Преговорите за реформи во медиумите „се мртви“.
До Собранието се доставени неколку различни предлог- измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) го доставија предлогот на медијаторот Питер Ванхауте, а Македонската медиумска асоцијација достави свој предлог поддржан од Македонската асоцијација на новинари (МАН).
Предлогот на ЗНМ и останатите четири медиумски организации, на 4 април 2016 година, не беше усвоен од Собрането на Република Македонија.
Собранието, претходно, не го усвои ни предлогот на СДСМ за законски промени во финансирањето на јавниот радиодифузен сервис односно за укинување на радиодифузната такса.
Во меѓувреме, провладините медиуми наместо да го напуштат, дополнително го интензивираат едностраното, пропагандистичко и манипулативно информирање на јавноста. Медимуската хајка против Специјалното јавно обвинителство, на пример, достигнува загрижувачки димензии, а и говорот на омраза не секнува.
Ваквиот развој на настаните недвосмилено покажува дека состојбата со медиумите постојано се влошува и дека дури и да бидат усвоени најдобрите и најсоодветните законски измени, првичните промени можат да бидат видливи после неколку месеци.
Оттаму, сосема е јасно дека од аспект на медиумските состојби и медумските реформи не постојат услови за фер, слободни и демократски избори.