Градоначалникот Борјанчо Мицевски, претставници на полицијата, како и на другите јавни и образовни институции, на 19 ноември 2019, во Крива Паланка дебатираа на тема: „Граѓанско учество во позитивни сообраќајни практики и култура на однесување”, дел од истоимената акција организирана од здружението Норгес Вел, во соработка со НВО Инфоцентарот.
-Ова е акција која ја реализираме под мотото „Пази не ме гази” со која укажуваме дека сите сме одговорни како учесници во сообраќајот, сите имаме исти права и обврски и сите учиме едни од други.Оттука и целокупната одговорност на секој учесник во сообраќајот за подигнување на свеста кај граѓаните за позитивни практики., изјави Даниела Анастасовска, координаторка на акцијата.
На настанот се обрати градоначалникот на општината, а говореа и помошник-командирот за превенција и јавен ред и мир во полициска станица од општа надлежност Крива Паланка, Стојмир Стефановски, како и претставници од советот на родители од основните училишта.
– Многу важно за подобрување на состојбите во сообраќајот,но и во свеста на луѓето е да се говори јавно,да се разговара за нештата и да се унапредуваат. Ние како служба во сервис на граѓаните го спроведуваме проектот “Полицијата и граѓаните заедно” чијашто цел е да се зближат граѓаните со полициските служби, да соработуваат и да се пријавуваат сите забележани непрописни однесувања,сите небезбедни ситуации, прекршоци и останато, изјави помошник-командирот за превенција и јавен ред и мир во полициска станица од општа надлежност Крива Паланка, Стојмир Стефановски, На дебатата беше посочено дека според статистиките човечкиот фактор е причина за 90 проценти од сообраќајните незгоди со фатални последици.
Како дел од проектот Норгес Вел, на 23 ноември 2019, на пладне, во централното градско подрачје во Крива Паланка ќе се одржи теренска активност со дечиња и маскоти кои со пароли ќе им укажуваат на учесниците во сообраќајот за важноста на безбедноста на сите.
Оваа акција се реализира во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво”, поддржан од меѓународниот центар Улоф Палме.
Преземено од МИА