Мониторинг на информативната програма на МРТ1 – Извештај број 6
Мониторингот го опфаќа периодот непосредно пред предвремените парламентарни избори, периодот на изборната кампања и периодот по изборите на 11 декември, 2016 година. Предмет на мониторингот е централната информативна програма Дневник 2. Овој шести извештај ги содржи наодите од мониторингот на известувањето на јавниот радиодифузен сервис во рамки на централната информативна програма Дневник 2 на првиот програмски канал – МРТ1, во периодот: 12, 13 и 17 декември 2016 година, 28 и 30 јануари и 1 март 2017 година. Изборот на овие изданија на Дневник 2 на МРТ1 е направен врз основа на важноста на општествено – политичките случувања во пост-изборниот период.
Врз селектираниот материјал е направена содржинско-квалитативна анализа со користење контекстуални индикатори за проверка и дополнување на наодите и резултатите. Исто така, користени се елементи на дискурзивна анализа за проверка на програмската рамка (agenda setting) на емитуваните содржини и клучните теми за кои е одделен простор во дневникот на МРТ1.
МРТ1, во периодот по предвремените парламентарни избори 2016, постепено го напушта формално неутралниот и балансиран пристап во известувањето. Ова отклонување станува се поизразено како што се продлабочува и заострува политичката и институционалната криза во државата.
Иако во вестите на МРТ1 се застапени сите клучни партиски, политички и институционални актери, сепак, забележлива е доминација на ставовите и позициите на власта и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Пример за тоа е известувањето на МРТ1 од 1 март 2017, кога претседателот Иванов одби да му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Прилогот за обраќањето на Иванов беше дваипол пати подолг од прилогот за реакцијата на потенцијалниот мандатар. Исто така, ставовите на Иванов беа засилени и афирмирани со уште неколку прилози кои се однесуваа на протестите „За заедничка Македонија“ и на партиите кои се дел од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Целото издание на Дневникот 2 де факто беше конципирано да му даде поддршка на потегот на Иванов за блокирање на процесот за составување нова влада од страна на СДСМ.
Во ситуација на зголемени политички тензии, во вестите на МРТ1 се забележува некритичко пренесување на партиските ставови кои често не се фактографски поткрепени или се базираат на селективно и изолирано претставување на информациите што се во прилог на интересите на партиите. Критичкиот приод кон владејачките партии отсуствува, додека критичките содржини кон опозицијата се пренесуваат преку емитување на изјавите на партиите од власта. Гледачите на јавниот сервис редовно се информирани за критиките кон опозицијата, но не и за критиките кон власта.
Во централните информативни изданија на МРТ1 доминира известување кое е исклучиво трансмисиско и без каков било дополнителен новинарски ангажман односно без каква било дополнителна обработка на темите од клучно општествено-политичко значење. Новинарите не ги преиспитуваат информациите што ги пренесуваат, во нивните прилози нема елементи на аналитички и критички приод и токму затоа, можеме да констатираме дека неангажираното трансмисиско информирање на граѓаните претставува modus operandi на јавниот сервис. А ваквото известување, пак, оди исклучиво во прилог на носителите на државните функции. Нивните изјави се пренесувани, а содржината на нивните ставови и активности не се преиспитува, ниту пак, критички се разгледува од позиција на нивното влијание врз јавниот интерес.
МРТ1 не консултира доволно независни експерти и аналитичари. Во ситуации кога се бараат ставови и оценки за определени теми и настани, новинарите им се обраќаат главно на „дежурните“ експерти / аналитичари и притоа не прават доволен напор да обезбедат мислења на други стручни лица кои не се често застапени во јавноста, но кои можат да понудат компетентни и различни аспекти, гледишта и ставови. Интересно е да се напомне дека некои личности се најавуваат како независни аналитичари, а притоа се носители на функции како на пример, случајот со Александар Даштевски кој беше најавен како аналитичар, а е претседател на Комисијата за заштита од дискриминација.
Реакциите и активностите на граѓанскиот сектор се спорадично вклучени во вестите на МРТ1. Критичките ставови на граѓанскиот сектор кон општествено-политичките случувања се уште поретко застапени. За социјалните теми од интерес на граѓаните претежно се известува низ призмата на промоција на активностите на институциите и на власта.
Имајќи го сето ова предвид, може да се констатира дека МРТ1 и натаму не ја исполнува доволно својата законска обврска да биде јавен сервис кој на граѓаните кој ќе информира постојано, вистинито, целосно, непристрасно, праведно и навремено и ќе го застапува и штити јавниот интерес.
Целосен текст на извештајот: МРТ-Избори 2016-шести извештај