ИПА или Инструментот за претпристапна помош, претставува финансиската поддршка и е еден од механизмите за европеизација кои Европската Унија ги користи за пренесување на европските принципи, норми и правила во државите кандидати за членство во ЕУ, како и за оформување на нивните институционални и административни структури.
Во моментов, корисници на ИПА средства се: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција.
ИПА 2007 – 2013 или ИПА 1 обезбедуваше финансиска помош во 5 компоненти, со вкупна вредност од 11,468 милијарди евра: Компонента I – Транзициска помош и институционална надградба; Компонента II – Прекугранична соработка; Компонента III – Регионален развој; Компонента IV – Развој на човечки ресурси; Компонента V – Рурален развој.
Треба да се спомене дека спроведувањето на ИПА 2007-2013 во Република Северна Македонија е сеуште во тек.
Инструментот за претпристапна помош продолжи да функционира и во периодот од 2014 до 2020 година, попознат како ИПА 2, со вкупна вредност од 11,699 милијарди евра.
За разлика од ИПА 1, во ИПА 2 компонентите се заменети со „области на дејствување“ и секторски пристап во управување со помошта. Најважната новина на ИПА 2 е нејзиниот стратешки фокус.
Националните стратегиски документи се специфични документи за стратешко планирање направени за секоја земја корисник. Така, ЕУ им обезбедува „сопственост“на земјите корисници преку интегрирање на сопствените агенди за реформи и развој. Стратегијата за повеќе земји ги опфаќа приоритетите за регионална соработка или територијална соработка.
Вака поставениот начин на програмирање на финансиската помош подразбира земјите кориснички да имаат пред себе стратешка цел и план како да го постигнат тоа. А тоа значи дека процесот на програмирање треба да биде изготвен и прифатен однапред од сите партнери вклучени во програмирањето. Владите треба да обезбедат транспарентност не само на процесот на прибирање туку исто така и на процесот на разгледување на мислењето од јавноста. Различни чинители, меѓу кои и општините и невладините организации треба активно да бараат вклучување во телата кои ги изготвуваат програмските документи на национално и на регионално ниво.
ИПА II цели на реформите во рамките на претходно дефинираните сектори. Овие сектори покриваат области тесно поврзани со стратегијата за проширување, како што се демократијата и управувањето, владеењето на правото или растот и конкурентноста. Овој секторски пристап промовира структурни реформи кои ќе помогнат да се трансформира одреден сектор и да се доведе до стандарди на ЕУ.
Приоритетни сектори според Ревидираниот национален стратегиски документ се: Демократија и владеење, Владеење на право и темелни права, Животна средина, Транспорт, Конкурентност и иновации, Образование, вработување и социјални политики, Земјоделство и рурален развој, а тука мора да ја споменеме Прекугранична соработка во која се вклучени сите наведени сектори.
Во моментов, алоцирани средства за Република Македонија од ИПА II се алоцирани средства во вкупна вредност од 608.7 милиони евра, за периодот 2018-2020.
ИПА 2021-2027 или ИПА 3, има нов стратешки пристап. ИПА 3 е фокусира врз принципот „Темелни определби”, поврзувајќи го владеењето на правото и темелните права со економското управување и реформите, како и зајакнувањето на демократските институции и реформите во јавната администрација. ИПА 3 е дизајнирана со замисла да се максимизира влијанието на ударните иницијативи предвидени во стратегијата, да се даде помош во процесот на трансформација во Западен Балкан во дадениот период, да се воведат програми за економски реформи; како и да се обнови фокусот на реформите неопходни за идно членство во Унијата.
ИПА 3 во периодот 2021-2027 има пет цели или т.н. прозорци:
1. Да се зајакне владеењето на правото, безбедноста, како и да се подобри
управувањето со миграцијата;
2. Да се зајакне доброто управување и ефективноста на јавната администрација;
3. Да ги обликува правилата, стандардите, политиките и практиките на државите
од пристапувањето, да се зајакнат помирувањето и добрососедските односи, како
и контактите и комуникацијата меѓу луѓето;
4. Зајакнување на економскиот и социјалниот развој; и
5. Поддршка на територијалната и прекуграничната соработка.
Програмирањето се темели на приоритети и теми, а не на предодредени алокации по држави. А тоа значи дека не се однапред обезбедени финансиски средства исклучиво за Република Северна Македонија. Државава ќе мора да биде спремна и да се „натпреварува“ со другите држави во прибирање средства за приоритетни теми и области.
Видеото и инфографиците се подготвени со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Локален консултативен механизам за ИПА 2“. За содржината се единствено одговорен НВО Инфоцентарот и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.