Покрај граѓанските организации, со осуда на физичкиот напад на вицепремиерот Владимир Пешевски врз новинарот Саше Ивановски, се огласија и Европската федерација на новинари (ИФЈ), Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и преставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ.
ИФЈ и ЗНМ бараат Пешевски да си поднесе оставка бидејќи тој веќе не е достоен за оваа функција, но бараат вицепремиерот да биде изведен пред лицето на правдата: „..Бараме од јавниот обвинител Марко Зврлевски да започне истрага против Пешевски за нападот врз Ивановски…Насилство врз новинарите е насилство врз слободата и демократијата. Жртви на таквото насилство не се само новинарите, туку и граѓаните кои имаат право да бидат информирани од страна на медиумите“.
Дуња Мијатовиќ, пак, го осуди и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ: „По инцидентот владејачката партија објави соопштение во кое го критикуваше новинарот дека бил провокативен додавајќи дека новинарите ќе ги сносат последиците доколку ја загрозат приватноста, слободата и правата на која било индивидуа. Ужасно е тоа што по нападот владејачката партија го осудува новинарот поради провокација, а не го осудува самиот напад“.
Според Мијатовиќ: „Jавните службеници и политичарите мора да имаат повисок степен на толеранција за критичкото известување и имаат должност да ги заштитат сите новинари“.