Untitled

Не се исполнети условите за распуштање на Парламентот и спроведување кредибилни избори

на апр 5, 16 • од

Седум граѓански организации, денеска, преку писмо, се обратија до меѓународната заедница и до јавноста. Во обраќањето организациите образложуваат зашто не се исполнети минималните услови за распуштање на Парламентот и распишување кредибилни избори во кои ќе веруваат сите граѓани на Македонија...
Pin It

Home » Граѓанска сцена, Слобода за слободата на изразување » Не се исполнети условите за распуштање на Парламентот и спроведување кредибилни избори

Јавното обраќање на НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Фондацијата Отворено општество Македонија, Транспарентност- Македонија, Метамoрфозис и Институтот за човекови права го пренесуваме во целост:

Скопје, 05.04.2016

Почитувани,

На 23 февруари 2016 година Собранието на Република Македонија го одложи своето распуштање за 7 април 2016 година под жесток притисок на јавноста, граѓаните, меѓународната заедница и дел од политичките партии со образложение дека клучните точки дефинирани како минимум за кредибилни избори не се исполнети. Тие три точки се однесуваа на работата на Државната изборна комисија (ДИК) и прочистувањето на избирачкиот список, регулирање на работата на медиумите за пружање еднаква можност на сите политички опции за претставување на својата програма на граѓаните, како и ефикасно одвојување на влијанието на партијата врз државата (институциите) во предизборниот период.

Денот на распуштање на Собранието е повторно блиску, а според нас и значаен дел од јавноста, сѐ уште не се исполнети минималните услови за распуштање на парламентот и распишување на кредибилни избори во кои ќе веруваат сите граѓани на Македонија.

Во однос на работата на ДИК за прочистување на избирачкиот список, во јавноста, но и во нашите анализи се појавија повеќе нејаснотии и недоследности околу прашањата колку гласачи се „спорни“, колку од нив ќе подлежат на проверка и како ќе се избришат оние за кои ќе се докаже дека не треба да бидат во Избирачкиот список.

ДИК утврди 310.000 сомнителни имиња на избирачкиот список. Според основите за проверка на овие имиња кои ДИК ги објави на почетокот на март 2016 година, повеќе од 124.000 спорни гласачи нема да се проверуваат ниту ќе се бришат. Околу 110.000 гласачи се дадени на рачна проверка во регистрите на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Министерството за правда (МП). МВР и МП требаше да ги испратат резултатите од проверката на овие гласачи до ДИК до 31 март 2016 година. Досега не е објавен никаков податок, ниту од ДИК ниту од МВР или МП за резултатите од оваа рачна проверка на регистрите. Резултатот кој ќе се добие од оваа проверка непосредно е врзан за теренската проверка на ДИК која ќе се базира на укажувањата добиени од оваа претходна проверка на МВР и МП.

По теренските порверки спорните гласачи ќе треба да бидат избришани од избирачкиот список, но за тоа сѐ уште не постои јасна правно утврдена постапка. Во секоја варијанта постапката ќе треба да вклучи право на жалба до второстепен управен орган, до Управниот суд и Вишиот управен суд. Колку време ќе одземе оваа постапка не можеме да шпекулираме, но секако дека оваа проценка го прави рокот 5 јуни невозможен за достигнување и организирање  кредибилни избори.

Во секој случај, на крајот од прочистувањето на избирачкиот список, претседателот на ДИК ќе треба да го потпише овој список гарантирајќи дека тој е пречистен и подготвен за одржување на предвремените парламентарни избори. Доколку списокот не биде пречистен во предвидениот рок тогаш може да се случи претседателот на ДИК да укаже дека е потребно повеќе време. Потсетуваме дека ДИК има обврска да се грижи за создавање  кредибилен список кој ќе ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес и демократијата во Македонија. Токму затоа, ДИК треба без одлагање и без никакви притисоци да објави кои се објективните можности за завршување на сите обврски околу пречистувањето на избирачкиот список и кога можат да се завршат сите подготовки за фер, слободни и демократски избори. Само така граѓаните ќе знаат дали 5 јуни е вистински достижен за одржување на такви избори.

Доколку Собранието се распушти на 7 април 2016 година, а претседателот на ДИК не го потпише избирачкиот список, односно не даде одобрение за негово користење на изборите, тогаш се создава правен вакуум или подобро кажано правен хаос кој е  предолго присутен во Македонија. Во таква ситуација, политичката и институционалната криза ќе се продлабочат, а последиците се тешки за предвидување. Токму затоа цениме дека треба да се преиспита одлуката за распуштање на Собранието на Македонија и таа да се донесе тогаш кога сите услови за фер и деморкатски избори ќе бидат исполнети.  

Во однос на преговорите за реформи во медиумите, можеме да констатираме дека тие „се мртви“. До Собраниетона Македонија се доставени неколку различни предлог- измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) го доставија предлогот на медијаторот Питер Ванхауте, а Македонската медиумска асоцијација достави свој предлог поддржан од Македонската асоцијација на новинари (МАН). Овој законски предлог се најде пред пратениците на 4 април 2016 година и беше поддржан само од пратениците на опозицијата. Пратениците на власта гласаа против предлог-законот. Исто така, и СДСМ предложи измени во финансирањето на јавниот радиодифузен сервис односно укинување на радиодифузната такса. И овој предлог на опозицијата не беше усвоен од Собранието.

Во меѓувреме, провладините медиуми наместо да го напуштат, дополнително го интензивираат едностраното, пропагандистичко и манипулативно информирање на јавноста. Медимуската хајка против Специјалното јавно обвинителство, на пример, достигнува загрижувачки димензии, а и говорот на омраза не секнува.

Ваквиот развој на настаните недвосмилено покажува дека состојбата со медиумите постојано се влошува и дека дури и да бидат усвоени најдобрите и најсоодветните законски измени, првичните промени можат да бидат видливи после неколку месеци.  Оттаму, сосема е јасно дека од аспект на медиумските состојби и медумските реформи не постојат услови за фер, слободни и демократски избори.

Најпосле, но не помалку важно, ниту еден фактор во политичката криза не смее да ја запостави работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), особено во гонењето на изборниот криминал. СЈО се соочува со огромни и бескрупулозни попречувања на неговата работа, особено во случајот „Титаник“ кој непосредно е врзан за сомнежи за изборен криминал на највисоки функционери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во тој случај судот одби да определи притвор за осомничени кои на наредните избори можат да се најдат како носители на кандидатски листи и идни пратеници. Тешките опструкции врз СЈО продолжуваат и во другите предмети како што се: 1) „Тортура“ каде се осомничени повторно врвно полициски и политички функционери на ВМРО-ДПМНЕ дека вршеле тортура врз лидерот на опозициската партија „Обединети за Македонија“, Љубе Бошкоски непосредно по изборите на 5 јуни 2011 година,  2) „Тврдина“ каде се сомничат повеќе полициски функционери дека во првата половина на 2015 година по налог на тогашната министерка за внатрешни работи уништиле опрема со која незаконски се прислушкувало. Во последниов случај судот определи домашен притвор како мерка наспроти бараниот притвор од СЈО. Во повеќе наврати СЈО се жалеше дека за овие и други предмети нема соодветна соработка од другите државни институции за добaвање докази и документи кои тие треба по службена должност да ги достават до СЈО.

Ваквите трендови во овие клучни области темелно го поткопуваат Договорот од Пржино и неговата основна цел, да овозможи ослободување партизираните институции и да обезбеди инструменти со кои преодната влада ќе организира слободни, фер, демократски и кредибилни избори. Затоа ја повикуваме ДИК да покаже одговорност во овој критичен момент и итно да се изјасни за процесот на прочистување на избирачкиот список и да соопшти јасен временски план до изборите. Исто така, апелираме до политичките партии и меѓународната заедница да стојат цврсто зад суштинските одредби од Договорот од Пржино и да се грижат за вистинска демократизација на државата и неповратен излез од најдлабоката политичка криза во Македонија од 2001 година наваму.

 

Македонски центар за европско образование

Хелсиншки комитет за човековите права

НВО Инфоцентар

Фондација Отворено општество – Македонија

Транспарентност – Македонија

Фондација „Метаморфозис“

Институт за човекови права

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top