14656

Идилична европска агенда

на окт 15, 12 • од

Повеќето медиуми најголем дел од медиумскиот простор му отстапија на некритичкото пренесување изјавите на политичарите, на сметка на известувањето и коментирањето за конкретните реформи предвидени во ПДВН...
Pin It

Home » Мониторинг на Медиуми » Идилична европска агенда

Во периодот опфатен со овој мониторинг (април – септември 2012), медиумите интензивно информираа за Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН), особено затоа што во мај и во септември еврокомесарот Штефан Филе, во два наврати, го посети Скопје.

Како и во претходниот период (јануари – април 2012), повеќето од медиумите ја поддржаа агендата на власта, која дијалогот го претставува како голем успех на Македонија во евроинтеграциите. Медиумите ја прифатија улогата на пасивни пренесувачи на изјави и ставови, посветувајќи малку медиумски простор за анализа, коментари и издржани критички ставови. Премалку се коментираше за тоа што ќе биде конкретниот резултат на ПДВН, а тоа најмногу се должи на фактот што во овој период настана дефинитивна позитивнапромена на реториката на Брисел кон Владата. Затоа, клучна разлика во однос на периодот пред објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2011 година е изменетиот тон на провладините медиуми, кои ЕУ веќе не ја претставуваат во негативно светло, туку како партнер кој позитивно ги цени напорите на Владата.

Повеќето медиуми најголем дел од медиумскиот простор му отстапија на некритичкото пренесување изјавите на политичарите, на сметка на известувањето и коментирањето за конкретните реформи предвидени во ПДВН. Како последица на ваквиот начин на информирање, граѓаните многу малку или воопшто не разбраа за што всушност се разговара во ПДВН и со тоа им се одзеде можноста да формираат мислење за конкретните придобивки од реформската агенда. Исто така, медиумите пропуштија да ја информираат јавноста дека повеќето од прашањата што се дискутираат во рамки на Дијалогот се дел од приоритетите на Пристапното партнерство од 2008 година.

Со некритичкото и селективно пренесување на ставовите на политичарите, медиумите го зацврстија впечатокот кој го создаваше власта дека ПДВН ќе доведе до започнување на преговорите за членство со Унијата. Со тоа се подигнаа очекувањата на граѓаните, што може да доведе до разочарување и намалување на кредибилитетот на процесот на проширување поради (најверојатното) недоделување датум за преговори во декември 2012 година. Во овој контекст, малку внимание им се посвети на пораките како на Брисел така и на некои други држави членки на ЕУ за потребата од добрососедски односи. Исто така, не се отворија прашањата кои се логични, доколку власта е навистина убедена дека државата ќе добие датум за преговори, како што е дебатата за профилот на главниот преговарач и подготвеноста на преговарачките тимови.

За разлика од минатиот мониториран период, во овој не постоеше толку интензивно инсистирање на манипулацијата дека ПДВН претставува „некоја форма на скрининг“ или „скриени преговори“ во кои Македонија, по поглавјата 23 и 24, ќе отвори нови поглавја. Во овој период е констатирана намалена присутност во јавноста на вицепремиерката Арифи како носител на ПДВН, бидејќи како носители на процесот медиумите ги претставија премиерот Никола Груевски и министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Преземете го целосниот текст на анализата.

Мониторинг на медиуми, октомври 2012: Идилична европска агенда (544KB)

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top