НВО Инфоцентарот, во рамките на Програмата на УСАИД за јакнење на независните медиуми и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера кој го спроведува Центарот за развој на медиуми, реализира постојан мониторинг и анализа на јавната дебата во медиумите.
Оваа анализа ја опфаќа примената на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и случаите за навреда и клевета во кои се вклучени новинари и медиуми.
Во мониторингот се вклучени 16 традиционални и нови медиуми – весници: Утрински весник, Нова Македонија, Дневник, Слободен печат и Вечер; неделници:Фокус; телевизии (централни информативни емисии): Канал 5, Сител,Телма, МРТ1 и 24 Вести, и портали:А1.он, Курир, Република, Плусинфо и НоваТВ.
Предмет на анализа се новинарските текстови и прилози, колумните, фотографиите и другите илустрации поврзани со написите и со темите вклучени во мониторингот, во периодот од 18 октомври до 26 декември 2014 година.
Навредата и клеветата се појавија како тема и во извештаите за регионалната Конференција за праксата на Европскиот суд за човековите права, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Советот на Европа, која се одржа во Скопје, на 5 и 6 декември 2014 година. Темата беше покриена главно преку изјави на претставници од домашната и од меѓународната експертска јавност.
Слободен печат беше единствениот медиум кој објави вест за судскиот случај против новинарите Ѕвездан Георгиевски и Ристо Поповски. Ниту еден друг медиум не ја проследи оваа информација.
За разлика од овој случај, епилогот на случајот Мијалков – Фокус, беше пренесен од речиси сите набљудувани медиуми. По одлуката на Апелациониот суд да ја потврди првостепената пресуда, уредничката на Фокус, Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов, му исплатија на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, заедно со судските трошоци, вкупна сума од 9.300 евра. Мијалков, како што претходно најави, добиените средства ги донираше во хуманитарни цели.
Генерално, во набљудуваниот период, мал број медиумски прилози и написи се занимаваат со примената и влијанието на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, или пак со тековните судски случаи. Медиумите кои продуцираат прилози на оваа тема, повеќето критички медиуми, во форма на извештаи пренесуваат изјави и ставови на релевантни личности и институции, а многу малку или воопшто не објавуваат прилози кои имаат аналитичка содржина. Провладините медиуми ретко информираат за случаите за навреда и клевета, и спорадично објавуваат информации само кога тие се однесуваат на државните функционери.
Целосната анализа е објавена како Анекс 2, во рамките на четвртиот извештај на ЦРМ, од мониторингот на судските случаи за навреда и клевета на.
CRM_Izvestaj_Monitoring_Navreda i kleveta Dek 2014