Медиумско огледало, септември – ноември 2012: Во Името на датумот

на дек 12, 12 • од

Во периодот опфатен со мониторингот (септември-ноември 2012), Европската комисија (ЕК) го објави својот годишен Извештај за напредокот на Македонија кој, како и изминатите години, окупираше најголем дел од вниманието на медиумите. Карактеристично за оваа година е тоа што речиси целосно изостана каква било анализа за напредокот на Македонија во различни области на кои се однесува Извештајот...
Pin It

Home » Мониторинг на Медиуми » Медиумско огледало, септември – ноември 2012: Во Името на датумот

НВО Инфоцентарот, во соработка со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), a со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФИООМ), во периодот од 19 септември до 20 ноември 2012 година спроведе мониторинг на информирањето на медиумите за процесот на евроинтеграции на Република Македонија, со посебен фокус на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2012 година.

Со мониторингот беа опфатени седум дневни весници („Утрински весник“, „Дневник“, „Вест“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Фокус“ и „Ден“), централните информативни емисии на седум телевизии со национална и сателитска концесија („24 вести“ , „Канал 5“, „Сител“, „Телма“ , „МТВ1“, „Алфа“  и „АлсатМ“) и шест интернет-портали (Скај.мк, МКД.мк, Либертас, Плусинфо, Курир и А1.он).

Динамиката на мониторингот за телевизиите и порталите е секој понеделник, среда и петок, а за весниците, секој вторник, четврток и сабота. Во рамките на мониторингот, предмет на анализа се: вести, изјави, извештаи, коментари и интервјуа.

Во периодот опфатен со мониторингот, Европската комисија (ЕК) го објави својот годишен Извештај за напредокот на Македонија кој, како и изминатите години, окупираше најголем дел од вниманието на медиумите. Карактеристично за оваа година е тоа што речиси целосно изостана каква било анализа за напредокот на Македонија во различни области на кои се однесува Извештајот. Поголемиот дел од медиумите активно ја поддржаа агендата на власта која се обиде Извештајот да го претстави како најпозитивен досега, па во новинарските прилози доминираа пораките на политичарите од владејачката гарнитура. Ваквиот начин на информирање покажува дека дел од медиумите се однесуваат како продолжена рака на политиката на Владата, без каков било обид да наметнат теми и прашања во насока на подлабинско критичко анализирање на евроинтеграциските процеси во државата. Имајќи го предвид начинот на кој медиумите информираа во изминатите неколку години, кога сепак имаше обид за отворање определени суштински теми и прашања, како и за критичка опсервација на евроинтеграциите, неминовно се наметнува заклучокот дека новинарите имаат доволен капацитет да ги следат евроинтеграциите, но дека најверојатно уредувачката политика на определни медиуми е во директна корелација со агендата и ставовите на Владата.

Што се однесува до темите, медиумите најголемо внимание им посветија на оцените за економските критериуми (и оваа тема беше форсирана од претставниците на Владата).

За разлика од минатата година, кога новинарите се вклучија во жолчната расправа околу неупотребата на придавката „македонски“ од страна на ЕК, оваа година дебатата се сведе на пофалбите на претседателот Иванов кој си ги присвои заслугите за „враќањето на придавката“. Ако македонските медиуми во тоа видоа „исправање на неправдата“, грчките медиуми враќањето на придавката го протолкуваа како последица на „уцена“ поради која Брисел потпаднал под притисоците на Скопје.

Албанските претставници во власта, пак, ја отворија темата околу тоа дали ЕК препорачала и албанските борци да бидат опфатени со спорниот закон со кој треба да се регулираат посебните права на бранителите. Внимание побуди и фактот што македонските и албанските претставници на Владата на различен начин го толкуваа Извештајот. Кај албанските челници беше забележлив тон во кој доминираше умерено нагласување на забелешките, додека македонските челници ги нагласуваа исклучиво позитивните забелешки. Медиумите не му посветија внимание на ова разногласие.

Во овој период, медиумите најпосле ја отворија темата за неопходноста државата да назначи главен преговарач. Сепак, дебатата беше стихијна, бидејќи беше третирана во само неколку прилози и набргу стивна.

За поздравување е дека во јавноста, а особено во медиумите кои не важат за провладини, се отвори дебата околу рамката за паралелни преговори за името и за пристапувањето, која ја предложи ЕК. Овие медиуми предлогот го анализираа во контекст на Меморандумот за разбирање кој го подготви грчката дипломатија, потребата за решавање на спорот во рана фаза на преговорите со ЕУ и интензивираните активности за решавање на овој проблем. Од друга страна, медиумите кои важат за провладини, со известувањата околу оваа иницијатива на ЕК охрабруваа триумфализам и придонесоа очекувањата на јавноста (не)оправдано да се подигнат зашто, доколку иницијативата на ЕК не се ефектуира, тоа може да предизвика разочарување и повторен бран на евроскептицизам и критики на сметка на ЕК. Дел од медиумите Меморандумот го протолкуваа како „тројански коњ“ и заговор.

Доколку во изминатите два мониторирани периоди Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН) беше најзастапена тема, во овој период медиумите практично не го ни спомнаа ПДВН, а не се известуваше ниту за областите опфатени со него. Исто така, за разлика од периодот по објавувањето на ланскиот Извештај за напредокот, кога еврокомесарот Штефан Филе честопати беше мета на критики на медиумите кои го илустрираа како кочничар на Македонија, оваа година, за неговата работа медиумите известуваа исклучиво во позитивен контекст, опишувајќи го како голем поддржувач на државата. Интересно е што оваа година Филе бил напаѓан од грчките медиуми кои во неговите дипломатски иницијативи виделе „британски заговор“.

Најкарактеристично за овој мониториран период беше тоа што медиумите интензивно известуваа и коментираа за македонско-бугарските односи и за можноста Бугарија да ја блокира Македонија во евроинтеграциите. Во голем дел од медиумските содржини Бугарија беше илустрирана во негативен контекст, создавајќи на тој начин антибугарска атмосфера и честопати сугерирајќи ѝ на јавноста дека Грција не е единствениот сосед кој е против македонските евроинтеграции. Некои медиуми отидоа чекор подалеку во обидите да ја илустрираат состојбата во која се наоѓа Македонија, правејќи алузии дека сегашната „грчко-бугарска коалиција“ потсетува на Букурешкиот договор од 1913 година.

Преземете го целосниот текст на извештајот „Во Името на датумот“

Медиумско огледало, септември – ноември 2012: Во Името на датумот (558KB)

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top