што се дискутираат во рамки на дијалогот се дел од приоритетитена Пристапното партнерство од 2008 година.
Најголем дел од медиумите, пренесувајќи ги изјавите на претставниците на Владата, а пред се на премиерот Груевски и вицепремиерката задолжена за европски интеграции Теута Арифи, упорно инсистираа на тоа дека Пристапниот дијалог на високо ниво е почеток на преговорите за членство со ЕУ. Речиси во ниеден од мониторираните медиуми немаше текст, односно анализа со која би се разобличила ваквата манипулација. Причини за ваквиот однос на медиумите спрема ова прашање може да бидат две, и тоа: 1) или кај медиумите е сериозно намален интересот суштински да ја следат политиката на Владата во однос на евроинтегративниот процес; 2) или, пак, новинарите недоволно ја разбираат суштинската разлика меѓу овие два процеса. Во секој случај, најголеми губитници се граѓаните на кои им беше одземена можноста до крај и длабински да бидат информирани за тоа дека Пристапниот дијалог во никој случај не значи отворање поглавја и почеток на преговори за членство туку, напротив, тој е само рамка која ќе овозможи следење на напредокот и реформите во петте подрачја (targets) кои се, всушност, составен дел на политичкиот критериум. Се додека државата не го достигне соодветниот напредок и реформите потребни за целосно исполнување на политичкиот критериуми, не може да започне преговори за членство.
Во овој период на мониторинг, во споредба со 2011 година, забележано е зголемување на бројот на објавени текстови и прилози посветени нафондовите на Европската унија наменети за Македонија. Како резултат на интересот медиумите да покријат неколку настани кои се случија во овој период, а се однесуваа на промоција на различни програми и проекти финасирани од ЕУ, граѓаните добија информации за постоење различни проекти финансирани пред се преку Програмите на заедницата на ЕУ, но и преку ИПА. Сепак, забележливо е дека информирањето се сведува на проследување на настаните, без длабинска анализа и коментар од страна на новинарите, што укажува на отсуство на капацитет кај медиумите за длабинско разбирање и следење на типовите програми и финасиски инструменти кои ги нуди ЕУ во Македонија.
Големо внимание во медиумите предизвика обраќањето во Европскиот парламент на Лидија Димова, извршната директорка на МЦЕО, за дизајнот на новата ИПА-програма за периодот 2014-2020 година. Провладините медиумија критикуваа Димова дека побарала „ЕУ да ги укине ИПА фондовите за Македонија и буџетската поддршка“ и коментираа дека „соросоидот Димова плукна по Македонија“. Поголемиот дел од медиумите не го објавија обраќањето на Димова во ЕП и не објавија никаква изјава или коментар наДимова. На тој начини, јавноста беше оневозможена изворно да се запознае со содржината на обраќањето на Димова и да ги слушне нејзините аргументи. Фактот што во новинарските прилози ги немаше сите засегнати страни на оваа тема и што во нив не беа испочитувани новинарските стандарди, отвара сомневање дека овие медиуми намерно сакале да ја дезинформираат и манипулираат јавноста за вистинската содржина на обраќањето на Димова во Европскиот парламент.
Како и во изминатите периоди на мониторинг на информирањето на медиумите за евроинтеграциите, така и во овој прв квартал на 2012 година можеме да констатираме дека новинарите и натаму главно ги пренесуваат изјавите на политичарите поврзани со евроинтеграциите, а дека аналитички пристап речиси комплетно отсуствува.
Мониторинг на медиуми, јануари-април 2012: Пари и дијалог на високо ниво (477KB)