НВО Инфоцентарот, во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на Народниот правобранител“ поддржан од Амбасадата на САД во Македонија, од декември 2016 година, континуирано ја набљудува работата на Народниот правобранител.
Главниот фокус на овој извештај се измените и дополнувањата на Законот за Народен правобранител кои стапија на сила во март 2017 година и тоа, пред сѐ од апсект на неговите човечки и финансиски капацитети за реализација на широкиот дијапазон надлежности и функции.
За потребите на овој документ беа спроведени структурирани интервјуа со Народниот правобранител, замениците на Народниот правобранител, државните советници и лицето задолжено за односи со јавноста во канцеларијата на Народниот правобранител, а беа анализирани и законската регулатива за Народниот правобранител, Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2016 година, систематизацијата на работните места, буџетот и други релевантни документи.
Следејќи ја траекторијата на развој на Народниот правобранител од аспект на законските измени кои од класичен модел на омбудсман го трансформираа во институција со специјализирани надлежности, може да се констатира дека државата начелно покажува волја за унапредување на улогата на оваа институција во промоцијата и заштитата на човековите права во Република Македонија.
Сепак, искуството во изминатите десетина години, покажува дека нормативната волја на државата е во расчекор со политичката волја на досегашната власт, која не дозволи целосно осамостојување на Народниот правобранител, која неретко ги игнорира неговите препораки, па дури и го оневозможува во неговата работа. Речиси сите наши соговорници од канцеларијата на Народниот правобранител се едногласни во констатацијата дека некои министерства и државни институции се затворени и неподготвени за соработка, а понекогаш и прават опструкции во работата на Омбудсманот. Тие, исто така, нагласуваат дека и покрај препораките на Европската комисија, Извештајот на Прибе, како и на други релевантни меѓународни експерти и организации, Народниот правобранител сѐ уште е финансиски и кадровски зависен од извршната власт. Владата решава за буџетот на Народниот правобранител, како и за вработувањата во неговата канцеларија.
Отсуството на политичка волја на Владата, реално и практично да го овозможи зајакнувањето на независноста и ефикасноста на Народниот правобранител, се гледа и во фактот дека надлежното Министерство за финансии со години не дозволува вработување соодветен стручен кадар, туку, нуди замена со несоодветен и нестручен кадар од други државни и јавни институции. Во последните години очигледна беше и тенденцијата да се одолговлегува со изборот на заменици на Народниот правобранител, прво за регионалните канцеларии, а потоа и за главната канцеларија во Скопје. Дополнителен проблем беше тоа што изборот на замениците се вршеше по претходен договор на владејачките политички партии, што секако не претставува практика кој овозможува независност, непристрасност и квалитет.
Последните законски измени кои стапија на сила во март годинава, сериозно го прошируваат мандат на Народниот правобранител, но не овозможуваат негова финансиска независност. Загриженоста е уште поголема заради фактот, што ставката за плати во буџетот за 2017 е намалена во однос на 2016 година. Ваквиот потег на досегашната власт покажува дека таа немала намера да го поддржи и поттикне ефикасното и ефективното спроведување на зголемените законски надлежности на Народниот правобранител.
Соговорниците од канцеларијата на Народниот правобранител сметаат дека не може да има успешна практична примена на законската регулатива која е можеби и најдобра во регионот, доколу ова институција нема соодветни финансиски и човечки ресурси. Буџетот треба да биде независен и поголем, а мора да бидат вработени и нови лица кои ќе имаат повисок стручен профил. Некои од соговорниците сметаат дека е нужна нова внатрешна организациска поставеност, зголемување на платите, како и нова политика на управување со човечките капацитети која ќе овозможува напредување, наградување, усовршување, обучување и други форми на поттикнување и мотивација на вработените и нивните индивидуални професионални капацитети.
Едно од најгорливите прашања секако останува функционирањето на Националниот превентивен механизам, кој досега опстојува само како резултат на донации од меѓународните организации. Нашите соговорници сметаат дека ваквата состојба е алармантна и дека мора да се промени во најскоро време односно НПМ мора да има независен буџет и стручен тим, како впрочем во секоја демократска држава.
Состојбата со човечки капацитети е загрижувачка и во шестте регионални канцеларии каде има само по двајца вработени, што дополнително негативно влијае врз работата на главната канцеларијата во Скопје која е принудена да работи на поголем дел од претставките што се примаат во регионалните канцеларии. Само за илустрација, Народниот правобранител годишно прима околу 4000 претставки или во просек околу 330 претставки месечно. Најголемиот дел од соговорниците искажаа незадоволство од кадровската екипираност во регионалните канцеларии и нивната речиси целосна нефункционалност, со исклучок на некои од канцелариите. Дел од нив сметаат дека регионалните канцеларии треба да се доекипираат и дека на тој начин ќе престанат да бидат само „пасивна курир служба за претставки“ и ќе можат посуштински и поефикасно да одговорат на потребите на граѓаните во локалните заедници. Но некои се порадикални во своите размислувања и сметаат дека регионалните канцеларии не се потребни, затоа што и онака поголемиот дел од претставките пристигнуваат и се работат во главната канцеларија во Скопје. Според нив, доволно е Народниот правобранител и вработените да бидат помобилни и повидливи и на тој начин, поефикасно ќе ги промовираат и штитат правата на граѓаните, и на национално и на локално ниво.
Имајќи го сето ова предвид, нашите соговорниците особено се загрижени и за тоа дали и како Народниот правобранител воопшто ќе може да ја остварува својата нова законска надлежност – пријател на судот. Станува збор за важна надлежност која во принцип отстапува од вообичаениот мандат на омбудсманите во светот бидејќи претставува директна инволвираност на Народниот правобранител во судските постапки, не само од аспект на нивното следење, туку и од аспект на давање пријателски мислења за правната работа. Оваа нова надлежност, меѓу другото, бара исклучително искусни, професионални и специјализирани кадри кои Народниот правобранител, во овој момент, ги нема.
Ваквиот јаз меѓу законската и фактичката состојба на Народниот правобранител во Република Македонија, покажува дека досегашната власт само формално била и е заинтересирана за унапредување на положбата на оваа институција и за спроведување на препораките од меѓународната заедница. Ваквата состојба мора да биде надмината во најскоро време односно мора да постои реална политичка волја која ќе му овозможи на Народниот правобранител непречено, независно и стручно да ги развива своите капацитети и на тој начин, успешно и ефикасно да ги промовира и штити човековите права на сите граѓани во Република Македонија.
Целосен извештај Омбудсманот – меѓу мандатот и капацитетите