НВО Инфоцентарот, во соработка со Организацијата на жени од Струмица, ја подготви студијата: „Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво – Студија на случај: Општина Тетово“.
Овој документ е дел од серијата студии на случај, во кои покрај Тетово, вклучени се и општините Струмица и Битола, како и градот Скопје. Во студиите се анализираат и оценуваат постојните капацитети на општините за искористување и програмирање на ИПА фондовите. Истовремено, овие студии ја анализираат соработката на општините со граѓанските организации и нудат препораки за зголемена апсорпција на европските фондови и подобра соработка со граѓанскиот сектор на локално ниво.
Клучни наоди
Генералната оценка за досегашниот перформанс на Општина Тетово, во поглед на нејзините капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондовите, во служба на локалните развојни приоритети, се карактеризира со многу низок процент на искористеност на достапните средства. Тоа се должи на пасивниот и стратешки нефокусиран пристап. Исто така, поставената стратешка рамка на Општина Тетово, парцијално се осврнува на потенцијалите за искористување на ЕУ фондовите во служба на локалниот развој. Поставените стратешките цели се усогласени со целите на ИПА програмите на ЕУ што претставува предуслов за апсорпција. Но она што загрижува е целосното отсуство на добро дефинирани мерки и активностите кои би ја зголемиле искористеноста на надворешните фондови во служба на локалниот развој. Немањето континуитет во стратешката определба за градење на капацитетите дополнително ја отежнува веќе неповолната позиција за искористување на ограничените внатрешни човечки ресурси и искуство, кои значително влијаат врз апсорпцијата на ЕУ фондовите. Она што треба да се нотира е фактот дека, во моментов, во Општина Тетово постои експертиза и искуство и покрај ограничениот број вработени лица, во СЛЕР и ЕМС. Истите треба да се надградуваат и да се стават во служба на ефективниот и ефикасен локален економски развој.
Постојните модели на соработка со засегнатите чинители на локално ниво, не бележат значајни успеси. Стагнира и промоцијата на придобивките од учеството на Општината во ИПА програмите на ЕУ, како и унапредувањето на моделите на соработка со граѓанскиот сектор во дизајн и спроведување на стратешки развојни иницијативи.
Општината не ги исклучува граѓанските организации како потенцијални корисни партнери во изработката и реализацијата на проекти во рамки на програмите на ЕУ. Во моментов не постои систематизиран пристап и соработка на Општината со граѓанските организации, односно нема засебна единица која би ја координирала соработката, а не е назначено ни лице за контакт со граѓанските активисти во рамки на општинската администрација. Соработката е сведена на ад-хок активности и годишна програма за финансирање проекти од јавен интерес кои можат да бидат спроведувани од граѓански организации.
И активистите се едногласни дека партнерството треба да постои и да се гради. Преовладува ставот дека во Општината, засега, нема голема волја за соработка со граѓанскиот сектор, па оттаму, се залагаат за изработка на нова Стратегија која ќе предвиди мерки и активности за подобрување на взаемната соработка. Активистите сметаат дека Општината и граѓанските организации треба во иднина заеднички да подготвуваат и аплицираат проекти во рамки на ИПА фондовите. Ваквото партнерство ќе биде од корист и за двете страни. За граѓанските организации, тоа меѓу другото, ќе значи и обезбедување средства за ко-финасирање од страна на Општината. Клучните предизвици со кои се соочуваат граѓанските организации во Тетово се поврзани со ограничените можности за финансиска одржливост и кофинансирање на ЕУ проекти, како недостигот од човечки ресурси за иден организациски развој.
Препораки
Постојната стратешка рамка во Општина Тетово треба да биде преточена во конкретни мерки и активности кои ќе водат кон зголемено искористување на фондовите што ги нуди Европската Унија. Општината треба да креира и спроведува континуирана и системска промоција на придобивките од учеството во ИПА програмите на ЕУ, како за општината, така и за јавните претпријатија, граѓанските организации, бизнис секторот и граѓаните во целина.
Пристапот до ИПА фондовите подразбира преземање низа подготвителни чекори, вградени во кохерентни развојни рамки, во кои прецизно ќе се идентификуваат потребите за надградба на постојните капацитети на Општината. За таа цел, Општина Тетово треба континуирано да ги надградува знаењата, вештините и искуствата на општинската администрација. Во моментов, приоритетни области за надградба се: детално запознавање на општинската администрација со програмите и фондовите на ЕУ, проектен менаџмент и спроведување на ИПА проекти (основно и напредно ниво), запознавање и примена на процедурите за набавки според ПРАГ, финансиско раководење, комуникација и промоција на проектни резултати, јавно застапување и креирање политики базирани на докази.
Капацитетите за искористување и програмирање на ИПА фондовите на локално ниво, треба да бидат соодветно систематизирани и во служба на стратешките развојни приоритети на општината. Затоа, потребен е ефикасен интерен систем, соодветна организациска поставеност, соодветни човечки ресурси и мандат за следење, мониторинг и надградба во рамки на СЛЕР и ЕМС, или во нова специјализирана проектна единица.
За унапредување на соработката со граѓанските организации, Општината треба да воспостави двонасочен постојан дијалог со граѓанскиот сектор, треба да воведе единица за соработка со граѓанскиот сектор, и да назначи лице за комуникација. Потребна е и изработка на стратегија за соработка и поддршка на граѓански организации. Нејзиното изготвување и нејзината реализација мора да бидат инклузивни односно со директно и постојано учество на организациите. Постојната програма за поддршка треба да има јасно дефиниран систем на селекција, мониторинг и евалуација, а поддржаните проекти мора да соодветствуваат со стратешките приоритети на Општината.
Општината треба да го стимулира партнерството со граѓанските организации во рамки на ИПА програмите, како и да ја поддржи одржливоста на секторот. Општината треба да развие модели на вклучување на граѓанските организации во дизајнот и спроведувањето на локалните развојни мерки.
Целосен текст на анализата: Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво – Студија на случај: Општина Тетово
Оваа студија е подготвена во рамки на проектот „Локален консултативен механизам ИПА2“, финансиран од Европската Унија.