Настанот, во организација на фондацијата Метаморфозис, го отвори амбасадорката на Франција во Република Македонија, Лоранс Оер, која ја потенцираше важноста на човековите права во добата на подем на интернетот и новите технологии.
„Денес повеќе од 1 милијарда луѓе се поврзани на интернет. Пристапот на интернет треба да се смета за основно човеково право, а ние сите треба да го заштитиме“ – рече г-ѓа Оер. „Нашите лични податоци се навистина скапоцени, а просторот на индивидуалната слобода треба да биде заштитен. Тука е засегнато граѓанското општество, образованието и јавниот сектор“, додаде таа.
Воведни говори имаа и нејзината екселенција Маријане Берец, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Љупчо Пренџов, заменик министер за локална самоуправа, Иво Ивановски, министер за информатичко општество и администрација, Робин Лидл, министерсоветник приДелегацијата на Европска Унија, Катрин-Амели Шасан, генерален секретар на Меѓународниот институт за човекови права и мир, и Бардил Јашари, директор на фондацијата Метамофозис.
„Кога сме поврзани на интернет треба да внимаваме на нашите постапки. Луѓето се регистрираат на сервиси и апликации без да ги читаат нивните права и обврски, и без да знаат што ќе се случи со нивните податоци. Потребна е обука на граѓаните за да ги знаат нивните права и обврски кога користат интернет“. – рече министерот Ивановски.
„Сите сакаме да сме безбедни, но користиме интернет без да размислиме како тоа влијае на нашата безбедност“ – смета Маријанер Берец, упатувајќи на одговорно користење на интернетот. „Мора да внимаваме како се однесуваме едни кон други“, додаде таа.
„Без слобода на изразување не можеме да имаме добро воспоставен систем. Слободата на изразување е основа за демократија, стабилност и развој“ – апелираше Робин Лидл.
Бардил Јашари потенцираше дека не треба да се плашиме од интернетот, туку преку едукација и градење свест за сигурно и одговорно користење на интернетот тој да остане слободен.
Во останатите сесии, за слободата на изразување, говорот на омраза на интернет и приватноста, говореа експерти од земјата и странство.
Конференцијата се спроведе во рамки на проектот „Децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија“, а во соработка со Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен и претставува продолжување на долгогодишната соработка на Метаморфозис и регионот Долна Нормандија во областа на човековите права.