НВО Инфоцентарот, во рамките на Програмата на УСАИД за јакнење на независните медиуми и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера кој го спроведува Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), реализира постојан мониторинг и анализа на јавната дебата во медиумите.
Оваа анализа ја опфаќа примената на Законот за медиуми и Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, како и темите поврзани со медиумските слободи и слободата на изразување воопшто, во периодот од 1 јули до 17 октомври 2014 година.
Во мониторингот се вклучени 18 традиционални и нови медиуми – весници: Утрински весник, Нова Македонија, Дневник, Слободен печат и Вечер;неделници:Фокус; телевизии (централни информативни емисии): Канал 5, Сител,Телма, МРТ1 и 24 Вести, и портали:А1.он, Курир, Република, Плусинфо, Либертас, НоваТВ и Радио Слободна Европа. Предмет на анализа се новинарските текстови и прилози, колумните, фотографиите и другите илустрации поврзани со написите и со темите вклучени во мониторингот.
Анализата покажа дека критичките медиуми во државава постојано информираат и ги следат настаните и процесите поврзани со медиумската сцена во државава. Во информирањето главно доминираат прилози поврзани со домашните и меѓународните активности и настани на кои се дискутира за слободата на медиумите и слободата на изразување, со посебен акцент на случајот на новинарот Кежаровски. Овие медиуми ги пренесуваат ставовите и барањата на претставниците на меѓународните и домашните медиумски организации, за безусловно ослободување на Кежаровски, но и за тоа дека Македонија секојдневно паѓа се подолу на скалата на слободата на медиумите и слободата на изразување.
Измените и примената на новите медиумски закони, како и нивното влијание врз работата на медиумите, не предизвикуваат посебен интерес кај новинарите. Единствено, критичките портали и весникот Слободен печат редовно информираат за резултатите од мониторингот и анализите на Центарот за развој на медиуми, кои се однесуваат на примената на новата законска регулатива, како и на работењето на надлежните државни институции, АВМУ и на Македонската радиотелевизија.
Во информирањето на медиумите недостига аналитичкиот аспект на обработка на темите. Новинарите главно ги пренесуваат изјавите и ставовите на домашните и странските актери од областа на медиумите, како и на домашните и странски политичари. Со други зборови, вести и извештаи има редовно, коментари има спорадично, а анализи речиси и да нема.
Додека критичките медиуми редовно информираат за актуелните настани и процеси поврзани со медиумската сцена, со слободата на медиумите и со слободата на информирање и изразување, провладините медиуми, овие настани и процеси речиси комплетно ги игнорираат и се обидуваат да создадат слика за тоа дека во Македонија нема никакви нарушувања на слободата на медиумите и слободата на изразување.
За овие медиуми најголем проблем се критичките медиуми, и нивните уредници и новинари, кои се постојана мета на напади, дисквалификации и етикетирање. Во прилозите и написите, синхронизиранои во континуитет се тврди дека средствата што критичките медиуми ги добиваат преку грантови и донации, главно од Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ), но и од УСАИД и западноевропските амбасади, претставуваат директно политичко опозициско дејствување, корумпирање на медиумите и убивање на новинарството. Едновремено, овие медиуми, не само што ги ставаат под прашање веродостојноста и демократските капацитети на критичките медиуми, туку изнесуваат и обвинувања дека тие работат на штета на државните интереси.
Целосниот текст на анализата е објавен како Анекс 1 во третиот квартален извештај од набљудувањето на примената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) и Законот за медиуми (ЗМ), набљудувањето на работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), на Собранието на Република Македонија, на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), како и работата на Македонската радиотелевизија (МРТ), кое го спроведува ЦРМ.
CRM_Izvestaj_Monitoring-na-AVMU-MIOA-MRT-sobranie-i-mediumi_-Okt-2014