ngo_logo

Народните пари наменети за само кај некои НВО организации

на мај 5, 15 • од

За сите дилеми кои ги отвори ова истражување на бројките кои патем се објавени во Службен весник, се разбира прашавме во Владата. Каде може да се видат сите реализирани проекти, за кои се потрошени 1,8 милиони евра пари на граѓаните? Зошто некои добиваат секоја година а други не? По кој критериум се делат возила и станови на фондации и здруженија? Токму овде дојдовме и до можеби најпоразителниот факт во ова истражување. Одговор, едноставно не стигна...
Pin It

Home » Граѓанска сцена » Народните пари наменети за само кај некои НВО организации

Актуелната владејачка гарнитура доделила безмалку 1 милион и 800 илјади евра директно од Буџетот на Невладините организации и граѓанските здруженија, од победата на изборите во 2006-тата до последните податоци од 2014-тата. Овој збир се однесува само на една ставка наречена- „ Трансфер до невладини организации наменети за финансирање на програмски активности на здруженија на граѓани и фондации“. Истражувањето кој, колку и за што добивал пари открива дека голем дел од најмногу поддржаните организации имаат тесна поврзаност со активностите на Владата или владејачката партија. Во многу примери не задоволува отчетот за што се потрошени парите на граѓаните. Од друга страна веќе четири години не е поддржан ниту еден проект кој во својот опис содржи „борба против корупција“

 

автор: Александар Димитриевски

*Текстот , преземен од порталот SCOOP, е оригинално објавен во емисијата 360 степени на телевизијата „Алсат М“, на 1 мај 2015 година*

 

Владата на Република Македонија, согласно правната регулатива од крајот на 90-тите години, редовно ги поддржува здруженијата и фондациите. Распределбата на одредена количина на пари, преку владина одлука го прави и сегашната како што тоа го правеле и претходните гарнитури. Со годините, се отворија и различни фондови за поддршка. Така, денес пари на фондациите и здруженијата се даваат преку одделни министерства, општини и од барем две програми директно преку Владата. Во ова истражување, се фокусираме само на најголемата таква програма наречена „Трансфер до невладини организации наменети за финансирање на програмски активности на здруженија на граѓани и фондации“ (стр 8). Таа има најдолга историја, преку неа се делат најмногу пари, но и самата е доволно комплексна за еден новинарски текст.

Распределбата на овие пари се врши според однапред утврдени правила. Во одреден дел од годината, НВО организациите предлагаат проекти откако Владата ќе ги повика по претходно усвоена програма. Стручна комисија прави избор кој ќе добие поддршка, а средствата не смеат да се употребат за друга намена освен за активноста за кои се дадени. Една организација може да биде избрана само еднаш и да добие поддршка само за еден проект. Секоја организација е должна да даде и отчет пред Владата- како ги потрошила парите кога ќе го заврши проектот.

Токму сомнежот дека овие пари можеби не се трошат наменски, беше и втор поттик за едно вакво истражување. Имено, при поставувањето на последната група споменици во Скопје, излезе на виделина дека за нив платиле донатори, а не општините или Владата како што беше пракса, што навидум беше неповрзан настан со нашата тема. Една од дарежливите организации го носеше името „Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија“. Медиумите открија дека тие како здружение на граѓани добивале парична поддршка од народната каса за своите активности. Така, користејќи ја архивата на службените весници, дознавме кој, колку и за што добивал поддршка од Владата. Сето ова е важно барем од две причини. Бидејќи се трошат пари на граѓаните но и бидејќи примерот на Здружението на Сетинците го отвори прашањето- за која цел всушност се трошат овие наменски средства.

ОД ПАРИТЕ НА СИТЕ ДОБИВААТ НЕКОЛКУМИНА

Ранг листата- кој добил пари од Владата ја сочинуваат 244 невладини организации и граѓански здруженија. Но анализата, колку одделно добивала секоја од нив покажа дека постојат огромни разлики. Организацијата која добила најмногу пари низ годините, на контото и легнале повеќе од 32 000 евра, додека најмалата добиена сума низ годините е нешто повеќе од 560 евра.  Така, направивме ранг листа на најподдржани организации од страна на Владата и откриваме дека повеќе од 16% од доделените пари или околу 300 000 евра низ годините, завршиле кај 10-те нај поддржани организации. На врвот, се најде токму здружението кое беше еден од мотивите за истражувањето. Сетинци и Попадинци, од 2007-та до лани, досега добиле најмногу или над 32 000 евра. Следни на листата се три здруженија кои во истиот временски период добиле речиси идентична сума на пари. „Езерка“ од Струга добила 30 894 евра, „Синергија“ од Штип 30 829 евра, а  „Здружение за заштита на децата од Град Скопје“ 30 813. Редоследно, потоа следат „Народна техника“ од Кичево, „СЕМПЕР“ од Битола, „СЕГА“ од Прилеп, „Извор“ од Кичево, „Здружение на граѓани политички прогонувани, затварани и осудувани за идеите за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност“ од Скопје и „Радика“ од Скопје. Сумите кои тие ги добиле се движат од 30 000 до нешто помалку од 25 000 евра, детали кои може да ги видите и од табелата во прилог. 

Добитници според пари

Освен по доделените суми на пари, направивме споредба и по друг параметар- која организација колку пати била поддржана во изминативе осум години. Сликата и тука е слична. Дури 7 пати од 8 конкурси биле избрани „Здружението на Сетинци и Попадинци“, „Езерка“, „Синергија“ и „Народна техника“. По шест пати биле поддржани програмските активности на „Здружение за заштита на децата од Град Скопје“, „Извор“, „Радика“, „СЕГА“ и „СЕМПЕР“. Останатите може да ги погледнете во деталната листа. 

Добитиници според број на избори

МАЛКУ ОТЧЕТ, МНОГУ СОМЕЖ- ШТО Е НАПРАВЕНО СО ПАРИТЕ?

Од листата на организации кои добиле најмногу пари преку гореспоменатата програма, составивме краток профил на 5-те нај поддржани организации. Чии се, што работат, како ги потрошиле парите. На сите им пративме прашања на нивните официјални електронски адреси- за колку проекти и колку државни пари добиле, што реализирале и каде може да ги видиме тие проекти. Ниту една од нив не одговори.

Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија- Скопје

Ова здружение кое само во една од изминативе осум години не било поддржано со програмата која ја истражувавме е со седиште во станбена зграда во Скопје, на булеварот Партизански одреди. Претседател е Ташко Јованов. Нивната работа детално ја истражуваше новинарката Билјана Ставрова, каде може да се прочитаат бројни детали за организацијата. Од тогаш, до сега беа објавени барем уште две информации поврзани со ова Здружение. Опозициската СДСМ презентираше документи според кои Владата на Здружението му подарила канцелариски простор од 49 м2 во центарот на Скопје а потоа и дека им дале гратис и користено возило Ауди А4, со вредност од 5000 евра. И покрај тоа што ова организација е нај подржуваното здружение во Македонија, речиси ништо не се знае во јавноста за нивните активности ниту пак кој е негов основач. Претседателот Ташко Јованов се појавуваше во јавноста на неколкупати, но во име и на други здруженија кои исто така имаат добивано поддршка од Владата. За тоа каков статус ужива ова здружение говорат и самите одлуки на Владата. За пример, Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради во 2010-тата било поддржано како единствена организација во делот за програмски активност на организација во делот за Интеграција во ЕУ и НАТО. Проектот, кој Владата го поддржала за оваа намена го носи името „Културниот идентитет на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија како фактор за јакнење на довербата и коегзистенцијата меѓу македонскиот и грчкиот народ и нивните држави Македонија и Грција“. Здружението нема интернет страница, ниту пак на интернет може да се најдат информации за нивните проекти и активности, освен донирањето споменици.

„Езерка“- Струга

За ова здружение, можат да се најдат повеќе податоци во јавниот домен. Според нив, „Езерка“ е фокусирано на борбата против трговијата со луѓе, но се залага и за унапредување на женските права. Има и веб страна, но истата не функционира. По локалните охридски и струшки медиуми сепак можат да се најдат вести за нивните проекти. Но, во националните медиуми, сликата за „Езерка“ добива и друга димензија. На пример во 2012-та здружението било дел од НВО организации кои во Струга протестирале против насилството на Александар Верушевски на што стружани не се одѕвале, известил весникот „Вечер“ во текст со наслов „Струшкото насилство е со амин на Црвенковски“. Од Здружението се јавиле и со тврд став за време дебатата за Законот за семејство дека „сме против склучување бракови од ист пол и посвојување на деца од хомосексуални двојки, бидејќи не сакаме децата да бидат жртви и насилници“. Но дека има симпатии меѓу Владата и ова Здружение најдобро говори една нивна комуникација со извршната власт по повод Повикот до граѓанскиот сектор за придонес во подготвувањето на програмата на Владата за 2015-та година. Писмото почнува со -„Езерка“ континуирано ја следи и ја поддржува Владата на Република Македонија.“

„Синергија“- Штип

Оваа организација е првата на оваа листа која има сопствена веб-страна. Според информациите таму, се работи за хуманитарна организација. Меѓу нивните проекти можат да се најдат поддршка на граѓански активизам, едуцирање на жените, информирање на земјоделците. Но една нивна активност отскокнува. Покрај хуманите дејности ова здружение врши и- Мониторинг на избори. Токму оваа организација беше на челото на коалицијата на НВО Организации Излези и Гласај која иако дотогаш не беше позната во јавноста, во 2014-та акредитираше најмногу набљудувачи за изборите. Ни повеќе ни помалку 5000. За споредба, граѓанската асоцијација „Мост“ која со години ги следи изборите, истата година имаше вкупно 580 набљудувачи или речиси десет пати помалку. Дека и оваа често поддржувана организација со народни пари е блиска до Владата, откри и неделникот „Фокус“ на 19 Април 2014-та година.

Меѓу другото дека претседателката на здружението Вилма Јорданова е член на владејачката ВМРО- ДПМНЕ и поранешен советник на партијата во општинскиот совет во Штип.

Дека се работи за истата Вилма Јорданова, може да се види од фотографии објавени на фејсбук на Синергија и на нивната интернет страна …

Совет за грижи и воспитување на децата-Скопје

Иако четврта на листата оваа организација е практично првата за чиј проект имаат слушнато повеќето граѓани на земјава. Секоја година Владата ги помагала за активноста- организација на детски фестивал „Златно Славејче“. Оваа организација има и свој веб сајт, каде сепак не можат да се најдат поединечни информации за сите донации. Сепак нивниот резултат може да се види секоја година, во деновите кога се организира веќе историскиот фестивал на детска песна

„Народна техника“ – Кичево …

Иако петто на листата , ова здружение може да биде и прво на најподдржувани организации, ако за критериум место називот, го земеме името и презимето на овластеното лице. Според централниот регистар, претседател на „Народна Техника“ од Кичево е Саша Дукоски. Тој е поранешен новинар во јавниот сервис а во 2010-та бил избран за доцент на Правниот факултет во Кичево при битолскиот државен универзитет.  Но, Дукоски, се јавува како единствено овластено лице и во организацијата „Извор“ од Кичево.  Двете организации со исто овластено лице низ годините добиле вкупно над 58 000 евра. Често, добивале пари како засебни субјекти на исти конкурси. Барем на интернет не може да се најдат вести или врски до некои од проектите за кои овие организации добивале пари. Иако некои од нив се со карактеристични наслови како: „руралните ресурси во Кичевско прикажани преку визуелна рефлексија“ или пак „компаративни предности за развој на руралниот микро-регион Бржданска река во Кичево“, на интернет не можат да се најдат пишани документи.

 

НАТО И ЕУ НА МАРГИНИТЕ, БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА ЗАБОРАВЕНА

Но освен за парите, истражувавме и какви проекти на невладиниот и граѓанскиот сектор, според содржината, поддржувала актуелната Влада. Сумирано по теми, најголем дел од проектите се поврзани со стратегии, активности и настани од локално значење- од фестивали до туристички водичи. Потоа има голем број на проекти поврзани со борбата против трговијата со луѓе, семејното насилство и развој на претприемништвото. Но меѓу другото има и десетици проекти за кои не е баш јасно што се или пак воопшто не изгледаат како програмска активност на граѓани или фондации. За пример: „Водата како водач кон убавите навики“, „Изградба на локален пат с.Горно Количани-с.Батинци“, „изворите во Прилеп во нова димензија“, „Отворање на детска градинка“ и слично.

Друг впечатлив момент е што споредбено, многу е мал број на проектите кои се однесуваат на НАТО и ЕУ интеграцијата. Иако, според соодветната програма секоја година би требало да се поддржуваат и вакви проекти, меѓу оние кои добиле пари по оваа ставка се активности на Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, како и „компаративна анализа на процесот на лустрација“ на Здружението на граѓани политички прогонувани, затварани, осудувани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност“.

Од сите зацртани програмски определби на Владата сепак најочигледно недостасува поддршка на проекти кои за цел ја имаат борбата против корупцијата. Последната ваква поддржана активност датира од 2010-тата година и тоа за проектот „Да ја спречиме корупцијата“ на организацијата на жени Радика од Скопје. Или со други зборови, во изминативе пет години, од вкупно поделени 1,1 милиони евра, само 5 000 евра се поддршка на здруженијата и фондациите за борба против корупцијата.

РАБОТАТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ, НО ЖИВЕАТ ОД СТРАНСКИТЕ ДАНОЧНИ ОБВРЗНИЦИ

За став по овие програми побаравме и став од некои од организациите кои се од „долниот“ дел на листата на поддржани организации. Меѓу нив има неколку имиња кои се добро познати во јавноста: Здружение на Млади правници, Транспарентност- Нулта Корупција, НВО Инфоцентар, Хелсиншкиот комитет… Овие организации, добивале некакви средства до 2008- 2009 година и потоа ги снемува од листата. Ја прашавме Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, кои само еднаш во 2009-тата имаат добиено околу 4 000 евра, дали аплицираат и дали се надеваат на средства од владините програми. Вели дека престанале да бараат средства од македонските обврзници и во моментов се финансираат со аплицирање на повици од странски донатори.

-„ Од тогаш до денес ниту сме аплицирале ниту сме добиле бидејќи очигледна е тенденцијата да се финансираат НВО-а кои се блиски до власта и кои патем речено во многу наврати сме ги провериле и сме утврдиле дека постојат само на хартија и се појавуваат во јавност само во случаи кога е потребно да се демантираат констатации и заклучоци со критичка содржина кон политиките на власта од страна на НВО-а коишто се постојано присутни во јавноста.“- вели Уранија Пировска, директорка на „Хелсиншки комитет“ од Скопје.

ЗАКОНОТ Е ДОБАР, ЗАОСТАНУВА РЕАЛИЗАЦИЈАТА

Законските одредби кои се однесуваат на невладиниот сектор во Македонија биле предмет и на научен труд на тројца професори на Правниот факултет во Скопје. Д-р Борче Давитковски, д-р Ана Павловска Данева и д-р Драган Гоцевски во 2011-та објавиле труд во меѓународен зборник со наслов „Перспективите на НВО секторот во вршењето на јавни услуги во Република Македонија“. Во текстот, се заклучува дека правната рамка во Република Македонија го охрабрува делувањето на невладиниот сектор и нуди потенцијал дури и да врши јавни услуги во име на државата. Прашавме еден од авторите на трудот, дали во пракса законската платформа и парите кои ги одделува централната власт, се рационално и исправно искористени во пракса.

-„Од достапните акти и извештаи кои Владата ги објавува, средства се одделуваат за финансирање на невладиниот сектор. Меѓутоа, извесен број на НВО-а се провлекуваат постојано во првите 10-тина. Тоа може да укаже на две сценарија. Или дека извесен мал број на НВО-а се многу поекипирани и поуспешни во остварувањето на своите проекти поради што секогаш се поуспешни во аплицирањето за средствата од Владата или пак, и ова е можеби спекулативно, постои извесен преференцијален третман за тие организации. Како личен став, сметам дека на здруженијата на граѓани кои изразуваат интерес да спроведуваат активности од интерес за локалната заедница треба да им се даде поголема поддршка. Во смисла, начинот на распределувањето на средствата за финансирање да се децентрализира. Сепак, локалната самоуправа може да има поголем увид во потребите на локалното население а впрочем и активните членови на здруженијата се самите жители на помалите места. Голем број на организации од помали места имаат отежнат пристап до аплицирање на средства кога начинот на распределување е централизиран. Секогаш поголемите и веќе етаблирани организации ќе имаат примат- дури и во најобјективни околности. “- изјави д-р Драган Гоцевски, доцент на област административно право и јавна администрација на Правниот факултет при УКИМ во Скопје.

ОТЧЕТ … НЕМА

За сите дилеми кои ги отвори ова истражување на бројките кои патем се објавени во Службен весник, се разбира прашавме во Владата. Каде може да се видат сите реализирани проекти, за кои се потрошени 1,8 милиони евра пари на граѓаните? Зошто некои добиваат секоја година а други не? По кој критериум се делат возила и станови на фондации и здруженија? Токму овде дојдовме и до можеби најпоразителниот факт во ова истражување. Одговор, едноставно не стигна.

(„Сторијата е поддржана од Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија во рамките на проектот на НЕД “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top