Народниот правобранител е најважна и клучна независна државна институција која треба да ги промовира и штити човековите права на граѓаните во Република Македонија. Имајќи го предвид ова, НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на Народниот правобранител“, од декември 2016 година, континуирано ја набљудува работата на Народниот правобранител.
Главниот фокус на овој петти периодичен извештај се јубилејната двасетгодишнина на Народниот правoбранител, неговите специјални надлежности, со посебен фокус на механизмот за надворешна контрола врз работата на полицијата и односот на државните институции спрема препораките на Народниот правобранител.
За потребите на овој извештај беше направена анализа на законите и други документи поврзани со специјалните надлежности на Народниот правобранител, Годишниот извештај за работата на Народниот правобранител за 2017 година, а беа подготвени и доставени прашалници до осум министерства и институции: Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи, Основното јавно обвинителство, Врховниот суд, Апелациониот суд, Судскиот совет, Основниот суд Скопје 1 и Основниот суд Скопје 2.
Прашалниците се однесуваа на тоа дали и како овие институции соработуваат и ги спроведуваат препораките на Народниот правобранител, во насока на поголема заштита и почитување на правата на граѓаните. До затворањето на овој извештај, не добивме одговори од три судови: Врховниот суд, Апелациониот суд и Основниот суд Скопје 2.
Клучни наоди:
- Измените на Законот за Народниот правобранител, од 20 февруари 2018 година, дополнително го зајакнуваат мандатот на оваа институција односно, овозможуваат создавање посебно надворешно тело, како дополнителен коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од страна на овластени службени лица во Министерството за внатрешни работи (МВР) и припадници на затворската полиција.
- Според досегашната динамика, како и фактот дека допрва ќе следи процесот на вработувања во канцеларијата на Народниот правобранител и изборот на тројца претставници од граѓанскиот сектор, механизмот за граѓанска контрола ќе биде формиран, во најдобар случај, дури кон крајот на годината.
- За бавноста на процесот за целосно воспоставување на надворешниот систем за надзор врз работата на МВР, говори и податокот дека сė уште не се донесени ниту потребните измени на Законот за судови и на Законот за јавно обвинителство. Овие законски измени се наоѓаат во собраниска процедура, но кога ќе бидат усвоени е неизвесно бидејќи за нив е потребно двотретинско мнозинство.
- Зголемувањето на надлежностите на Народниот правобранител, мора да има и фискални импликации односно неговиот годишен буџет мора да биде зголемен сразмерно на неговите нови потреби.
- Бројот на претставки доставени до Народниот правобранител во 2017-та, е намален за 15% во споредба со 2016 година и претставува најниска бројка на претставки во изминатите пет години. Најголемиот број од констатираните повреди на правата на граѓаните во 2017 година, се однесуваат на финансиите, правосудството и социјалната заштита.
- Што се однесува до постапувањето на институциите, во 2017 година, во 85,31% од случаите, органите на државната управа, другите органи и организациите со јавни овластувања, ги прифатиле интервенциите на Народниот правобранител.
- И покрај тоа што институциите сакаат да покажат отвореност за соработка со Народниот правобранител, како и ефикасност во постапувањето по неговите укажувања и препораки, сепак, очигледно е дека нивното постапување, во суштина, се сведува на доставување формални одговори, кои во принцип не можат да претставуваат основа за констатирање на фактичката состојба или на донесување релевантен заклучоок за состојбите. Очигледно е и отсуството на разбирање на улогата на Народниот правобранител како коректор на власта, кој треба да придонесе за покачување на степенот на почитување, остварување и заштита на човековите права и слободи. Институциите покажуваат главно дефанзивен однос кон неговите критики, без самокритичност што шпкажува дека во суштина не постои вистинска волј да се преземат мерки за надминување на системските слабости кои директно влијаат на квалитетот на остварувањето на човековите права.
- Правосудните институции покажуваат негативна тенденција кон соработката со Народниот правобранител. Ваквиот заклучок недвосмислено произлегува од нивните општи и формални одговори, кои главно се сведуваат на повикување на закони, членови од закони, меѓународни документи и конвенции. Пристапот кон материјата е сосема несоодветен и недостигаат релевантни информации за есенцијалните прашања поврзани со работата на судовите, особено затоа што, редовна забелешка во речиси сите меѓународни и домашни извештаи, е одолжување на судските постапки. Видливо е отсутството на волја да се дадат информации и за начинот на кој ќе се остварува надлежноста на Народниот правобранител како „пријател на судот“, но и за воспоставувањето на механизмот за надворешна контрола врз полицијата. што треба да биде причина за загриженост во периодот што доаѓа.
- Фактот што од вкупно осум институции, три и тоа, од областа направосудство (Врховен суд, Апелационен суд и Основен суд 2), не одговорија на доставениот прашалник, дополнително зборува за нивната затвореност, нетранспарентност и однос кон институцијата Народен правобранител и секако, спрема граѓанскиот сектор, што уште еднаш го потврдува заклучокот дека наместо критиките да се разберат како повод за преземање дејствија за надминување на слабостите, се оди во насока на непризнавање и повторно прикривање на релевантните факти.
- Дел од институциите ја изразија својата проценка дека постои потреба од унапредување на соработката со Народниот правобранител преку редовни меѓусебни состаноци и размена на информации, но притоа, не покажаа про-активност, туку, очекуваат иницијативата да дојде од страна на Народниот правобранител.
Интегралниот текст на извештајот може да го прочитате на следниов Monitoring izvestaj Ombudsman_broj 5_final (1)