Дваесет граѓански организациина денешната прес-конференција побараа од институциите да запрат политичките притисоци врз невладиниот сектор. Ви го пренесуваме интегрално соопштението од организациите кои повеќе од пет месеци се цел на екстремни притисоци од повеќе институции:
Во името на дваесет граѓански организации и во интерес на целокупното граѓанско општество сакаме да ги споделиме со јавноста екстремните притисоци на кои бевме изложени и кои сѐ уште ги трпиме последниве пет месеци.
Уште во декември започнаа првите организирани контроли врз нашите организации од страна на повеќе институции. Во истиот период тогашната владеачка партија ВМРО ДПМНЕ јавно повика на прогон врз граѓанските организации, што дава причина да веруваме дека овие контроли не се рутински туку наменски и со цел да наштетат на нашите организации. Иако институциите имаат право да вршат контроли, начинот на кој течат креира сомнеж дека ова не се редовни професионални контроли туку инструментализација на институциите за политички притисок врз невладините. Неколку примери во прилог на ова: во налозите и барањата за контролите нема образложение што и зошто се контролира; ние сме приморани да даваме информации без да знаеме во кое својство го правиме тоа; налозите се издаваат од институциите во исти денови за различни организации. Шест различни институции вршат неоснована и кооридинирана контрола: Управата за јавни приходи, Финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи на барање на Јавното обвинителство, а имаме информации дека и Агенцијата за финансиско разузнавање и Државната комисија за спречување корупција имаат преземено акции.
Одговорно тврдиме дека како организации својата работа ја вршиме професинално и согласно законите и немаме проблем да дадеме отчет пред институциите како што тоа секојдневно го правиме и пред нашите членови, донаторите, ревизорите, институциите и граѓаните на оваа држава. Контролите влијаат на капацитетите за работа и средината во нашите организации, веќе петти месец инспектори речиси секој ден доаѓаат во нашите канцеларии, вработените во организациите одговараат бројни прашања и постојано копираме купишта документи за потребите на контролите. Дали институциите немаат позначајна работа од тоа да бараат од десетици инспектори со месеци да вршат контроли врз невладини организации кои законски си ја работат својата работа?
Почнуваат да се јавуваат првите случаи на неправедени екстремни казни, како што е случај со организацијата КХАМ Делчево која постои речиси 18 години и одговорно работи на подобрување на животот и економскиот развој на Ромите. На оваа организација и е изречена казна поради својата хуманитарна работа и донации како уличишен прибор и зимска облека донирани на стотина социјално загрозени семејства во Делчево. Оваа посветена организација е неосновано оданочена злоупотребувајќи законски недоречености. Прашуваме каде е правдата ако пожртвуваната работа и помагање на граѓанитете кои имаат најмалку се нешто за што државата треба да казнува?
Се сомневеме дека откако институциите увидоа дека работиме професионално и согласно нашата дејност може да следат обиди за казни основани на законски недоречености. Со ова институциите ризикуваат губење на она што организациите го работат и даваат на граѓаните (како правна помош, хумантирани донации, обуки и сервиси), но и на меѓународната помош од странство дадена за оваа држава.
Затоа бараме од новата власт и институциите овој притисок на кои неправедно и тенденциозно се изложени нашите организации да запре. Бараме да се отвори постапка и да се провери основаноста на контролите и да се утврди дали има злоупотреба на службена должност за политички притисок и дискриминација. Бараме да не се злоупотребуаат законите и недореченостите во нив за прогон. Бараме изречените казни и записниците од овие случаи да бидат ревидирани и разгледани од независна комисија.
Сметаме дека во иднина треба да биде ревидирана законската рамка која го уредува работењето на граѓанските организации поради тоа што ги третира на исто ниво како профитни субјекти наместо како организации кои работат на граѓанска основа за општествено добро.
Сакаме да ја известиме јавноста дека и покрај околностите и секојдневните притисоци на кои бевме изложени овие пет месеци не престанавме да ја работиме нашата работа во интерес на граѓаните. Дадовме се’ од себе да функционира правната помош за граѓаните чии права се прекршени, да организираме посети на младите во институциите, да правиме општествено ангажирани културни настани и да ги презентираме нашите истажувачки наоди. И покрај притисокот чувствуваме дека успеавме да ја вршиме својата работа и најавуваме дека ќе продолжиме да го правиме тоа.
Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека сме загрижени од новата информација дека актуелната Влада доделила 800.000 евра за граѓански организации и бараме поништување на таа одлука. Причините се што техничката влада во заминување нема морално право и мандат да носи вакви одлуки во овој момент. Се отвора сомнеж за намерите со што повикот беше отворен во екот на политичкиот прогон на граѓанското општество и е повисок од било кој фонд досега што државата го одвојувала за невладини организации. За споредба минатата година грантовите кои се доделувале биле во висина до 5.000 евра, додека сега се покачени и до 50.000 евра. Поради чувствителноста на прашањето и околностите во кои се носат вакви одлуки за распределување на јавните средства бараме оваа одлука да биде ревидирана во најбрз можен рок.
За крај, сакаме да потсетиме дека ќе продолжиме да работиме одговорно и во интерес на сите граѓани на Македонија како контролори на власта и институциите. Ќе бидеме тука за да препорачуваме, застапуваме и водиме грижа да има одговорни инститиуции и фукционално собрание отворено за граѓаните кое ќе врши надзор на власта. Ние како организации ќе продолжиме да работиме за враќање на демократијата, правата на граѓаните и владењеето на правото во Македонија.
Со почит,
Акција плус, Ресен | Визио, Кичево | Евротинк – Центар за европски стратегии | KХАМ, Делчево | Младински културен центар, Битола | Младински образовен форум | НВО Инфоцентар | Организација на жени, Струмица | Пактис, Прилеп | Патокази, Гевгелија | ПРОЕКТ-ЕУ, Кавадарци | Регионален центар за одржлив развој, Кратово | Факултет за работи што не се учат | Фондација Метаморфозис |Фондација Отворено општество – Македонија |Фондација Фокус, Велес |Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија |Центар за одржлив развој на заедницата, Дебар |Центар за современи уметности |ЏЕФ Македонија