10442525364_9d4be081c7_z

Медиумско огледало: Новите закони дополнително ја загрозуваат слободата на медиумите

на јан 15, 14 • од

Настаните во текот на 2013 година, поврзани со медиумската сцена недвосмислено потврдуваат дека во Македонија, состојбата со слободата на изразување и слободата на медиумите континуирано се влошува...
Pin It

Home » Мониторинг на Медиуми » Медиумско огледало: Новите закони дополнително ја загрозуваат слободата на медиумите

Преку целата година доминираа настани кои директно или индиректно ги загрозуваа слободата на изразување и слободата на медиумите во државава, како на пример, апсењето на новинарот Томислав Кежаровски, смртта на сопственикот на неделникот „Фокус“ под сè уште неразјаснети околности, згаснувањето на неколку критички медиуми, зголемениот број на новинари кои останаа без работа, постојаните тужби и закани за тужби кон новинарите од страна на сегашни и поранешни носители на јавни функции, притисоците врз новинарите јавно да им се извинуваат на функционерите и политичарите, како и постојаната пропагандистичка хајка на провладините медиуми против новинарите кои имаат критички однос спрема власта, но и против меѓународните организации и меѓународните експерти за медиуми, слобода на изразување и заштита на човековите права.

Кулминација на ваквите загрижувачки состојби е вчерашното усвојување на Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Овие закони ќе ја зголемат контролата на власта врз медиумите и новинарите, и со самото тоа ќе предизвикаат натамошно влошување на слободата на медиумите и слободата на изразување.

Анализата на медиумското покривање на настаните поврзани со медиумските закони, во рамките на „Медиумското огледало“, покажа дека во јавноста се одвиваше интензивна, жестока и спротивставена дебата за потребата и опасностите од една ваква законска легислатива. Критичарите на законите, и покрај доминацијата на провладините медиуми, успеаја да ги анимираат, и домашната и меѓународната јавност, за критичните точки на предложените законски текстови и да алармираат за опасноста од дополнително загрозување на слободата на изразување и слободата на медиумите. Критичките медиуми особено информативните портали обезбедија најопсежно информирање кое ги вклучуваше сите засегнати страни и сите ставови поврзани со медиумските закони. Политички пропагандистичко информирање на оваа тема, беше регистрирано во провладините медиуми. Со различни техники на игнорирање на другата страна и на лични напади, медиумите кои ги поддржуваа законите, главно ја изместуваа дебатата и им даваа приоритет на политичките интереси на власта. Најчесто цел на напади, критики и дискредитации беа критичарите на законите. Во прилозите беше користена техниката на убедување – „кој зборува последен тој е во право“ – односно по критичките ставови на стручната јавност, граѓанските организации или меѓународните претставници, следуваа реакции на владините претставници или на провладини експерти кои ја „заокружуваа“ темата и плански влијаеја врз интерпретацијата на информациите.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top