43C0C8518FCC52409D3CE1C162FFE77F

Медарски: Намерата на Законот е да се избрише колективната свест на нацијата

на окт 6, 15 • од

Со ваков закон целосно се дерогира слободата на изразување, гарантирана со чл. 16 од Уставот и чл. 10 од Европската конвенција. Доколку тој се донесе, наместо на 123 место на листата на земји по слобода на изразување, сигурно ќе бидеме на дното...
Pin It

Home » Граѓанска сцена, Слобода за слободата на изразување » Медарски: Намерата на Законот е да се избрише колективната свест на нацијата

Самиот предлог за донесување на ваков закон е нешто невидено, нема преседан за нешто вакво во законодавствата на ниту една земја во светот, вклучително во најавторитарните режими како Северна Кореја, реагира адвокатот Филип Медарски.

Според него, со ваквиот закон целосно се дерогира слободата на изразување, гарантирана со чл. 16 од Уставот и чл. 10 од Европската конвенција. Доколку истиот се донесе, наместо на 123. место на листата на земји по слобода на изразување (под Мали на 122-то место, а над Ангола на 124-то место, каде што сме сега), сигурно ќе бидеме на дното, смета Медарски.

- Апсурдите во овој предлог на закон се толку многу што не знам од каде да почнам да набројувам. Нема да зборувам за рушењето на основните уставни постулати и меѓународни стандарди кои ќе произлезат од евентуалното донесување на законот и тоа ќе го оставам на професорите по уставното и меѓународно право и ќе се потрудам да се задржам на самиот текст на законот. Прво, за тој што неовластено прислушува останува постојното решение од членот 151 Кривичниот законик и тој ќе биде казнет согласно ставот еден од овој член со парична казна или казна затвор до една година, а тој што тие материјали ги објавува, пренесува, поседува (неверојатно, но навистина стои поседува во предлог законот!), обработува или располага со истите, ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години. Второ, доколку овие материјали се објават и тие предизвикаат меѓу другото правни последици за лице инволвирано во разговорите, согласно ставот 2 од членот 4 на предлогот, објавувачот би се казнил со казна затвор од најмалку пет години! Правна последица подразбира и осуда за кривично дело на лицето инволвирано во разговорите. Ова значи дека објавувачот (или whistleblower), кој со објавувањето овозможил некој да биде осуден за сторено кривично дело, би бил потенцијално изложен на осуда на затворска казна од најмалку пет години, еднаква на казната, предвидена за убиство. Трето, предлог-законот воопшто не дефинира ниту еден од основните поими со кои оперира и на вака недефинираниот галиматијас надоврзува тешки правни последици (казни затвор од најмалку четири, пет или десет години!) што е просто неверојатно. Па буквално секој ќе може да биде осуден на долготрајни казни затвор согласно овој закон! Каде е овде елементарната правна сигурност? – прашува Медарски.

Тој смета дека посебна приказна е обврската за предавање на материјалите од член 5 на предлог законот „секој кој поседува или има пристап до вакви материјали е должен во рок од пет дена да ги предаде на обвинителот“.

- Па секој кој има компјутер и интернет конекција со неколку клика има пристап до такви материјали, домашни или странски! Неверојатно! Очигледно е дека интенција на законот е од колективната свест на нацијата да се избрише постоењето на објавените материјали од „бомбите“, нешто што е сосема невозможно да се стори со донесување на закон! Поради ваквата невозможна цел која се сака да се постигне, имаме еден ваков закон, кој е спротивен на елементарната правна логика. Во цел свет има тренд на воспоставување на најсофистицирани правни механизми за заштита на лицата кои откриваат криминал и корупција на власта (whistleblowers), а кај нас се предлага донесување закон со кој нив ќе ги казнуваме со драконски казни! Повторно, неверојатно! – истакнува Медарски.

Извор: Плусинфо

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top