Плоштад Слобода и 9 локални активистички јадра од внатрешноста на Македонија ве канат на “Со Ваши Пари Скопје се Гради” – завршниот настан од проектот “Граѓански Активатор”. Настанот предвидува прошетка низ Скопје 2014 со мобилни форуми со говори и дискусии за трошењето на јавните пари и растечкиот јаз помеѓу главниот град и провинцијата.
„Иако скандирањето “Со Ваши Пари Скопје се Гради” низ салите и стадионите низ Македонија е намерно зајадливо и иритирачко, ние на оваа дискусиска прошетка сакаме да ја преиспитаме неговата вистинитост стоејќи непосредно пред најголемите јавни инвестиции во историјата на Македонија, соочувајќи ги активистите од внатрешноста со нивните проблеми“ порачуваат организаторите.
Покрај нивните излагања, свои мислења ќе дадат и скопските активисти Искра Гешоска, Артан Садику, Васко Лазаревски…
Активистичките јадра формирани од проектот “Граѓански Активатор” ги вклучуваат Тетово, Велес, Кавадарци, Дебар, Кратово, како и други помали места низ Македонија. Во изминатите неколку месеци секое од нив идентификуваше проблем од локално значење и, споделувајќи знаења и искуство со другите јадра, организираше настан во насока на решавање на проблемот. Тие ќе ги презентираат и своите проекти на прошетката “Со Ваши Пари Скопје се Гради”.
Настанот ќе започне на платото пред стоковната куќа “Мост” во 18 ч. на 30.07.2014 (среда)