give-me

Мерит систем на власта: Партиска книшка и лојалност кон лидерот

на дек 25, 20 • од

Најтешко е да се освои власта. Потоа се е предвидено и познато. Ветувањето во изборната кампања за „едно општество за сите“ паѓа во вода со првото именување на директор во државна институција. На раководна позиција секогаш доаѓа лојален член на владејачка партија и покрај задолжителните конкурси. Крај на клиентализмот требаше да стави Законот за висока раководна [&hellip...
Pin It

Home » Активности » Мерит систем на власта: Партиска книшка и лојалност кон лидерот

Најтешко е да се освои власта. Потоа се е предвидено и познато. Ветувањето во изборната кампања за „едно општество за сите“ паѓа во вода со првото именување на директор во државна институција. На раководна позиција секогаш доаѓа лојален член на владејачка партија и покрај задолжителните конкурси. Крај на клиентализмот требаше да стави Законот за висока раководна служба според кој директорите ќе се бираат според професионални, а не партиски заслуги. Но, законот наводно заглави во бирократска процедура, па и овој четиригодишен мандат институциите нема да ги водат најспособните, туку ќе ги раководат луѓе кои победиле на „конкурсот“ во партискиот штаб.

„СДСМ се залага за департизирана, професионална и високо обучена администрација во која вработувањето, напредувањето и оценувањето ќе се одвива исклучиво според објективните критериуми за стручност, професионална надградба и чесност“ – ова е цитат од соопштение на СДСМ објавено на 20 декември 2010 година кога оваа партија беше во опозиција.

Десет години подоцна СДСМ тврди дека ги има истите заложби и принципи од времето кога беше во опозиција и ја критикуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за непотизам, клиентализам и партизирана администрација.

11sts

„Во Северна Македонија партиите се водат од феудален менталитет. Партијата во текот на изборите се потпира на локални фигури кои имаат потенцијал да соберат гласови и за возврат да бидат наградени со раководни позиции. Затоа и рокадата на исти личности на различни позиции повеќе се однесува на „поделба на пленот„ отколку на нивниот професионален капацитет да ја извршуваат должноста“, вели политикологот Сефер Селими од Демокраси лаб, кој додава дека ќе беше изненадување доколку новата влада ја прекинеше праксата за вдомување на „своите“.

1.2

Политикологот Миша Поповиќ од Институтот за демократија вели дека очекувано е раководните позиции да се доделат според партиска припадност, но сепак, мора да има јасни критериуми за нивните квалификации и конкурентен процес. Единствена промена сега е што кандидатите треба да достават мотивациско писмо и план за работа на институцијата. Сепак, Владата одбива да сподели со јавноста документација поврзана со начинот на избор на функционерите, со цел да има увид колку власта ги следи принципите на интегритет при именување на кадри.

„Ова за мене е индиција дека немало компетитивен процес. Односно, компетитивниот процес е неформален и во две фази – прво во коалициската поделба на ресори, потоа во внатрепартиското договарање кој е повлијателен да биде поставен на позицијата. Тука завршува конкуренцијата. Но тоа не е она што го очекуваат граѓаните“, вели Миша Поповиќ од Институт за демократија.

Вицепремиерот Љупчо Николовски е воедно и претседател на владината Комисија за именување. Оваа комисија е задолжена за кадровската политика на Владата и дава предлози за именување или разрешување директори во државните институции, членови на управни и надзорни одвори во јавни претпријатија, а комисијата го предлага и Генералниот секретар на Владата. Веднаш по стапувањето на функцијата во интервју за МИА, Николовски се пофали дека ќе се залага за нулта толеранција за корупција, двојно повеќе работа и многу повеќе ред, дисциплина и правда.

1.3

„Ќе инсистирам на зголемена транспарентност на сите нивоа на власт, на намалување на дискреционите права на функционерите и ќе се обидам да реагирам на сите сомнежи околу злоупотреба на позиција и моќ“, изјави Николовски во интервју за МИА.

ИРЛ во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и водејќи се од патоказот кој го постави Николовски, од Владата ги побара записниците од Комисијата за именување, како и биографиите, мотивационите писма и плановите за работа на именуваните функционери. Но, наместо бараната документација од Владата добивме список на објавени огласи за повеќе директорски позиции и одговор дека постапката за избор на функционери се уште не е завршена.

Овој одговор од Владата е или невистинит или е обид да се скрие процесот на именувања на раководните кадри во државните институции, бидејќи на седница на Владата, на 22 октомври, на предлог на Комисијата за именување беа предложени и избрани директори, в.д. директори и членови на управни одбори во повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на Владата.

„На овие одлуки им претходеше исцрпен процес на интервјуа и разговори за да се идентификуваат и прифатат соодветни кадровски предлози кои ќе ги исполнат критериумите и обврските што произлегуваат од усвоена владина програма, и кои се пред сѐ стручни и компетентни во областите за кои се именуваат“, пишува во сооштението од Владата.

Прашања пративме и директно до вицепремиерот Николовски кој тврди дека сите именувани кадри се соодветни за позицијата.

„Не постои практика на вдомување на партиски кадри. Напротив, оваа влада има заложба да ги зајакне критериумите за назначување на функционери“, вели Николовски.

Антикоруписка реагира, власта ноншалантна

На поставувањето голем број в.д. директори во институциите реагира Антикорупциската комисија, бидејќи не се почитуваат законските одредби за избор на директор на конкурс, туку се применува овој начин, кој остава простор за политички влијанија. В.д. директорот треба да биде именуван само 6 месеци додека не се пополни местото на јавен конкурс, но наместо тоа, Комисијата посочува случаи кога еден ист човек и по 7 пати во континуитет е именуван за вршител на должност. На тој начин се изигрува законот и кога се најавува име кој ќе биде директор на институцијата, им се наштетува на оние кои сакаат да конкурираат на огласот.

1.4

„Во отсуство на почитување на материјалните закони за избор на директори по пат на конкурс и обезбедување фер конкуренција се применува начин на работа кој со години се гради во нашето општество и остава простор за постоење висок ризик од политичко влијание, што доведува до разградување на системот на вредности, на професионализмот, преселување квалитетен кадар, во чие образование се вложувало во оваа држава.“, велат од Комисијата.

Антикорупционерите во повеќе случаи утврдиле неправилности при назначување на в.д. директори бидејќи се „протнуваат“ лица без положен испит, нема отчетност при вршењето на функцијата, ниту пак, во трошењето на државните пари.

Антикорупциската комисија според законот е независен орган кој треба да ја контролира кадровската политика на власта во делот на судирот на интереси, но последниот случај со именувањето на директорот на МЕПСО покажа дека нејзините одлуки Владата ги толкува како што и’ одговара. Комисијата смета дека тој не може да биде назначен за директор на МЕПСО, бидејќи претходно беше потпретседател на Регулаторната комисија за енергетика, а тоа е спротивно на Законот за енергетика и Законот за судир на интереси.

Политички калкулации

Точно пред една година владата го усвои Законот за висока раководна служба. Со него требаше да се гарантира целосна професионализација на раководните позиции во 130 институции. Но, наместо да се изгласа во Собранието, законот повторно беше вратен на доработка во Владата.

Ако некогаш се усвои законот, државните секретари и дел од директорите, би се бирале по професионални, а на по партиски заслуги. Законот предвидува да се усложни изборот на високи раководители и процесот да биде потранспарентен.

„Евидентно е дека не постојат јасни правила и критериуми за именување и разрешување на директорите, за назначување на секретари, ниту пак отворен натпревар за најголемиот број на овие позиции со што се нарушува принципот на заслуги“, изјавија за ИРЛ од Министерството за информатичко општество.

Одолговлекувањето на примената на овој закон, според Сефер Селими, остава простор за сомнеж дека Владата не е заинтересирана да го усвои овој закон, барем не додека ги пополни раководните позиции на оваа владејачка гарнитура.

„По се изгледа Владата и собраниското мнозинство ќе го одолговлекуваат усвојувањето на овој закон до крајот на својот мандат. Овој предлог закон не е идеално решение, но сепак е добро решение кое ќе го отежни именувањето на раководни позиции само врз основа на партиска припадност“, изјави Селими.

Според Миша Поповиќ овој предлог-закон ги поправа постојите недостатоци кои и овозможуваат на Владата да поставува раководства на институциите по партиска заслуга.

„Јас го сметам тој закон за јасно изразена волја дека треба да се именува по знаење и вештини, не по партиска припадност. Но истовремено, очигледно е дека во Владата не можат да се договорат како ќе постапуваат – во корист на знаењето и вештините или во корист на партиската припадност“, смета Поповиќ.

Од министерството за информатичко општество за ИРЛ рекоа дека очекуваат Законот за висока раководна служба да биде изгласан во Собранието до крајот на првата половина од 2021 година.

Авторка: Маја Јовановска, Истражувачка новинарска лабораторија

Овој новинарски прилог e дел од проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Прилогот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината се единствено одговорни авторите, Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот, и тој не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top