Сите медиуми во Македонија го следат и го констатираат хроничниот проблемна недостиг од „нормална“ кохабитација меѓу Премиерот и Претседателот на државата. Проблемите на кохабитацијата, според медиумите, претставуваат само уште еден „минус“ за Македониja пред ЕУ. За повеќето медиуми, тоа е доказ дека постојат пропусти во функционирањето на институциите.
Односите Премиер – Претседател се разгледуваат и во контекст на однесувањето на Мендух Тачи. Неговото поведение во македонската политика се одразува и врз позицијата на премиерот Груевски и врз позицијата на претседателот Црвенковски. При што, поени добива Црвенковски, а губи Груевски бидејќи според медиумите, во Македонија: „потпретседателот на ДПА, Мендух Тачи функционира како `втор Премиер`, а премиерот Груевски го толерира ваквото поведение на коалицискиот партнер“.
Поради сериозните критики за Македонија од Брисел, медиумите загрижено констатираат дека „до наредниот извештај на ЕК не останува многу време и дека Брисел се прашува како Македонија ќе успее да го надомести времето што го изгуби во пресметки меѓу Владата, опозицијата и Претседателот на државата“. Тоа што „Македонија постојано добива нови еврошлаканици“, според медиумите, е резултат, пред се, на забавените реформи и на проблематичниот политички дијалог.
Речиси сите медиуми на македонски јазик ја критикуваа ДУИ, која и понатаму декларативно е против активностите на Фазли Велију во Косово, но практично ништо не прави за навистина да покаже дека се оградува од неговите активности.
Во врска со преговорите што ги водат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, повеќето медиуми констатираат дека обете страни не се подготвени за отстапки и дека дијалогот е доведен до мртва точка. Меѓутоа, сите се сигурни дека ДУИ преговарајќи, всушност, бара модел за влез во власта.
Ова се само дел од констатациите на најновиот извештај на „Медиумското огледало“, квалитативниот мониторинг на медиумите, на НВО Инфоцентарот, кој се однесува на периодот од 5 март до 1 април 2007 година.
Во набљудувањето се вклучени 12 медиуми: „Шпиц“, „Вечер“, „Време“,„Дневник“, „Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“ (вести на албански јазик), ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“.
Медиумско огледало, март 2007 – PDF верзија (380KB)