Медиумско огледало - извештај за февруари 2006
Македонските медиуми најголемо внимание им посветуваат наодносите на Македонија со Косово и со Хашкиот трибунал, како и на иницијативата на ЕУ за слободна трговска зона на Балканот. Кога станува збор за односите на Македонија со Косово, заедничко за сите медиуми е тоа што тие многу обилно го коментираат и анализираат идниот статус и внатрешното уредување на Косово, а поретко се занимаваат со прашањето, дали Македонија и Косово имаат меѓусебни територијални претензии. Сепак, постојат видливи разлики меѓу медиумите на македонски и медиумите на албански јазик.Додека во поголемиот дел од медиумите на македонски јазик ставовите се резимирани и нагласени во наслови од типот: „Демаркација пред статусот на Косово“, во медиумите на албански јазик се среќаваат токму спротивни наслови: „Демаркација по статусот на Косово“.
Што се донесува до македонските случаи во Хашкиот трибунал, медиумите ги разгледуваат настаните во контекст на претстојните парламентарни избори и најчесто ги опишуваат како „политички предизборни пазарења и договарања за постизборни коалиции“. И во рамките на оваа тема можат да се забележат видливи разлики меѓу медиумите на македонски и оние на албански јазик. Во медиумите на македонски јазик доминира наклонетоста предметите да се вратат и да се процесуираат во македонското судство, додека во медиумите на албански јазик преовладува ставот дека амнестијата важи за сите инволвирани во конфликтот од 2001 година.
Карактеристично за некои медиуми е и нагласеното, но не и оправдано присуство на нивните сопственици, активно вклучени во политиката. Тоа пред се, се однесува на ТВ „А1“, која му отстапува значајно и афирмативно присуство на Велија Рамковски, претседател на Партијата за економска обнова и на ТВ „Сител“ која повремено афирмативно го издвојува лидерот на Социјалистичка партија на Македонија, Љубисав Иванов – Ѕинго.
Ова се само дел од констатациите на квалитативниот мониторинг на медиуми, за февруари 2006 година, што го спроведе НВО Инфоцентарот. Во набљудувањето се опфатени шест дневни весници и шест ТВ куќи на национално ниво: „Вест“, „Вечер“, „Време“,„Дневник“, „Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“, ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“. Селекцијата на овие набљудувани медиуми е направена врз основа на влијанието што тие го имаат врз целокупната јавност во Република Македонија.
Медиумско огледало, февруари 2006 – PDF верзија (444KB)